СУБАЛТЕРНИТЕ, ДЕВАСТИРАНИ И ИНТРИНЗИЧНИ ИДЕНТИТЕТИ (кај Дубравка Угрешиќ и Ведрана Рудан) | ДИСКУРС И ЕКСКУРС (ЗА КНИЖЕВНОСТА И КУЛТУРАТА), 2017

     „Уморна сум од зборувањето за субалтерноста. Субалтерноте зборуваат самите за себе. Која е разликата меѓу нив и останатите човечки суштества? - прашува Гајатри Чакраворти Спивак (Gayatri Chakravorty Spivak), во едно свое интервју и додава - Проблемот не е... во нивната лишеност од внатрешен живот... Целото прашање на субалтерноста треба да биде разбрано во смисла на тие што навистина немаат ништо, никаков пристап до каква било мобилност...“

     Размислувањето на индиската постколонијална теоретичаркаја инкорпорира тезата дека поимот субалтерност е во тесна врска со синтагмата субалтерна свест. Но иако денотира појава на субјект, свеста не е причина туку последица на една комплексна (политичко-економска и идеолошка) мрежа од односи, која продуцира „субалтерен субјект-ефект“. Го препознаваме и го лоцираме во полето на разликата, повеќе одошто во полето на идентитетот. Неговата појава, како што вели Спивак, не зависи од некој матен хегемониски идентитет, туку од неможноста да се дојде до апстрактните структури на граѓанското општество кои создаваат услови за практицирање на мобилност од секаков вид. Тоа значи дека прашањето за субалтерноста е навистина длабоко и суштинско. Подразбира темелен пристап и сериозна елаборација, особено заради импликациите што би можеле да  ги предизвикаат некои балкански дискурси, отворајќи серија прашања за либералниот или тоталитарниот карактер на општествата со трауматични наративи. Помислувам на два ововековни хрватски романи кои веќе извесно време го провоцираат моето теориско љубопитство. Првиот е Црнци во Фиренца (2006) на контроверзната Ведрана Рудан, а вториот Министерство на болката (2004) на секогаш провокативната Дубравка Угрешиќ. Самиот факт што, отворено и слободно, зборуваат за горливи теми од поблиското минато на една, за мене - по многу нешта - инспиративна земја, очекувам дека ќе понудат конкретни одговори на клучни прашања. Да видиме што откриваат нивните наративни дискурси.


     Црнци во Фиренца

     Конципиран како бриколаж (од формално монолошки поглавја, именувани според позициите што ги заземаат членовите на едно хрватско семејство), романот Црнци во Фиренца открива полифонична матрица која не фаворизира доминантен лик, туку развива парадоксални ситуации со специфичен поглед на светот. Заслужува внимание оти го доведува под сомневање конвенционалниот концепт на поимот идентитет отстапувајќи од правилата на жанрот (и од „добриот вкус“ на авторката Рудан).

     Станува збор за промовирање на интересна гледна точка, наивно-мудрата свест на два-лика-во-еден - првиот генијално луциден и интелигентен, а вториот со „посебни потреби“ - безимените фетуси-близнаци кои не можејќи да се идентификуваат како присуство (оти сѐ уште не се тело), се реализираат како глас на еден „субалтерен субјект-ефект“. Нивната амбивалентност и потребата за јавна дебата со средината (во која би требало да го реализираат својот потенцијален живот), се одвива на различни теми, но најмногу на темата „инаквост-истост“. Но нивната „невидливост“, онаа трета димензија небаре сврзувачко ткиво помеѓу внатре и надвор, нивната terra nulla - утерусот на младата Хрватка - која им овозможува на близнаците да го критикуваат јавното мнение без страв од реперкусии по можниот „идентитет“, не произлегува толку од сознанието дека се тие „исти а сепак различни“ (едниот близнак се чувствува помалку Хрват од другиот!), туку фактот што се „различни а заправо исти“ со остатокот од семејството (Балканот, светот...). Нивната удвоена состојба се јавува како потврда на она што Хоми Баба (Homi Bhabha) го нарече „нелагодна истоветност-во-разликата“. Таа го доведува под сомневање процесот на нивната интеграција во семејството и во општеството, па монодијалогот на фетусите-близнаци изгледа вака:

     „Ние сме Срби. Како можеме да бидеме Срби, немаме име, не сме личности...“ (2006: 7). Или: „Би сакал татко ми да биде Хрват. Не сакам да бидам мал Србин во Хрватска, ако бидам мал Србин во Хрватска. Хрватска е нашата татковина, не смееме уште во мајчината утроба да бидеме опседнати со предрасуди, не е пристојно да се има лошо мислење за татковината што не сме ја запознале... (8-9). Србите веќе не се тема на Хрватска, можеби ние сме Хрвати, зборуваш како хиперсензитивен Србин, ти си Србин, јас Хрват, слушнав на телевизија, една госпоѓа во Франкфурт родила црнец и белец... (22). Ние не сме црнци. Како што знаеш немаме кожа. Знам, не можеме да бидеме и црнци и Срби и Хрвати, тоа не оди едно со друго, тоа би било премногу за два мали плода. И несреќата има свои граници (24)“ (Рудан: 2006; вметнатите броеви се страници од споменатиот роман).

