СВЕТ ВО БОЈА НА АКВАМАРИН | ГРУПЕН ПОРТРЕТ (КУЛТУРОЛОШКИ И ЛИТЕРАТУРНО-ТЕОРИСКИ ЕСЕИ), 2007
При моето прво исчитување на романот Аквамарин (Магор, Скопје, 2004), нешто постојано ме потсетуваше на личната исповед на Умберто Еко. Убеден дека се пронашол себеси во високите сфери на својата философска мисла со која општел секојдневно градејќи ја, трпеливо и упорно, својата академска кариера, тој заправо не бил ни свесен дека потиснувајќи ја својата раскажувачка страст, всушност, ја задоволувал постојано. И тоа на повеќе начини: најпрвин како усна нарација, раскажувајќи им приказни и бајки на своите деца, потоа пародирајќи ги во својот дневник туѓите книжевни текстови, за да, на крајот, премине и на своите научни есеи претворајќи ги во тивка нарација, небаре сосема вообичаена и едноставна работа. Во разговорот со авторката на романот Аквамарин, госпоѓа Тања Урошевиќ, сфатив дека сета нејзина импозантна и респектабилна преведувачка активност била инспирирана од големите раскажувачки имиња на руската литература. Од лично пак, искуство знам дека преведувањето текстови подрабира реинтерпретирање на туѓиот јазик, едно несвесно, но грижливо складирање приказни кое може да се претвори во одлична подлога за роман, оти во процесот на рецепцијата, сите ние учиме едни од други, позајмуваме вечни теми и мотиви, но никогаш не се откажуваме од желбата да ја раскажеме својата приказна. Впрочем, јазикот и не е имун на дошепнувањата што му ги упатува литературата: од неа ги црпи своите инспирации и своите обрасци.
Така ми стана совршено јасна, онаа тивка асоцијација со Умберто Еко.
По дух и по стил сличен на големите руски книги, првенецот на писателката Тања Урошевиќ е, всушност, дискретна, но моќна приказна за една современа одисеја. Велам одисеја, оти митот за Одисеј е искористен како интертекстуална подлошка за животната авантура на рускиот емигрант Борис Андре(ев)ич Кузнецки, реинскрибирана потоа во приказната за неговиот син Андреа Борис(ов)ич Кузнецки. Трите приказни (онаа за Одисеј, за Борис и за Андреа), се заправо една. Течат меко, со дребни и грижливо исцртани описи, со заплети кои ја впиле тенката патина на едно, не толку дамнешно, колку подзаборавено време. Но, иако фикционални тие се сосема веродостојни. Со нив писателката Тања Урошевиќ мудро објаснува нешто што инаку не се прифаќа лесно: дека сите наши дилеми и талкања по сопственото минато, по минатото на нашите предци, не се само приказна за нашите корени, за вечните враќања и потраги по сопствениот, или по идентитетот на нашиот татко, ами приказна за заблудите понесени од времето кога сме биле способни само да слушаме, но не и да раскажуваме приказни. Но слушањето приказни, исто како и раскажувањето е една специфична дијалошка релација, оти зборовите, нели, сакаат да бидат поземени, да бидат позајмени, и така... ad infnitum. Затоа, веројатно, кога стануваме способни да раскажуваме, ние тргнуваме од некои текстуални предлошки, од некакви „каталошки приказни“ претворајќи ги нашите миметички принципи во мета-миметички.
Романот е пишуван во псевдокласичен стил. Велам псевдокласичен оти е спроведен хетеродиегетички тип нарација, концепција на раскажување во 3-то лице, со нулта, т.е. надворешна фокализација, во која наративната трансмисија се одвива преку еден и единствен наратор, омнисцентен раскажувач кој интервенира и во интроспекциите. Но токму овој миметички аспект наместо кон реалниот го насочува читателот кон фиктивниот свет на литературата, што покажува дека романот Аквамарин на Тања Урошевиќ е само уште една потврда дека нашиот реален свет е, всушност, збир од референции чии корени се наоѓаат во туѓите приказни, во туѓите дискурси, во делата што ги читаме, а кои се заслужни за проширувањето на нашите духовни и егзистенцијални хоризонти. Но, исто како и зборовите, и ликовите, овие литературно-уметнички конструкти, можат да мигрираат. Се случува, тие, под некое друго име, да одлутаат од текстот во кој се родени, менувајќи ја својата литературна суштина во некоја нова адаптација, во некој друг текст и да проживеат надвор од оригиналните партитури, еднаш као Одисеј, другпат како Борис Андреевич, третпат како Андреа Борисович Кузнецки.
