ТАИНСТВЕНАТА МИСИЈА НА ВЛАДА УРОШЕВИЌ | ДИСКУРС И ЕКСКУРС (ЗА КНИЖЕВНОСТА И КУЛТУРАТА), 2017


 Некои писатели имаат чуд(ес)ни дарби. Можат многу лесно да поврзат различни времиња и простори и да ги спакуваат во специфичен, хетеротопичен свет...

Кога академик Урошевиќ еднаш ми спомена дека промоцијата на својата книга Тајна мисија сака да ја реализира во Музејот на Град Скопје, си помислив: идејата е добра, па тоа е најсоодветното место за човек чиешто творештво е еден мал, имагинарен Музеј. Секое влегување во неговите книги ја прекинува, всушност, врската со традиционалното време (како и музеите, впрочем, кои се своевиден архив во кој можат да се најдат, безмалу, сите времиња, да се вкрстат, одеднаш, различни историски периоди, правци и стилови...). Се работи за специфични простори на акумулирано (ad infinitum) време кое не престанува да се напластува и да ја задоволува идејата за уметноста како утопија, разобличувајќи ја илузијата на реалниот живот. И сѐ во духот на зачудeноста и екстравагантноста, својствени за писателот чија книжевна мисија се обидувам да ја растајнам со години, а никогаш не успевам до крај. Постојано ме измачува чувството дека не сум го тргнала, сосем, превезот на мистеријата кој упорно ми паѓа пред очи...


Некаде кон крајот на 2013 година, во декември, ја добив последната авторска книга на академик Урошевиќ. Само неколку дена претходно, сосем случајно, станав член на комисија за одбрана на магистерски труд, посветен на неговото најново! прозно творештво. И додека утринава, на 13 февруари 2014 година, во просториите на Факултетот „кај Бит-пазар“, се крчкаше одбраната на магистерската теза на Митра Блажевска, во Магор Book-café, се вршеа последните подготовки за промоцијата на супер-новата прозна книга на Влада Урошевиќ.


Случајност? Да не го познавав писателот би рекла да, но знаејќи во каква таинствена мисија е вплеткан – веројатно, уште од самите почетоци на својот живот – ќе се обидам да ве уверам дека кај овој вонвременски писател ништо не е случајно, иако сѐ изгледа така – па, дури и тогаш кога не изгледа така! – зашто, неговата намера не е само да пренесе некаква информација, туку и да шокира!


Затоа го сакам – не само поради фактот дека е тој, Влада Урошевиќ, еден од најраскошните прозаисти на македонската книжевна сцена, кој неуморно експериментира со правилата на жанрот – туку, затоа што крај него се чувствувам некако разиграно, лудистички разгалено и по малку мистериозно. Еден е од ретките на кого му успева, со огромна леснотија, да го внесе загадочното, таинственото и неверојатното во сивилото на секојдневниот живот, давајќи ми надеж дека и мене, можеби, еден ден, ќе ме огрее божествена дарба, некој таинствен гифт, па од кабинетска интелектуалка ќе ме претвори во надежна писателка... Но пред да се случи тоа, сета енергија и ментално искушение, ќе ги вложам во растајнувањето на неговата поетика, за која – судејќи и според оваа книга –лесно можам да ја наречам лудистичка.


Се работи за уште еден проект-подигравка кој го следи текот на свеста на извртениот, недоверлив, сомничав, враголест – tricky! – наратор, кој постојано матка, плетка нешто некаде. Со таков еден лик, ако не повеќе пати, тогаш барем еднаш сигурно, сте се сретнале во животот... Секогаш е тука-некаде, зад вас, пред вас, околу вас. Сомничаво ве загледува кога купувате билет за кино, циркус или театар, ви дише во вратот кога се качувате в автобус, ве јаде неговиот поглед. Јадежот е понекогаш толку силен, што имате чувство дека се проектирал во вас, влегол во вашиот ум, станал вашиот двојник, па не престанувате да се изначудувате колку била богата вашата фантазија! Толку сте сматкани, што се самоизмачувате со прашањето: од каде тој натраплив, загадочен, конфузен и хиперлудичен лик во вашиот живот, што се замислува тој кога се обидува да ги контролира вашите мисли, давајќи им сосем поинаква посока... Но, тоа е само дел од неговата мисија, само почеток на неговата таинствена амбиција...


