ЕСТЕТИКА НА ТОТАЛНОТО ИСПОЛНУВАЊЕ | ГРУПЕН ПОРТРЕТ (КУЛТУРОЛОШКИ И ЛИТЕРАТУРНО-ТЕОРИСКИ ЕСЕИ), 2007
Есејот Естетика на тоталното исполнување на Ангелина Бановиќ-Марковска се базира врз една специфична теорија позната под името acting out, што во буквална и бодријаровска смисла на зборот значи: изразување на чувствата и желбите попречувани од Super Ego-то, но посакувани од Id-от. Нејзината способност за претворање на настаните во чиста информација нѐ ослободува од нашите фантазми и нѐ уверува дека настапил мигот на „краток спој“ меѓу животот и уметноста, меѓу животот и неговиот двојник...
Клучни зборови: acting out, inter-essere, виртуелна реалност, симулирана фикционалност, идентитет, другост...
Овој есеј е
фокусиран врз две прозни дела од поновата македонска продукција. Едното ѝ
припаѓа на македонската писателка Лидија Димковска (се работи за нејзината прва
прозна книга, насловена Скриена камера),
а другото се однесува на Џахиз и
истребувачите на кучиња, роман на Пајо Авировиќ (мој генерациски другар од
времето на осмолетката, денес дипломат од кариера, но и писател, со реални и
сосема оправдани амбиции). Зошто токму овие автори и нивните романи-првенци?
Прашањето за
развојот на македонскиот роман – барем кога станува збор за теми што го
привлекле вниманието на генерацијата писатели, родени во 60-тите и 70-тите
години на минатиот век – следи еден тренд којшто, иако срамежливо, сепак,
длабокопромислено и прилично уверливо, на голема врата и во висок стил, внесува
нова литературна естетика – естетика на „тоталното исполување“, како последен
чин на еден специфичен acting out, кој нѐ прави пореални од реалноста, поуметнички од
уметноста. Си земам слобода да ја именувам како а-фикциска таа естетика, но тоа не ме ослободува од обврската да ја
образложам својата мотивација.
Во книгата на
Жан Бодријар, Совршено злосторство,
постои еден фрагмент во кој тој развива една мошне духовита и чудна
констатација. Го вели отприлика следново: сите субјекти коишто, на каков било начин, биле
оттргнати, исклучени или невидливи за реалниот живот, а решиле да ѝ ја
презентираат на јавноста својата серопозитивна или семејна психодрама, за свој
предок го имаат Дишановиот (Marcel Duchamp) „држач за шишиња“ – еден своевиден acting out, кој ја
зацврстува идејата дека настапил мигот на „краток спој“ меѓу животот и
уметноста, меѓу животот и неговиот двојник – кој претворајќи ги настаните во
чиста информација, не ослободува од нашите фантазми. Како некоја скирена камера
во нашите глави да дуплирала слики од реалниот живот создавајќи виртуелна реалност. Таа нѐ уверува дека
не живееме веќе во реалното време, дека не егзистираме во својата оригинална
верзија. „А што би биле ние, во тоа 'реално' време? – се прашува Бодријар. –
Постојано би се идентификувале со себеси. Измачување, слично на денот којшто
никако да заврши...“ (Bodrijar;
1998: 65, курзивот е мој).
Сепак, една „среќна
поместеност, без која сите луѓе би биле истовремено јас“, нѐ спасува од таа епилептичност на присуството и идентитетот.
Илузијата на другоста. Токму таа
способност – да се биде друг, или да
се биде на местото од другоста – е
еден од клучните моменти во романите на Димковска и Авировиќ. Од неколку
причини. Првата се однесува на нивниот животен стил: и двајцата го
живеат постмодернизмот инкорпорирајќи ги во себе неговите умножени
контрадикторности, дефинирани преку носталгијата, минатото, интензивното преокупирање
со реалноста на мигот, бришењето на границата меѓу некогаш и сега, или преку
емоционалните искуства, обликувани од неспокојот, отуѓеноста, ресентиманот.
