КОН РАКОПИСОТ „НЕ ПРАВЕТЕ ИМ СЕНКА НА ГРОБОВИТЕ“ НА ДИЈАНА ПЕТРОВА

      

   Структурално, ракописот е поделен на 7 поглавја. Секое поглавје содржи по 3 раскази, а носи наслов според седумте смртни гревови. Градени врз идејата за гротескно справување со смртта, расказите на Петрова се свесно исконструирани бизарни приказни што го водат разумот во еден онирички хронотоп, базиран врз добропрепознатливата опозиција невино vs грешно. Со оглед на фактот дека во нив препознаваме една урбана логика, базирана врз содржини и теми од реалноста, можеме да кажеме дека во својот најнов ракопис Петрова негува еден нов „трики реализам“ на кој ревносно му се враќа во секој нареден расказ. Тоа го прави за да го преиспита апсурдот и да ги превреднува темелните вредности на христијанската цивилизација и морал. Свртени кон апсурдите што го окупирале нашиот живот, расказите на Петрова се една несекојдневна форма на литерарна исповед за човечките гревови, кои ги именува само во поднасловите на својата книга раскази. Отворајќи го своето срце за нив, таа ги исправа читателите пред необични, речиси бизарни психоаналитички, филозофски, социолошки, па дури и психијатриски теми и дилеми, не за да побара прошка, туку да го промени востоличениот начин на размислувањето за нашиот „безгрешен“ живот. Затоа, нејзините раскази потсетуваат на „лични“ исповеди, кои без трошка срам го покажуваат нејзиното хумано лице, небаре исповед на личност што ја примила на себе откупната сила на љубовта, предизвикувајќи ги здравиот разум и Божјиот Логос.

  Иако ги нема во Библијата, седумте смртни гревови се една од најважните основи на христијанската култура и теологија. Тие се изворот на сите наши пороци. Затоа, препознавајќи ја во себе исцелувачка моќ на писмо, Петрова се зафаќа со сериозна тема, претворајќи се во писателка што веќе се чувствува дома. Моќта на нејзиниот одмерен, едноставен, но до болка прецизен збор, го освестува читателот за неизбежното и креативно присуство на апсурдот во нас и околу нас. Темите на нејзините раскази осветлуваат секојдневни ситуации, но на еден бизарен и на моменти гротескен начин. Затоа, повеќето од нив добиваат интересна фокализација. Некои дури и содржат психопатски призвук, но затоа би рекла дека се наменети за читатели со здрав желудник и без предрасуди. Речиси сите имаат пресврт, или барем „трики“ поента, што создава убава и моќна нарација, без одвишни зборови. Збогатени со абјектуалноста како исклучително моќна книжевна инспирација, расказите на Дијана Петрова се како нагрдени парченца живот на кои таа упорно работи, за да ги прикаже и најфините детали, и најмрачните браздички во нас самите, полни со зазорни, често дури и настрани искуства, но секогаш отворени за фантазмагорични и безмалку апсурдни решенија во кои напнатоста се поткрева и благо расте до една мистериозна атмосфера, речито опишана со очите на стравот, кој, иако ништо не гледа, верува дека видел се. Така, на еден самосвој начин, не расинувајќи го совршенството на приказната, Петрова го проблематизира она што секој културен хронотоп го смета за неприфатливо, зазорно и опасно.

   Токму од тие причини, како и поради суптилноста на прашањата што ги отвораат нејзините раскази, слободна сум да верувам дека најновиот ракопис на Дијана Петрова „Не правете им сенка на гробовите“, ќе биде сериозно и неодминливо четиво во македонската белетристика, па сметам дека е сосем логична и оправдана мојата препорака за објавување на оваа извонредна и необично смела книга.


Ангелина Бановиќ-Марковска

 

Comments