Романот Аквамарин на Тања Урошевиќ започнува како бајка. Заправо, започнува со една стара божиќна приказна која потсетува на бајка и која е дадена во курзив, небаре поставена отстрана, како паспарту, како рамка, без некакво особено влијание за централната тема на романот. Но, тоа е само навидум така, оти приказна за судбинската средба меѓу Еленица и Борис Андре(ев)ич, белиот руски офицер, е само почеток на крајот на нивната љубовна приказна. Потоа писателката решава да ја прекине нарацијата и да нè придвижи педесетина години понапред следејќи го патувањето на ликот Андреа Кузнецки – универзитетски професор по архитектура – кој оптоварен со магливите трауми од своето детство тргнува на пат кон островот Крф, за да ги разреши дилемите околу исчезнувањето на неговиот татко. И тука, препуштен на својата интуиција тој ќе доживее нежна, но бурна љубовна авантура со младата Џеси и со неа, полека, ќе ја спознае вистината. А таа е следна: за мештаните од островот Крф, тој е само реинкарнација на Борис Кузнецки, кој поради политичките превирања на времето морал да се отуѓи од своите најблиски и откорнат од својата автентична рамка, да ги започне, небаре Одисеј, своите талкања сè до мигот кога решил да се врати во Русија каде што прогласен за нацистички колаборационист бил осуден на северните студови на Сибир. Макар што... неговата совест одамна си дошла по своето...
Иако, за сето време во романот Аквамарин судбината на ликот Борис Андреевич Кузњецки е неизвесна, нејасна и енигматична, таа има фигуративна вредност за синот Андреа. Велам фигуративна оти е полисемична, па може да се исчитува на различни рамништа. Токму таа енигматичност прераснува во основна мотивација и предизвик за ликот Андреа Борисич Кузнецки. Дали потрагата по неговиот татко е потрага по неговиот личен идентитет? Дали семејната приказна за неговиот татко е приказна за самиот Андреа? Или можеби тоа заедничко НИЕ (составено од јас и мојот енигматичен татко) е само дел од едно сложено ЈАС?
Се разбира, мојата улога на промотор на оваа книга, не ме обврзува на прецизни одговори на прашањата што ги отвора романот, ами ме задолжува да изнесам дел од своите согледувања по однос на кои можам да ги потврдам неговите квалитети. Затоа ќе речам само толку, дека Аквамарин на Тања Урошевиќ нè учи на многу обични но важни нешта. Нè учи дека како субјекти, ние сме бесконечен збир од сето она што ни претходело во процесот на нашето осознавање, од она што сме и од она што ќе бидме, кога нема да бидеме. Затоа сум склона да верувам дека, за разберањето на некој субјект (или роман), потребно е да се разбере Другиот присутен како дискурс во туѓиот дискурс. Така, сите ние кои читаме и разбираме и самите стануваме учесници во дијалогот со писателката Тања Урошевиќ – се разбира, не во буквална, аритметичка, ами во една поспецифична металингвистичка смисла, која ни помага да сфатиме дека, како дијалог на дискурси, романот Аквамарин е текст во кој се вкрстуваат кодови и цитати кои, иако ја живеат својата сегашност, не престануваат да го паметат своето минато.
Приказната за Борис Андреевич Кузнецки е сигурен доказ дека минатото постои, но неговото сфаќање, за нас, е секогаш дискурсивно условено. И како што велеше Мишел Фуко, тоа & припаѓа на нашата когнитивна и имагинативна археологија. Таа нè уверува дека се работи за одличен роман, композициски стегнат, сижетно развиен до најситни детали, свеж и инспиративен, роман кој ни овозможува да ја запознаеме госпоѓа Тања Урошевиќ во друга светлина, не само како трпелив работник, афирмиран преведувач на светски познатите имиња од руската литература, ами и како сериозен и виспрен белетрист, како раскажувач од перо, со извонредно, на моменти дури и смело љубовно писмо, но со мека и заводлива синтакса која ве освојува уште на првите страница од романот кој не ве остава рамнодушни. Секоја повторна средба со јунаците од фиктивниот свет со боја на аквамарин, ќе биде момент на препознавање, но и на признавање дека станува збор за еден паралелен свет, кој е мошне привлечен и кој ја заслужува нашата читателска доверба. Овие редови се само препорака за него, а задоволството... задоволството е нешто што самите го откриваме.
(2004)
❤️
ReplyDelete