IN MEMORIAM: ЈАДРАНКА ВЛАДОВА (1956-2004) | ГОДИШЕН ЗБОРНИК (2011)
Постои едно
никогаш-не-кажано-а-подразбрано-нешто,
кое ни дошепнува:
ако спомените постојат смртта ја нема.
Имав привилегија и среќа да бидам студент во една од првите генерации кои слушаа вежби по литературна теорија кај асистентката Јадранка Владова. Подоцна имав можност да работам со неа како со колешка која, трпеливо и упорно, стануваше моја доверлива и блиска пријателка. Од неа научив нешто што денес го препознавам како азбука на љубовта, онаа христијанската која дава без да очекува добивка. Беше талентирана писателка, страсен читател и библиофил. Една од ретките кои купуваа книги, не за да ги трупаат посесивно во своите семејни библиотеки, туку за да ги раздаваат како нафора. Зашто, Јадранка веруваше во бесмртноста. Не во онаа персоналната, ами во универзалната која преживува во секавањето на пријателите, во спомените што ги оставаме и во делата што ги создаваме.
Сестрана во своите настојувана да ja практицира и живее литературата, Владова остави бележити траги во повеќе сфери од културниот и општествениот живот кај нас. Се продави во белетристиката, есеистиката, критиката, литературната теорија. Како универзитетски професор по литература таа беше страсен читател и ревносен толкувач на збиднувањата во културниот и општествениот живот. Потврда за тоа се нејзините „мисионерски активности" во сферата на јазикот и културата сврзани со професионалниот ангажман како лектор по македонски јазик и литература на Карловиот Универзитет во Прага, нејзиното долгогодишно и пожртвувано учество на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид и Ораторската работилница во рамките на Женските студии при СОЖМ во Скопје.
Јадранка Владова беше повеќегодишен уредник на македонското издание на Lettre Internationale - европска ревизија за култура, член на Друштвото на писателите на Македониза од 1991 год., член на Македонскиот ПЕН Центар, претседател на Сојузот на друштвата по македонски јазик и литература, автор на две книгки искази, една драма, четири романи за деца, голем број есеи, критики и антологии, составувач на речник и преведувач од хрватски, српски, бугарски и чешки јазик - една широка уметничка, научна и интелектуална актива.
Нејзиното креативно присуство во македонската литература ja засведочува како неуморен истражувач и раскажувач. Потврда за тоа се: „Скарбо во мојот двор" (1986); „Воден знак" (1990); „Измислување на светот" (1991); „Мојот пријател А" (1992); „Девојчето со две имиња" (1993); „Волшебноста на зборот" (1994); „Македонско-чешки речник" (1998): „Гледалото зад огледалото" (1999); „Деца како мене" (македонска верзија на изданието на UNICEF: „Children just like me", коавторство со Владимир Тодоров, 2000); „Куќа" (2001); „Исток-Запад" (2002); „Читање на светската литература" (2002); антологиите: „Најмладата македонска поезија" (со Биљана Ангеловска, 1987); „Полемиките во македонската литература" (1988) и „Антологија на програмската поезија: Куќа за зборот" (1991); големиот број преводи и препеви: „Машки врисок" (од Борис Билетик); „Ние врапчињата" (од Јордан Радичков); »Другидот од Синдидун" (од Владислав Бајац), како и неколку учебници по литература наменети за основните и средните училишта.
Сиот творечки опус на Јадранка Владова е сведоштво за фактот дека таа најдобро знаеше да живее преку љубовта кон професијата. Нејзината љубов кон литературата беше љубов кон животот, чувство свртено кон другиот, настојување со кое таа секогаш беше во предност пред другите, како што е чинот во предност пред можноста, активноста пред пасивноста, суштината пред случајноста. Јадранка Владова беше една од ретките кои поттикнати од насладата на некоја прочитана книга или интимен момент на среќа, знаеше да подарува лични предмети за спомен. Но она што животот не и го подари лесно а кое и значеше повеќе од се, беше наклонетоста за која се избори кај своите студентите од сите генерации кои созреваа на нејзините часови по литература, студентите кои беа нејзина вистинска инспирација, кои единствени знаеа како да го покренат нејзиниот огромен ентузијазам за пренесување знаења и чувството за правдина, онаа невидлива енергија подготвена да преживее поднесувајќи jа болката од загубата, како трајна константа, како „бесконечно повторување на првиот миг".
2011
Comments
Post a Comment