ВО КАНЏИТЕ НА ИМПЕРИЈАЛНАТА МОЌ И НАСПРОТИ НЕА (ЕСЕИЗИРАНАТА ПАТОПИСНА РЕПОРТАЖА НА РИШАРД КАПУШЌИЊСКИ) | Folia philologica Macedono-Polonica, Том 12
Апстракт:
Овој текст се однесува на есеизираната патеписна репортажа Империјата од
реномираниот полски новинар и писател Ришард Капушќињски (Ryszard Kapuściński),
чии патувања по географската широчина на некогашниот СССР, сведочат и за
длабочините на неговата историја. Соочувајќи нѐ со подемот и падот на комунизмот
во оваа земја, со неговата империјална и тоталитарна моќ, со проблемот на
депортациите во сибирските логори и гладта во времето на советскиот режим,
Капушќињски ја открива и психологијата на некогашниот homosoveticus, но и
проблемите со неговиот специфичен начин на размислување и преживување во сурови
историски услови. Тоа, од една страна, го отсликува великорускиот
империјалистички стремеж за доминација и експанзија, но ја покажува и желбата
на неруските советски републики, за ментална и политичка деколонизација. Свесен
дека не постои единствена нација и идеологија којашто би можела да ги опфати интересите
на двесте милиони луѓе, Капушќињски говори за силите на интеграцијата и силите
на дезинтеграцијатата во некогашниот СССР, илустрираајќи го колапсот на оваа
колонијална суперсила, заедно со проблемот на (само)идентификацијата на
нејзините многубројни национални и конфесионално различни идентитети.
Автобиографизмот присутен во есеизираниот репортажен стил на Ришард Капушќињски,
зачинет со цитати од туѓи книги, го отсликува неговото емотивно патување низ
комунистичкиот 20 век, испишувајќи една искуствена и горка приказна за земјата
на Советите.
Клучни
зборови: Капушќињски, империјализам, комунизам, дезинтеграција, патописна
репортажа.
Првиот впечаток што се добива кога се чита
книгата со метафоричен наслов Империјата
(1993) е една искуствена и горка приказна за земјата на Советите. Нејзиниот автор,
реномираниот полски новинар и писател Ришард Капушќињски (Ryszard Kapuściński),
е светски познат патописец, наградуван но и оспоруван известувач, предмет на бројни
полемики кои, понекогаш, го доведуваат во прашање неговиот кредибилитет, но и
вредноста на неговите репортажи. Сепак, личната биографија на Капушќињски –
која на директен и индиректен начин е сврзана со оваа источноевропска
суперсила, чијашто географска, политичка и воена големина оставила длабоки
траги, не само врз историјата на полската држава, туку и врз народите на
комунистичка Европа – дава делумен одговор на прашањето за неговата мотивација,
одблизу да го види, почувствува и прокоментира историски подем и пад на СССР. Роден
во пограничната област Полесје, во мултинационалниот град Пинск (кој некогаш
припаѓал на Полска, а денес на Белорусија), своите први искуства со силата на
империјалната моќ, (не)припадноста, границите и другоста, Ришард Капушќињски ги
стекнува токму во годините пред Втората светска војна, кога неговиот роден град
ќе се најде под советска окупација. Таа трауматична епизода од навлегувањето на
Црвената армија во територијата на полската држава, ја отвора заправо целата
книга навестувајќи го историскиот, политичкиот и културолошкиот предизвик со кој,
во неколку наврати, години подоцна, ќе се соочи и самиот.