Меѓу мноштвото извонредни раскази, и во оваа книга на Влада Урошевиќ имам свои фаворити. Едниот е „Потрага по Викторија – нацрт за роман во продолженија, со илустрации“. Не знам зошто, но кога прв пат, во содржината на книгата го прочитав насловот на овој расказ, несвесно помислив на бродот Викторија со кој Фердинанд де Магелан во 1522 година го обиколил светот. Но, кога внимателно ја исчитав приказната, сфатив зошто за Мишел Фуко, бродовите – тие места „без место“, тие простори-сами-за-себе, хетеротопии пар екселанс – биле не само најважниот инструмент во економскиот развој на западноевропската цивилизација, туку и нејзин најголем извор на мечти и фантазии. И веднаш се согласив дека „во цивилизациите без бродови, соништата пресушуваат, шпионажата го потисува авантуризмот, а полицијата ги заменува пиратите“ (можеби затоа, на река без вода, во град без пристаниште, надлежните ќе подигнат галии, за да го спречат одливот на фантазми и сништа од безидејното градско секојдневие?).


Но нашиот драг Урошевиќ не зависи од одлуките на Градот. Тој не боледува од недостиг на фантазми. Напротив, прекумерно надарен – би рекла дури и зависен од Магелановски тип амбиции – ќе тргне тој во потрага по гробот на Александар. Но, наспроти сите претпоставки и очекувања на Миленко Лајт-најт-шоу, потрагата нема да ја заврши во Светиниколско или некаде околу Охридското Езеро, туку во срцето на Африка, откако на Монмартр, на еден саем за магии, ќе ја добие мапата што некогаш, веројатно, му припаѓала на Магелан.


Така, неговата Викторија ќе обиколи еден друг, паралелен свет, оној од когнитивната мапа на писателот Урошевиќ, кој провоцирајќи ги законите на логиката, ќе ги измести моите затапени сетила, па од предвидливото чувство за восприемање на светот, ќе ги пренасочи кон едно поизострено доживување на стварноста...


Замислете само, кому би му паднало на ум, на својата прва историска мисија да го поведе со себе и своето милениче – па нека е тоа и ној по име Дада – па наместо за Африка, да отплови за Шкотска, среќавајќи го Макс Ернст, кој барајќи ја „безглавата жена“ ќе ја најде „La femme 100 têtes“ (оти на француски безглава и стоглава се изговараат исто).“ Или, како би можел да претпостави некој дека, наместо во бразилските шуми, на бродот што отпловил за Африка ќе го сретне Клод Леви-Строс, кој половина живот мина со Бороро Индијанците во Латинска Америка...


Дека во споменатиов расказ на Урошевиќ сѐ е некако tricky – дека, не само географската туку и временската мапа на светот е свртена наопаку – ќе ве уверат и аргентинските гаучи, кои заедно со кенгурите и античките скулптури, сосем природно изгледаат во овој дел од светот, ноншалантно расфрлени така низ пејзажот на Африка.


Ова „скокоткање на имагинацијата“, кое ви вели дека можеби и не се наоѓате таму каде што претпоставувате дека сте, ќе го засили и чудесната машина за генерирање електро-магнетни бранови, сакрален објект на едно примитивно домородечко племе со огромни познавања од античката историја, од кое ќе дознаете за тајната мисија на „Друштвото за борба против археологијата“. Намерата на ова Друштво е да ги врати под земја сите ископани наоди што ја претвораат археологијата во „јаболко што ги скарува народите“, па добро би било кога артефактите закопани длабоко под нашите живеалишта, би можеле засекогаш да останат тајна.


Така, не само гробот на великиот Александар, туку и необичното присуство на парискиот Пантеон во срцето на Африка ќе остане тајна (заедно со провокативните зданија од контроверзната компјутерска анимација што прерасна во реален проект од „неокласичен стил, со антички столбови и барокни украси“, за кои, веројатно, никогаш и нема да дознаеме „кој ги изградил и со чии средства“...). И таа помисла ќе ве држи сѐ до крајот на расказот кога, сосем случајно, екстравагантниот ној Дада, ќе ја поткачи со нога Мебиусовата лента од машината за контракција на времето и просторот, спојувајќи ги во една димензија и ставајќи ѝ крај на играта...


Јасно е дека авторот Урошевиќ – чиј лик, доколку само внимателно погледнете, ќе го видите на една од илустрациите што визуелно го збогатуваат овој чудесен расказ – ја користи својата наративна постапка, не само да создаде илузија на животот, туку и да направи алузија на некои настани и личности, кои некогаш можеби и биле регистрирани од нашите затапени сетила, за да нѐ увери на крајот, колку неговата луцидна имагинација е само успешна трикнарација која не ѝ остава простор на здодевната логика на умот.


