ЕМОТИВНИОТ ВЕЗ НА ЕДНО МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ (СЕМЕЈНИОТ АЛБУМ НА ВЕСНА МОЈСОВА) | ДИСКУРС И ЕКСКУРС (ЗА КНИЖЕВНОСТА И КУЛТУРАТА), 2017


Првата средба со Семејниот албум на мојата драга Весна, изгледаше како Мејбриџовата Сали Гарднер во галоп... И како што обично бива на некоја здодевна седница, почнав да ја прелистувам новодобиената книга, ладалесто придвижувајќи ги страниците со палец. Како на филмско платно, со брзина од 30 фрејмови во секунда, пред моите очи почна да се одмотува една рачно испишана анимација, црно-бел документарец со сликички снимени од камерата на Милтон Манаки... И не ги читав есеите, ги гледав посветите, лежерно прикачени (како фусноти) кон теориските поглавја од книгата што требаше да ја промовирам... Не препознавав букви, прелистував фотографии во вербални рамки од минатото (за некои дури и самата сведок). И по којзнае кој пат, се уверив дека нашето постоење не е само линеарно движење од датум до датум, туку мозаична сложувалка од емоции и рефлексии, во која примарното и секундарното често си ги менуваат местата. Па, воопшто не ме чуди што целосно изумив што беше ерон, а што парергон во книгата на мојата пријателка. Го гледав само она што сакав да го видам – дека фуснотите се заправо белешките што ги оставила нашата потсвест, дискретно откривајќи ни го вистинскиот предмет на животот. Иако... насловот на книгата што упорно ја држев в рака, топло ми го сугерираше тоа... Семеен албум, Албум заедно семејство, На семејството – Албум.

Зошто тогаш ме допре толку, овој романескно структуриран книжевно-теориски проект?

Ме допре веројатно зашто, како што одминуваат годините, станувам сѐ посвесна дека во нашиот нервен систем, како на мемориски енграм, се врежал метафоричкиот ductus на нашиот животец. А ние, залдисани по своите кариери, несвесно сме го поттурнале, оставајќи го во тремот – во немиот и темен пред-дискурзивен вилает на нашата свест – најубавиот дел од животот, осветлувајќи ревносно (и секогаш само) туѓи животи и дела, со снопови дискурзивна светлина. И така, сѐ додека нашето затапено нервно писмо и самото не почне, на маргините од маркантните ни научни есеи, да ја испишува хрониката на нашата невидлива егзистенција, бележејќи ja нејзината индивидуалност...

Затоа се возбудив толку... И, за првпат, се посомневав – ќе можам ли? – да го претставам непретставливото, да го изложам, јавно, дискурсот на еден интимен скопски родослов по женска линија – од Тетовско до Егејско – кој се испишал на маргините од оваа книга. Како да го артикулирам страничното (не централното!), оној невидлив паспарту од семејната био(фото)графија на Весна Мојсова, што за многумина, можеби, не би бил ни предмет на обработка, а камо ли на промоција, но за мене, еве, скапоцено парче живот...

Мудрите рекле, таму каде што нѐ жигнал животот, се родил јазикот. Затоа пред да кажам збор-два за Семејниот албум (посветен на мајка Љубица, оти од мајките, нели, почнува сѐ), ќе се задржам на корицата од оваа книга... На неа е една многузборлива фотографија, направена во Братислава, во ноември 2013 година, во еден елитен ресторан преполн со антиквитети, небаре луксузна старинарница од спомени на важни личности и случајни гости. Меѓу нив, авторката на оваа книга и авторката на фотографијата...

Што несвесно снимило, а не видело тогаш моето „филмско“ око, удобно сместено зад објективот на Весниниот фотоапарат? Една насмеана, заитана, жизнерадосна личност, еден непресушен извор на авантури што запрел случајно крај некоја патемна чешмичка, да пивне водичка и да земе здив, да се освежи малку на пат околу светот и векот (додуша, не со велосипед, ами со авион), од Скопје до Москва, од Лисабон, до Перм... уџум, горе на Сибир... Ја гледам нашата Весна, како слегува од Кружницата на животот за да ја крене својата здравица, на грлен и сочен македонски јазик, одмавнувајќи бодро со раката и продолжувајќи си го патот, небаре пеш по светот...

И само поради тоа што сум и јас некаде вo
средината од нејзината приказна, си земам слобода да ја запишам сега оваа фуснота...