Имено, под закана од депортација во сибирските логори на смртта, уште како дете, Ришард Капушќињски ќе го напушти Полесје и пролетта 1940 година, заедно со својата мајка и сестра, ќе замине за Варшава. Таму повторно ќе го пронајде татка си, кој успеал да го избегне некако масакарот во Катинската шума, што врз илјадниците полски офицери и интелектуалци го направила советската тајна полиција. Затоа и не зачудува автобиографизмот присутен во есеизираниот репортажен стил на Капушќињски. Зачинет со цитати од бројни книги, тој му отвора перспектива на еден полифоничен прозен израз, чиј филозофски, феноменолошки, па на моменти дури и ориенталистички призвук, отсликува едно впечатливо патување низ комунистичкиот 20 век, во кој е претставен животот на советскиот човек, како и сликата на другоста во годините пред и по Втората светска војна. Но, иако во голема мера се потпира на историски податоци и факти, како опитен новинар и публицист, Капушќињски не го потценува искуството на читателот. Обидувајќи се да го придобие неговото внимание, во кусиот предговор ќе рече:
„Оваа книга е составена од три дела (...) Напишана е полифониски, што значи дека низ нејзините страници се провлекуваат ликови, места и мотиви кои можат неколкукратно да се повторуваат во различни времиња и контексти. Сепак, спротивно на принципот на полифонијата, целината не завршува со една повисока и завршна синтеза, туку напротив – се дезинтегрира и се распаѓа, зaшто во текот на пишувањето на книгата, се распаднa и нејзиниот главен предмет – големата советска сила. На нејзино место настанаа нови држави, а меѓу нив – Русија огромна земја, населена од народ кој со векови го придвижувала и обединувала империјалната амбиција. Оваа книга не е ниту историја на Русија или на поранешниот СССР, ниту историја на раѓањето и падот на комунизмот во таа држава, ниту пак прирачна збирка на знаењето за Империјата. Таа е лично видување од патувањата што ги направив по големите региони на оваа земја... обидувајќи се да стасам онаму каде што ми дозволија времето, силата и можностите“ (Капушќињски, 2014: 7-8; курзивот е мој).
Дваесетина години по првата тет-а-тет средба со Империјата, Капушќињски уште во три наврати ќе го посети Советскиот Сојуз. Фасциниран од големината на оваа земја, обидувајќи се да ѕирне зад нејзината непроѕирна и тешка завеса, тој ќе ја прифати можноста да ги пропатува нејзините периферни региони: најнапред, во 1958 година, кога со Трансибирската железница ќе стигне до тешко достапните снежни предели на Сибир, а потоа и во ’67-мата, кога ќе го посети советскиот Југ.
Првото патување ќе му помогне да ги искуси, барем делумно, суровите животни услови на регионот кој, како што и самиот вели, „во својот злокобен, окрутен облик, е едно студено, замрзнато пространство + диктатура“ (2014: 33), но и да сфати дека за советскиот човек од (и по) епохата на сталинизмот, географските граници не претставувале само потврда за тоталитарната моќ на државата којашто демократскиот свет ја доживувал како комунистички бастион, туку и „гранични ситуации“ кои, небаре бодликави жици, го означувале преминот меѓу животот и смртта4. За идеолошките неистомисленици на Советскиот Сојуз тие биле предупредување дека се пречекорува границата на еден друг свет, „свет на мртва сериозност, наредба и послушност“ од кој тешко можело да се излезе (2014: 28). Предочувајќи ги проблемите сврзани со депортациите и отчовечувањата на луѓето коишто завршувале во сибирските логори на смртта, како и траумите од гладоморот и изолираноста на советското општество во сталинистичкиот и постсталинистичкиот период, Капушќињски ќе се обиде да ја открие и предочи психологијата на некогашниот хомосоветикус, неговиот специфичен начин на размислување и преживување, во сурови историски и политички околности.