Втората причина ја засега нивната раскажувачка постапка. Имено, со оглед на
фактот дека станува збор за ракописи од „интимен карактер“, еден вид дневнички
записи, чие лингвистичко прво лице еднина го доведува во фокусот на јавноста
општествениот статус на споменатите автори – од една страна имаме позната
поетеса, а од друга страна дипломат од кариера – се јавува, во извесен степен,
нужност од мимикарија (Baba; 2004: 161).
Но, не како прикривање туку како „откривање“ на нешто што се разликува од „она“
што може да се нарече самото-тоа во
заднина (Лакан). За што, точно, станува збор?
Се работи,
всушност, за одлуката на двајцата писатели да останат затскриени, а сепак,
доволно препознатливи во фиктивните ликови на своите романи. Димковска се
досетува дека би можела да застане зад објективот на едно полумилиметарско
мемориско чипче, сместено во ножниот палец на ликот Лила Серафимска, па
користејќи ја позицијата на скриена
другост да се јави како удвоен наратор, како „писател два во еден“, кој е, истовремено, и актер и режисер на сопствената
животна приказна вообличена како а-фикциски дневник („нешто помеѓу неа и светот, помеѓу прозата и поезијата“), додека
Авировиќ се определува за една постара но проверена литературна техника
наречена „итрина на оригиналот“ – замена на личниот идентитет со идентитетот на
фиктивниот лик Петар Адамовиќ, кому, покрај иницијалните букви од името и
презимето, му ја доверува својата другост,
својата „тешка шизофренија“ („Србин по род, Хрват по грешка, Југословен по
сеќавање, Македонец во срцето, Французин во документите“), избегнувајќи го, на
тој начин, прашањето за своето реално постоење. Но, зар таа божемна слика на
фиктивност не е еден вид хиперреалност во која – режирајќи го сопственото
исчезнување – писателот ќе може, инкогнито, да ги набљудува реакциите на светот
по однос на својот вистински живот? И така: додека ние –
вовлечени во двосмисленоста, продуцирана од парадоксалната смеша на уметност и
стварност – осцилираме меѓу виртуелната
реалност и симулираната фикционалност
на нивните писма, Лиде и Пајо го „играат“ пред нашите, и очите на јавноста,
своето reality show. Раскажувајќи за личните искуства (честите преселби, проблемите со
привремените визи, престојот во туѓи држави и градови, соочувањето со
различните јазици и култури), тие расправаат за најелементарните модалитети на
животот воопшто, идентитетот, припадноста, миграциите, домот...
Вториот момент којшто ја „осуетува“ нивната другост, или ако сакате, којшто го
допира прашањето за другоста во нивните романи, е темата на идентитетот. Факт е дека зависиме од
погледот на другите, но не ретко ни треба ревизија на визуелното што го
понудила за нас туѓата перцепција и тоа како потврда на самата идеја дека
нашиот идентитет не е чиста појавност – именувана „таквост“, стигма или
стереотип – ами сложена конструкција, зависна од постојаните и мачни
преобразби. Ќе се обидам да бидам поилустративна користејќи кус извадок од
романот на Авировиќ. Ми се чини доволно индикативен оној фрагмент во кој тој
говори за својот повеќеслоен „идентитет“. Имено: „во време кога сите околу мене почнаа да се осознаваат
како Македонци, Албанци, Срби и што ти се не..., мојата детска душа... си одбра
народност по мерка: станав Французин, иако за тој факт... ќе станам свесен
со огромно задоцнување од две децении“ (Авировиќ: 2006; 100). Сепак,
понесен од идејата за отвореност кон сите култури и растоварен од комплексите
што ги создала минливоста на фазата наречена „потрага по национален интегритет“,
овој меѓаш од раѓање ќе се претвори во „меѓаш“ по слободен избор, решен да ги
измири во себе сите свои припадности. Затоа, верувам дека без оглед каде се
наоѓа денес и без оглед што работи сега, Пајо Авировиќ си го живее спокојно
својот сложен идентитет.