     Некои умни глави (Стјуарт Хол, на пример) рекле дека формирањето на идентитетот се одвива низ „иглените уши“ на Другиот. Затоа, соочени со агонијата која бо нивниот случај произлегува од самодефинирањето и самонегирањето, фетусите-близнаци на Ведрана Рудан развиваат психоаналитички поглед на светот кој укажува дека постои разлика меѓу она што може да се нарече субјект (личен идентитет) и Другиот (неговата потреба за идентификација). Во зависност од тоа дали ќе бидат прифатени како домородни или ќе бидат фингирани како „не-сосема-домородни“ тие прозвучуваат како несигурен глас чија трајна потреба од „другост“ значи и идентификација со неа. Очигледно е дека вкрстувањето на локалните балкански традиции во генетскиот склоп на фетусите-близнаци, нивното хетерогено потекло, се доживува како хендикеп - фатален недостаток или вроден балкански синдром за не-чисти, непожелни, субалтерени идентитети. Но културната различност во Хрватска (и пошироко, во светот) не е нешто непознато, ниту пак може да биде причина за конфликт - таа е само последица на одредени дискриминаторски практики. Како реакција на тие практики е и размислувањето за абортусот како во чин кој е инкорпорирана идејата за културната чистота на општествата од кои се отфрлаат (чистат) непожелните, хендикепираните, инаквите... бастардите. „За проблемите на неродените луѓе сѐ уште не постои ниедна книга - велат близнаците во романот на Рудан - Зошто за тоа никој не пишува? Глупав си. Само неродените ги знаат маките на неродените... Тажен е овој разговор, колку сме мали, а колку сериозни теми нѐ дават...“ (2006; 210-212).

     Различноста (инаквоста) во овој роман се доживува како нешто нечисто - таа се стигматизира до таа мера што белците за црнците се исто што и црнците за белците, а за Кинеската („жолтата“ сопруга на нивниот вујко) сите заедно се едно Различно Друго кое смрди оти не внимава на својата исхрана: „Можеби светот би изгледал поинаку кога белицте би дознале што за нив мислат црнците и жолтите“ (2006; 204) - вели вујкото на близнаците откривајќи го самодефинирањето на сопствениот идентитет како средба со разликата надвор од себеси, оти начинот на формирање имаго не зависи само од односот кон себеси како имагинарна спротивност, туку и од претставата за себеси како другост на другиот. Сепак, да се препознаеш како разлика впишана во Другиот е еден интринзичен процес на формирање идентитет ние-како-други. Оттаму и дилемите на фетусите-близнаци да се воспостават себеси „како црнечки идентитети“ (макар што „Хрватите се белци, а белците не продаваат ролекси“) и еден од начините да го дефинираат своето „јас“ како разлика која произлегува од поларитетите наспроти кои секогаш се дефинираме себеси („...американските црнци ги сметаат Европејците за црнци“). Се разбира дека овој симплифициран модел на (авто)идентификација со црнците во романот е само еден симболичен хоризонт на кој се проектира имагинарното  балканско саморазбирање на себеси (ние-како-други). Но, може ли овој „балканизам“ да го избегне притисокот на расизмот како дискурзивен хијазам меѓу практикуларното и универзалното? Безброј прашања, многу одговори, но сепак - што, всушност, значи да се препознаеш себеси во Другиот?

     Препознавањето е излегување од внатрешниот простор на колебањето, повторувањето и дилемите (Србин или Хрват, црнец или белец...), тоа Препознавање е идентификација и прифаќање на некој идентитет/имагинарна заедница за своја (во случајов посочената црнечката, која иако е симболичка, заправо, е сосема реална). Но, самата желба „да се биде препознаен“ значи потреба да се биде забележан, виден и прифатен. Затоа и не зачудува одлуката на Ведрана Рудан, највисоката свест во романот да му ја довери на едно несовршено, недовршено и гротескно тело-во-настанување. Неговата субалтерна положба, впишана во специфичниот стомак-простор на младата Хрватка ме уверува дека - и наспроти критиките што им ги упатуваат на најкомерцијалните јавни медиуми - фетусите-близнаци се веќе симболички мртви... оти се нереализирани, оти се изолирани од околниот свет и отуѓени од самите себеси. Тие никаде не припаѓаат. Тие се оние Другите, кастрираните, отфрлените, оние на работ од сопствената егзистенција, во една специфична (u)terra nulla, во која одекнува глуво социјалниот, културниот и политичкиот контекст на Хрватска... или... која било друга балканска земја во транзиција.