При втората посета на Империјата, која се случува во 1967 година, овој полски новинар и публицист ќе ги пропатува седумте неруски републики на тогашната држава. Но расната и културната хибридност во таа, мултиетничка и идеолошки монолитна заедница, ќе ги надмине неговите очекувања. Воочувајќи ги, одблизу, разликите меѓу централноазиските народи кои беа дел од некогашниот СССР, Капушќињски ќе се увери дека, „и покрај крутиот војнички корсет на советската влада, тамошните мали, но прастари народи сепак успеале да зачуваат нешто од своите традиции, од својата историја, од својата гордост криена од нужда... Таму го открив источниот килим распослан на сонцето кој привлекуваше внимание со разнородноста на своите оригинални шари“, ќе запише тој, воодушевен од егзотичните древни култури на монолитната Империја (2014: 43). Но свесен дека не постои единствена нација, како што не постои ни единствена идеологија, којашто би можела да ги опфати интересите на двесте милиони луѓе, во таа навидум еднообразна земја, „во која сѐ изгледаше еднакво, сиво и тмурно“ (2014: 43), освен силите на интеграцијата, Капушќињски ќе ги насети и силите на дезинтеграцијата, како и желбата за ментална и политичка деколонизација, којашто ќе ги зафати подоцна десетиците русификувани народи на СССР.
Но пред да се случи тоа, овој неуморен хроничар на 20 век повторно ќе го посети Советскиот Сојуз. Избегнувајќи ги официјалните институции и траси, Капушќински и овојпат ќе стигне до арктичкиот поларен круг, па оттаму до воените зони на Кавказ. Така, во периодот од 1989 до 1991 година, тој ќе измине над 60 илјади километри и ќе ги посети сите петнаесет советски републики. Свесен за грандиозните димензии на земјата „со површина од 22 милиони километри квадратни и копнени граници долги 42 илјади километри“ (2014: 89), Капушќињски ќе напише дека, за време на Студената војна, имало две географски карти, две визии кои го прикажувале изгледот на земјината топка. На едната, онаа којашто ја печател The National Geographic (USA), двата американски континента биле поставени во средината, опкружени со водите на Атлантикот и Тихиот Океан, додека „поранешниот Советски Сојуз бил пресечен на половина и дискретно разместен на обата краја од картата, за да не ги плаши американските деца со својата големина“ (2014: 170). Картографите пак, на Институтот за географија во Москва, промовирале сосем поинаква перцепција. Во неа, Америка била пресечена на половина и распослана на маргините, додека во централниот дел на мапата лежел Советскиот Сојуз, „гмечејќи“ ги набљудувачите со своите застрашувачки димензии. Како „визуелен надомест, своевидна емоционална сублимација и предмет на нескриена гордост“ (2014: 170), овие географски карти на кои бил прикажан изгледот на Земјината топка, кажувале многу за политичките амбиции на двете суперсили, но втората, вели Капушќињски, ја отсликувала, меѓу другото, и грандиозната автоперцепција на Советската Империја, желна за економска експанзија и идеолошка доминација.
Во книгата насловена Империите: логиката на владеењата со светот (од Стариот Рим до Соединетите Држави), Херфрид Минклер (Herfried Münkler) тргнува од тезата дека за појавата и раѓањето на империите, покрај нивната географска положба, од голема важност е и односот на Центарот кон периферијата. Тој однос ја отсликува борбата за престиж, но за разлика од хегемонијата која подразбира доминација на една држава меѓу формално еднакви политички страни, империјализмот не познава рамноправни политички актери – подредените страни имаат статус на вазални држави-сателити или колонии кои, во поголема или помала мера, зависат од силите на моќта. Што се однесува до историјата на Руската империја, вели Минклер, за неа е карактеристичен еден „внатрешен колонијализам“ кој подразбирал принудно преместување на руското население од европските кон сибирските и азиските делови на земјата. И не само како обид за зацврстување на државните граници, туку и како императив кој ја отсликувал политичката моќ на Кремљ (Minkler, 2009: 36).