Свесен за слободата на пишувањето, Урошевиќ продолжува да си поигрува...


Во телефонски интонираниот расказ „Врски“, ќе ги доведе тој во врска македонскиот рубин, Тунгускиот метеорит и земјотресот во Скопје, со смртта на виенскиот јувелирничар (поради дагњите во Дунав, донесени од Суецкиот Kанал, што ноќта, пред земјотресот во Скопје, ги јадел пилотот на Југословенското воено воздухопловство, па му се слошило и ja загубил контролата, уривајќи го авионот врз куќата на виенчанецот, во мигот кога тој ги слушал хоровите од Аида, компонирана во чест на Суецкиот Канал што денес ги сврзува Средоземното и Црвеното Море...). А дека менталната рецепција на расказите на Влада Урошевиќ и реконструкцијата на нивното значење зависат од нас самите, ќе покажам само на уште еден пример.


Имено, стотина години по паѓањето на Тунгускиот метеорит во Урал, во Скопје, како светски бренд, ќе биде заштитен македонскиот рубин – оној полудраг камен со боја на малина, откриен пред половина век при испитувањата на прилепските доломити. По својот хемиски состав, рубинот е исклучително тврд минерал (алуминиум оксид, од видот корунд, за кој се верува дека потекнува од времето на создавањето на планетата), па би можел да биде во некакво си далечно сродство со Небесниот камен, кој во 1008 година паднал во Тунгуска. Не се пронајдени негови остатоци, но постојат верзии за неговата појава на Земјата. Некои го доведуваат во врска со експериментите што ги правел некогаш Никола Тесла (особено со кулата што сакал да ја изгради (која, по безжичен пат, требало да пренесува пораки и слики), а за која бил убеден дека може да прима и сигнали од вселената. Овие податоци се можеби одвишни за многумина од нас, но за луцидната имагинација на Влада Урошевиќ сигурно би биле инспиративни. Тој, иако знае дека во Македонија не може да стане збор за експлоатација на рубинот како полудраг камен (зашто, кај нас нема рудници на рубин), ќе ве збуни со информацијата за илегалниот бизнис на прилепските копачи на мермер, иако знаете дека рубинот, сосем легално, може да се купи во дуќанот на Дејан Шкартов, тука, во близина на Грчката амбасада, како што без сомнение го знаат тоа и папата Бенедикт XVI, и принцезата на Хунзите – Рани Атика, и холивудската глумица Дерил Хана, па дури и претседателот Ѓорге Иванов, оти еден таков рубин има и во неговиот Кабинет...


Гледате ли колку може да биде заразен заводли- виот лудизам, палавата разгаленост на мислата и детски интонираната љубопитност на Влада Урошевиќ? Просто ве принудуваат да ги проверите сите податоци што ќе ги сретнете во неговите книги, ноншалантно расфрлени а, заправо, толку перфектно артикулирани и арабескно ситуирани во приказната, што не знаете дали реферираат на историски засведочени настани, на лажни имиња и датуми, или на фрагменти од секојдневниот живот. Секако, има уште многу нешта да се кажат за оваа „мисионерска“ книга на Урошевиќ, која верувам дека долго ќе се коментира (како што, впрочем, се коментираат сите негови книги), оти не само што ве освојува на прв прочит, туку и ве поттикнува на таква ментална гимнастика, што се будите со чувство како цел ден да сте решавале судоку, несвесни за времето кое со брзина на светлината минало крај вас, а вие сѐ уште сте на истата страница, го мислите истиот расказ, ја превртувате истата приказна в глава, обидувајќи се да ја разгатнете нејзината тајна.


Можеби расказите од оваа книга ја немаат експлозивната динамичност што ја имаат тие од Седмата страна на коцката, но ќе го најдете во нив добро познатиот Урошевиќ, детски-палавиот-Влада, ќе ја видите неговата посветеност на најситните детали, вродената љубопитност кон сите можни и неможни ситуации од кои ги создава тој паралелните светови, своите чудесни простори и слики... И тоа ни малку нема да ве зачуди, зашто академик Урошевиќ е, веројатно, најголемата епистемолошка метафора на македонската културна сцена, постојано во некаква таинствена и недовршена мисија...

Comments