 

     Министерство на болката

     За разлика од нив, ликовите од романот на Дубравка Угрешиќ, Министерство на болката, се вклопени во една класична фабулативна рамка. Но таа е постојано поткопувана од ироничната моќ на писмото со кое, преку изнудената колективна психотерапија на студентите-егзиланти од поранешна Југославија, Угрешиќ настојува да ја деконструира болката како трајно обележје на нивниот идентитет. Болката е, истовремено, и психосоматски и идеолошки и политички феномен; таа е стил на живот поврзан со свеста за инфериорната положба на субјектите кои по распадот на заедничката држава се нашле во Холандија. Нивните внатрешни патишта на самопотрага се оптоварени со траумите од минатото, но тоа не ме овластува да ги дефинирам како девастирани идентитети. Затоа пак, несигурноста, оној „малку затемнет поглед, одвај забележливата внатрешна стутканост, онаа невидлива шлаканица, трајно залепена на нивното лице, онаа грутка на нејасна навреда што заостанала во нивното грло“ (Угрешиќ; 2005: 221-222), им ја отежнува интеграцијата во новото европско општество создавајќи од нив емоционални инвалиди. Водени од мрачната желба да го помирисаат одвреме-навреме „своето крдо“, тие настојуваат да се приклонат кон некоја група, кон некоја имагинарна заедница, небаре рефлекс на реалната потреба да се припаѓа некаде. Свеста за припадност го оживува поимот етницитет, но сега во едно поинакво руво, во едно друго значење за субјектите кој иако се позиционирани во една сосема нова култура (јазик и историја), никогаш не можат да бидат целосно изолирани од старите идентитети. „Моите студенти час се согласуваа да бидат наши,... час одбиваа да бидат тоа, токму како да се работи за реална, а не за измислена опасност... Час се изедначувавме со тој матен колективен идентитет, час со гадење го отфрлавме“ (2005:24), вели нараторот во романот - хрватската славистка Тања Луциќ, откривајќи дека не постои фиксна и непроменлива опозиција со која се дефинира Другоста - не покажувајќи ја својата подготвеност да ја прифати споменатата одредница, вели: „(нашите) ги издаваше некоја особена, нервозна тага..., одвај видлива внатрешна потиштеност... Начинот на којшто се движеа и местата на коишто се состануваа оддаваа дека им недостасува нивни простор... Во европските градови ги бараа просторните координати што ги беа оставиле дома, својата просторна мера“ (2005: 19-23).

     Како совршена одредница за девастирани идентитети, егзилот во романот на Угрешиќ е најсоодветната состојба за развивање на концептот изместеност со кој ликовите од овој роман учат да живеат многу побрзо одошто се подготвени да го прифатат тоа. Проблемот се јавува во мигот кога тие сфаќаат дека се дамо дојденици, дека нивната неповолна социјална положба не им обезбедува право на глас, дека се без неопходната материјална поддршка, дисперзирани, отуѓени, начнати во својата најдлабока суштина. А тоа не е вредноста на животот за која сакаат да се борат. Во новата средина тие немаат големи шанси за пристап до социјалната мобилност - единствено можеби во шивачницата на садомазохистичка облека, наменета за холандската порно индустрија за која, не случајно, ја користат порнографско-политичката кованица „Министерство на болката“ (која пак, е име на еден холандски порно клуб), како компензација на чувството дека се, меѓу другото, и политички изманипулирани. И тука некаде помеѓу нивната субјективност, колективната меморија и историските факти, се одвива дијалогот на ликовите кои успеваат да се препознаат во меѓусебните наративни изместувања, во темната семантика на клетвите со кои ја компензираат својата немоќ за ресоздавање на својот девастиран идентитет. Се разбира, тоа не значи еднодимензионално припаѓање кон одредена група или нација (какви што се малцинските идентитети или субјектите од маргините на некоја држава), тоа важи за сите - без оглед дали се колективни или индивидуални. Сите ние имаме повеќе од една припадност а таа сугерира дека нашето Јас отсекогаш било само фикција, оти немало корен. Тоа е ризом - корен кој среќава други корени...