Овој внатрешен колонијализам сведочи, всушност, за една парадоксална, безмалку дури и шизофрена6 позиција во која се нашла руската нација, смета Хозе Монфред Саи (Jose Monfred Sy) во обемната студија под наслов „Ришард Капушќињски како номад: деимперијализирање на современиот патопис“. Свикната да ја исполнува волјата на владејачката елита (за создавање глобална пролетерска држава на еднаквост, благосостојба и правда), таа всушност ја спроведувала контроверзната политика на Кремљ, задоволувајќи ги неговите експанзионистички интереси, вели Саи. На тој начин ја потврдувала тезата дека СССР бил само социјалистички по име, но империјалистички по својата суштина (Sy, 2018: 217-218). Ако кон ова се придодаде и Сталиновата стратегија за мешање на расите, која траела со поколенија – а имала за цел да го поткопа традиционалното руско општество и да создаде етнички искоренет човек, „отцепен од својата култура, од својата средина и пејзаж, а со самото тоа и побеспомошен и попослушен во однос на наредбите на режимот“ (Капушќињски, 2014: 140) – тогаш може да се согласиме со авторот на Империјата дека идејата за создавање безоблична и покорна маса „комсомолски регрути“, требало да го елиминира чувството за припадност кон некоја од бројните националности, за сметка на лојалноста кон Советската држава. Тоа ја правело Империјата сѐ поанахрона и понеприфатлива за очите на демократскиот свет, кој ја гледал како terra incognita. Особено во периодот на Студената војна, кога поради наметнатиот модел на бирократски контролирано управување и дисциплинирано владеење, режимската политика на СССР, не само што го амортизирала продуктивното граѓанство, туку и го изолирала од светот. Не можејќи да се носи со предизвиците на новото време, тоа несвесно го поткопувало системот. Социјалистичкото уредување ја губело својата сила. Режимот влегол во криза и се распаднал како кула од карти.
Во такви историски околности, насетувајќи го колапсот на Советската Империја, Капушќињски посакал одблизу да ги согледа ефектите од неговото влијание. Како некој што солидно ги познавал историјата, политиката и јазикот на оваа земја, решил да напише книга што ќе ја разберат и тие кои не биле директно засегнати од искуствата на комунизмот. Така, на големото вербално платно кое го покажувало, од една страна, некогашниот сјај на Царска Русија, а од друга страна бедата на советското социјалистичко општество, Капушќињски оставил простор и за обичниот човек. Сликајќи ја неговата менталната и физичка издржливост, тој ја надополнувал со уверливи книжевни пасуси кои ја опишувале руската степа и ледениот Сибир, бурното Закафказје и егзотичниот Југ. Преземени од странски патеписци и романописци, зачинети повремено и со морничавите приказни на советските дисиденти, тие белетристички описи на природата, само ја надополнувале сликата за плански создаваното „шаховско поле на Сталин“, креирајќи една стереотипна, европоцентрична претстава за Советскиот Сојуз.
Но наспроти сите очекувања, лавината од настани кои во декември 1991 година ќе ја зафатат оваа земја, ништо не можело да ги спречи. „Дваесеттиот век не беше само век на тоталитаризми и светски војни, туку и најголема епоха на деколонизација во историјата. На светската мапа се појавија повеќе од сто нови држави, цели континенти добија, во најмала рака, формална независност. Се раѓа Третиот свет и започнува големата географска експлозија... Од тоа ќе произлезат низа проблеми, кои ќе го загрижуваат 21 век“ (2014: 312), напишал Капушќињски, свесен за „трите црни облака“ што и денес го брануваат светот. „Падот на комунизмот во СССР се случи релативно без пролеана крв... Но денес се пролева крв онаму каде што во напад тргнува заслепениот национализам, религиозниот фанатизам или зоолошкиот расизам“, вели тој (2014: 326-327). Иако е загрижен за иднината на светот, Капушќињски е уверен дека „големите општества имаат голема внатрешна сила. Тие имаат доволно животна енергија и неисцрпни резерви од секаква моќност, за да се кренат во најболните порази и да излезат од најтешките кризи... Овој општ закон на развојот на човештвото, секако, се однесува и на Русија“, заклучува тој (2014: 334).