Ја познавам Весна Мојсова од 1985 година. Цели триесет и две (32) години. Го полагавме заедно приемниот испит на Филолошкиот факултет во Скопје (чинам дури и дека седевме еднододруго). Замислете, јас која не помнам физиономии и сиот живот мака мачам со сопствената меморија, сум ја запомнила оваа средба... Потем студиравме заедно на престижната – во тоа време – Катедра за југословенски книжевности, како студиум под А, и македонски јазик, како студиум под Б. Животот си има планови за секого од нас, па нѐ спои повторно, на истото место, но со искуство повеќе... Небаре задоцнета но вечна тинејџерка, Весна отсекогаш си беше и остана ултратемпераментна. Сиот живот иташе некаде, прва беше во сѐ и секогаш пред сите: се омажи прва, се породи прва, дипломираше прва, се вработи прва, магистрира прва, докторира прва... дури и баба стана пред сите колешки од генерацијата, иако многумина бевме постари од неа...

Ако Сара Чепишевска, денес Витларова, ги обележа нејзините додипломски години, Горазд ги круниса нејзините постдипломски. И како што бива кога ќе се смешаат гените во семејството, децата си стануваат слика и прилика на родителите. Но, не само на нивните педагошки визии, туку и на нивната семејна (би рекла дури) и тешко контролирана генетска страст, кон спортот и кон зачинетиот живот... оној со примеси на сладокусно домашно мезе. А тоа, на чудесен начин, со гласот на своите претходници, ја открива нераскинливата семејна врска, заслужна за научната и творечка „аскеза“ на мојата драга Весна...

Нема веројатно да згрешам многу, ако кажам сега, дека секој од нас, на свој особен и неповторлив начин, е рожба на еден слоевит и богат предлитературен живот од бои, звуци, миризби и слики, тие невидливи траги што неосетно го гравираат текстот на нашиот недовршен роман, нашата потенцијална авто(био)графија, која спонтано и речиси незабележително, се испишува на маргините од нашиот „научен“ дискурс, управен секогаш кон некој Друг, поважен Некој... А, што би биле тие крупни теориски дискурси во нашите скромни книги, без смислата и поддршката на малите семејни фрагменти, без минијатурните приказни од нашиот живот, оној метафизички имагинариум што упорно го чека мигот на своето измолкнување? Ништо, веројатно ништо – иако многу – сепак ништо, без иитимните гравури на нашата меморија кои ни отвораат пат кон нови (и нови) книжевно-теориски авантури...

Затоа, посветите од оваа книга ги доживеав како своевиден егзистенцијалистички гест, поради кој емотивниот вез од Семејниот албум на Весна Мојсова-Чепишевска – можеби најмакедонското меѓу сите македонски девојчиња што ги знам – го видов како топла лирска приказна за животниот континуум на неколку генерации од проширеното семејно стебло, нивните (заеднички) животни успеси, расфрлани како „крајпатни знаци“ на долната маргина од страниците на нејзиниот досега „најавторски“ проект. Овој, шести по ред, книжевно-теориски труд, не ја засведочува Весна Мојсова само како успешна книжевна критичарка, омилена универзитетска професорка, меѓународно призната македонистка, но и како авторка на „Мал лирски тестамент“. Во него, со невидливите букви на срцето е запишано дека, не можеш да бидеш Некој, ако си никој... А таа е – жив пергамент, потомок и предок на една семејна приказна... без крај.

И, само уште неколку збора, за единаесетте (не помалку важни!) книжевно-теориски есеи, поместени во книгата што ви ја препуштам на прочит и промисла... Небаре привилегирани мастер-наративи, овие грижливо и темелно развиени текстови од книгата со (необично) лирски наслов, го прават, всушност, оној неопходен и цврст контекст со кој нашата Весна Мојсова-Чепишевска ги „надополнила“ вербалните фотографии од својот живот, откривајќи ни ја не само својата лична (и колективна), туку и книжевно-историска и културно-просветителска мисија. Во неа одѕвонува битот на балканскиот човек, но најмногу на македонската жена (мајка-авторка-професорка-баба), нејзиниот суптилен женски-чекор низ машките векови на историјата, како судбина, како фатум... како трајна животна определба. И, само како доказ кој го потврдува реченото – поместена кон самиот крај од идентитетскиот албум на Весна Мојсова-Чепишевска, нејзината импозантна библиографија е своевиден „книжевен тестамент“, на кој (без трошка задршка!) би можеле да ѝ позавидат и најкрупните имиња од македонската книжевна сцена, меѓу нив, секако, и авторката на овие редови...

Ете. Толку. Ви благодарам за вниманието. И...простете ако бев досадна.

 

Дискурс и екскурс (за книжевноста и култура)

Comments