     Трауматичните епизоди сврзани за ликовите од романот на Угрешиќ ги раздвижува една суптилно спроведена „политика на сеќавањето“. Но само како социјален праксис со кој низ специфична медитација и заедничко дружење младата професорка Луциќ ги обединува студентите од бившите ју-простори изнудувајќи ги нивните нарации низ кои ги преживуваат тие своите „минати“ животи. Во новата европска средина, во таканаречениот свет на „висока“ демократија и либерализам - макар и со слични искуства на екс-југословенски идентитети - тие се чувствуваат далечни едни од други. Оттаму прашањето дачи признавањето на лултурно различните го носи ризикот од нови конструкции на Другоста, оти тие не живеат во засебни светови, нивната потреба да станат културно видливи може да создаде нови проблеми. Дилемите што ги продуцира политиката на признавањето, ризикува да ја направи впечатлива нивната хетерогеност потенцирајќи ја повторно нивната различност... и така, во недоглед - circulus vitiosus...

     Но, кога „неизречените“ приказни на субалтерните и девастирани идентитети ќе се сретнат на полпат - кога ќе дојдат во контакт со различниот сплет од наративи: историски, културни, религиски - во таа нестабилна дијалошка точка на допир ќе се создадат услови за формирање нови идентитети кои ќе ја потврдат, по којзнае кој пат, ироничната суштина на тезата за нашето Јас како провокација: „Ќе бидат тоа самодоверливи луѓе - вели нароторот во романот на Угрешиќ - луѓе со мултиплицирани идентитети, космополити, глобалисти, мултикултуралисти, националисти, претставници на етнички идентитети и на дисперзивни дијаспорични идентитети, сѐ во едно, по неколку глави на едни плеќи... Ќе бидат тоа луѓе кои во устите ќе ги преметкуваат зборовите mobility, flexibility, fluidity... млади, прогресивни луѓе, платени комесари на процесот European integration and enlargement, работници на новиот поредок, специјалисти за new, unique postnational political units, за national и postnational constellations, стручњаци за globalisation versus localisation, и обратно... Брзи на самодефинирање и самопозиционирање, жилави како мачки со девет животи, ќе знаат што сакаат, ќе имаат свој strong self-confidence, ќе бидат hard-working, communicative, loyal, discreet, tolerant and friendly и лесно ќе можат да се носат со stressful situations. Ќе покажуваат несебичен интерес за diplomatic and consular privilegies... А на својот пат ќе заборават дека истата таа флексибилност, мобилност и флуидност која нив ги катапултирала на површината, на дното оставила безимено човечко робје...“ (2005: 223-224).

     Непогрешлива е писмотворната моќ на Дубравка Угрешиќ, но таа е и поразителна истовремено, оти субверзивната сила на нејзиниот ироничен дискурс открива дека во удвоените идентитети се одвива еден специфичен процес на цепењево кој првиот дел од бинарниот сојуз ја претставува интуицијата на битието, а вториот - желбата да се избегне прашањето за него. Затоа Другоста во овој роман е само болно присуство во сепството на егзистенцијалното страдање, а неговото фикционално „Јас“ - сѐ освен детерминација: тоа е инвенција која се конструира о реконструира негирајќи ја, но истовремено и уважувајќи ја, политиката на разликите. Тогаш кога субјектот ќе успее да ја сфати нејзината суптилна игра, почнува да разбира зошто за врвна балканска вештина се смета политиката на немешање во сопствените работи, одличен начин да се упропасти сопствениот живот.

     Си го поставувам, затоа, истото прашање кое произлезе од романот на Ведрана Рудан - може ли да се избегне балканизмот како специфичен облик на расизам, длабоко присутен во своето отсуство (како празно место за објектот на желбата која постојано недостига), за да може да се дефинира еден псртикуларен но, истовремено, и универзален балкански идентитет? Одговорот го најдов во следниов цитат... или само мислам дека сум го препознала неговото значење: „Ние сме варвари. Луѓето од нашето племе го носат на челата невидливиот жиг на Колумбовата заблуда. Ние патуваме западно и секогаш стигнуваме источно и, што позападно сме влегле, тоа поисточно сме стигнале, нашето племе е проклето... Ние сме варвари, ние сме дупло дно на ова совршено општество, ние сме шипка во џебот, ние сме ѓаволот од кутијата, ние сме грда гримаса, ние сме паралелен свет, ние сме полусвет“ (2005: 213-214), а сите заедно - црнци во Фиренца.

Comments