Во споменатата студија за „номадизмот“ на Капушќињски, Хозе Монфред Саи (Jose Monfred Sy) потсетува на трите перспективи од кои е раскажана книгата. Тие, вели Саи, ги откриваат трите гледни точки на авторот: првата, како колонизиран субјект (времето кога Полска била окупирана и асимилирана од СССР); втората како номад-патописец (период од 1958 до 1991 година, кога во три наврати Капушќињски го посетува Советскиот Сојуз); и третата како политички коментатор (периодот на дезинтеграцијата на СССР, опишана истовремено и како деколонизација). Ете како, од една перспектива, би рекол Саи, некогашниот колонизиран ја поткопал позицијата на својот колонизатор, допуштајќи му на својот наратив, од критика на комунизмот, да премине во критика на империјализмот (Sy, 2018: 202-203).
Интересно размислување околу гледните точки на нараторот дава и авторката на текстот „Слики од животот на Империјата“. Имено, Изабела Сариуш-Скомпска (Izabella Sariusz-Skąpska), го застапува мислењето дека за Русија, без оглед дали е царска, советска или постсоветска, може да се зборува на три начини: со „поглед озгора“ – кој ја отсликува (западно)европската супериорност; со „поглед оздола“ – кој не ја иритира „источната (азиска!) мечка“; или со „поглед faceto-face“ – кој прво ја запознава Русија а потоа ѝ суди, без чувство на филија или фобија. „За жал, Капушќињски не е доследен во одржување на една конкретна димензија; неговите заклучоци често се премногу избрзани“, констатира таа и појаснува дека, поради личните спомени од детството, фрагментираните записи од разговорите со домицилното население и прекумерно вметнатите белетристички цитати, Капушќињски се откажал од обидот длабоко да го разбере СССР, пополнувајќи ги страниците на својата репортажа „повеќе со книжевни ликови, одошто со живи луѓе“ (Sariusz-Skąpska, 1994).
И други проучувачи на делото на Капушќињски имаат забелешки за начинот на неговото пишување, но јас ќе се задржам сега, само на уште еден критички интониран текст. Во него, авторот Павел Зајaс (Paweł Zajas) ги сублимира размислувањата на неколку проследувачи и биографи, но фокусот го става на два провокативани текста за книгата на Капушќињски. Едниот е на Максим К. Валдштајн (Maxim K. Waldstein), руски книжевен научник кој работи на американски универзитет и е еден од ликовите во Империјата, а другиот е на полската авторка Александра Хомјук (Aleksandra Chomiuk). Во полемички интонираниот одговор на Хомјук, не само што е маргинализирана и оценета како „карикатурална“ Валдштајновата критика за ориенталистичкиот карактер на патописот кој ја прикажал Русија како „патолошка Другост на Европа“, вели Зајас, туку е застапено и мислењето дека текстот на рускиот научник е еден од оние опортунистички гласови кои погрешно ја интерпретираат постколонијалната теорија, релативизирајќи го репресивниот карактер на рускиот колонијализам во Полска и потценувајќи ја полската свест за политичката зависност од Русија (Zajas, 2014: 239-240). Но, колку и да се чинат умесни некои забелешки на Хомјук, не треба да се отфрли сосем критиката на Валдштајн, вели Павел Зајас, свесен за фаталистичкиот детерминизам во репортажата на Капушќињски. Тој го дели мислењето на Валдштајн дека вметнатите цитати и описи на природата во Империјата, ја генерирале стереотипната претстава за рускиот менталитет, која тешко може да се оспори. Затоа, „вреди да се вратиме уште еднаш на поинтересните точки од Валдштајновата критика на Капушќињски: неговата фетишизација на дивиот свет и природата... и постојаната потреба да ја демонстрира „стереотипната“ природа на руското размислување“ (2014: 247). Овој став само ја потврдува тезата на рускиот научник, дека „имагинативната географија“ во Империјата на Капушќињски е искористена како ориентализирачка алатка во креирањето на една „романтичарска антропологија“. Знаејќи колку за еден репеортер е важна теренската работа, Зајас сепак констатира дека експоненцијалноста на личното искуство во Империјата е помала од експоненцијалноста на книжевните сведоштва, чии гласови се побројни од гласовите на домородното население со кое комуницирал Капушќињски на своите патувања по Советскиот Сојуз (2014: 245). Се разбира, никој не би се осмелил да го оспори престижот што овој полски новинар го стекнал како репортер, впрочем тој никогаш и не се однесувал како „етнограф од фотелја“, но на страниците од својата книга си дозволил да се однесува безмалку како Богот на Флобер, „играјќи ја улогата на писател кој никогаш не престанал да биде известувач“. И сето тоа благодарение на трите перцепции што успешно ги вклопил: личното искуство застапено најмногу во првиот дел од книгата, етнографскиот потпис „да се биде таму“ што го оставил во вториот дел и политичкиот став на антитурист, што го искажал во третиот дел од книгата (Zajas, 2014: 241-242).