Третиот
модалитет којшто ја допира другоста
во романите на двајцата наши писатели е темата за миграциите и домот. Знаејќи
дека „другоста“ е секојдневно присутна во животот на Лидија Димковска, небаре
близначка којашто „се влече по неа од земја в земја, од привремен до привремен
дом...“ (Димковска: 2004; 22), не ме изненадува фактот што авторката на Скриена камера вака го започнува својот
роман: „...мојот и животот на Лила Серафимска започна во вреќа
за спиење... Мислам на животот кој со секоја, дури и минимална преселба, се
здобива со нов почеток и со нов крај“ (Димковска: 2004; 7).
Таа „вреќа за спиење“, марка Explorer Light, е нејзиниот сакрален простор,
нејзината сопствена „јурта“ во која секојпат одново, бргу но болно, го
составува таа својот расцепкан живот. Нарекувајќи се „писателка на привремен
престој“, која под лупата на големото Западно Око треба да напише книга „за
духот на номадизмот со рапави стапала“ (Димковска; 2004: 8),
таа ќе биде принудена постојано да се удвојува. И јазично и егзистенцијално.
Небаре подвижен центар, желна за ментална и политичка деколонизација, Димковска
воспоставува дијалог со гласовите на рамноправните Други – со „подвижните
патници на дијаспората“ (Њиши; 2005/6), кои во својата потрага по коридори, развиле
потрага по сопствените корени заменувајќи ја старата парадигма за културен
монизам, со простор на меѓукултурна егзистенција... или, ако сакате – на
културна меѓуегзистенција. Но, за да не ми се случи да заталкам по тајните
ходници на умот, ќе му допуштам на Армандо Њиши подобро да ви ја објасни оваа
дилема. Вели вака: „Да се биде мигрант
(да се биде) во движење, во превод и во другост – пишува овој италијански
теоретичар и компаративист – е состојба на една поетика, етика и политика,
состојба на трансформација на себеси, отаде 'западниот канон' и не е професија
на 'талкање', или на 'номадски' снобизам“ (Њиши; 2005/6: 144).
Напротив,
миграцијата е еден преоден простор,
едно inter-essere – кое најмногу би сакала да го преведам со
растегливата синтагма меѓу-другите-и-себеси-постоење, но се плашам дека обидувајќи се, овој пат, да се сочувам
себеси, ќе загубам половина од смислата, зашто едно е да се теоретизира а друго
е да се „мигрира“ во реалните димензии на животот, кој сѐ повеќе наликува на
симулакрум... Барем за нашата Лидија Димковска, која болно прашува на едно
место: „Беа ли сите години
странствување и номадство години на симулакрум-живот? Беа ли јазиците...
симулакруми на единствениот, мајчиниот? Беше ли сепството расфрлено низ земјите
на светот, симулакрум на засекогаш загубеното сепство... симулакрум на
потрагата по Бога? “ (Димковска;
2005; 228-229).
Одговорот на
оваа дилема нѐ засега сите нас, упорните „истражувачи на светлината“ и нѐ тера
да провериме дали македонската постмодернистичка проза навистина развила нова
литературна естетика – естетика на „тоталното исполнување“ – и дали таа,
навистина, се должи на една а-фикционална поетика, која го разбрала мигот на „краткиот
спој“ – Германците би рекле „kurtzschlus“ – меѓу животот и
уметноста, меѓу животот и неговиот двојник?
Се чини дека
не ни преостанува ништо друго освен сериозно да се позанимаваме со ова прашање.
Користена литература:
АВИРОВИЌ, Пајо (2006): Џахиз и
истребувањето на кучиња, Детска
радост, Скопје
BODRIJAR, Žan (1998): Savršen
zločin, Beogradski krug, Beograd
BABA, Homi K. (2004): Smeštanje
kulture, Beogradski krug, Beograd
ДИМКОВСКА, Лидија (2004): Скриена камера,
Магор, Скопје
ЊИШИ, Армандо (2005/6): „Миграциите и литературата (сегашно и живо доба)“, Идентитети: списание за
политика, род и култура, Скопје
👏🏼
ReplyDelete