Би можеле, секако, да се изнајдат и други забелешки за Империјата на Ришард Капушќињски, но не треба да се пренебрегне фактот дека нејзината полифонична композиција – импрегнирана со белетристички, политички, па и теолошки цитати, во кои гласот на известувачот се меша со гласовите на познати автори – никого не остава рамнодушен. Есеистичко-белетристичкиот призвук на Империјата, не само што го проширува тематскиот опсег на полската патеписна репортажа, туку ја демонстрира и граничната позиција на нејзиниот автор, кој е истовремено и новинар и есеист, и патеписец и белетрист. Автореферентните и метатекстуалните опсервации на Капушќињски, како и метафорички поставените прашања, постојано го провоцираат читателот преиспитувајќи го неговото когнитивно искуство, но правејќи го истовремено и свесен за предизвиците на новото време, кои ги надминуваат настаните опишани во книгата. Тоа ја прави оваа репортажа маркантно различна од другите.
Литература
Etkind, Alexander. 2022. „Defederacija Rusije“, Peščanik, 16/06/2022 Available at: >https://pescanik.net/defederacija-rusije/<
Kaljinjin, Ilja. 2023. „Od sovjetske nacionalne politike do postsovjetske politike sjećanja“, Peščanik, 25/01/2023 Available at: >https://pescanik.net/odsovjetske-nacionalne-politike-do-postsovjetske-politike-pamcenja/<
Капушќињски, Ришард. 2014. Империјата; превод од полски јазик Лидија Танушевска, Скопје: Бегемот.
Minkler, Herfrid. 2009. Imperije: logika vladavine svetom, (od Starog Rima do Sjedinjenih država), Beograd: Službeni glasnik, Albatros plus Zajas, Paweł. 2014. „Lost Cosmonauts: On Ryszard Kapuściński’s Imperium and Its Critics – Once More“, Teksty drugie, Vol. 2, pp. 237-252. Available at: >https://repository.up.ac.za/bitstream/handle/2263/45652/Zajas_Lost_2014.pdf?sequence=1&isAllowed=y<
Sariusz-Skąpska, Izabella. 1994. „Obrazki z życia Imperium”, recenzja książki „Imperium” Znak nr. 3/1994, data publikacji: 1994-03-01 Available at: >https://kapuscinski.info/obrazki-z-zycia-imperium-recenzja-ksiazki-imperium<
Sy, Jose Monfred. 2018. „Ryszard Kapuściński as Nomad: De-imperializing the Contemporary Travel Text“, Unitas, Vol. 91, No. 1, May 2018, p.176-230. Available at:
>https://unitasust.net/wp-content/uploads/2018/07/UNITAS-91-1-May-2018-Issue-1.pdf<
Wysocka, Aneta. 2021. „The autobiographical “self” in Ryszard Kapuściński´s empathetic journalism“, Published by De Gruyter, July 25, 2021 Available at: >https://www.degruyter.com/document/doi/10.1515/humaff-2021-0028/html<
Web Site: RYSZARD KAPUŚCIŃSKI - PISARZ, REPORTER, POETA. Available at: >https://kapuscinski.info/biografia-ryszarda-kapuscinskiegozrodlo-newsweek< Available at: >https://kapuscinski.info/category/imperium

Comments
Post a Comment