I. ДИСКУРЗИВНИТЕ ПРАВИЛА НА ИГРАТА (PASSE-PARTOUT) | ХИПЕРТЕКСТУАЛНИ ДИЈАЛОЗИ, 2004
Библиотеката е како
магична соба. Во неа се
магепсани најдобрите
духови на човештвото.
Го чекаа нашиот збор
за да излезат од
занеменоста. Треба само
да ја отвориме книгата и
тие ќе се разбудат...
Хорхе Луис Борхес
Идиомот на новите лингвистички хирофанатици ме уверува дека секое литературно дело е направено за да ги обнови останатите да се постави зад нив, крај нив, среде нив, да ги потроши и да ги сведе на молчење. И по кој знае кој пат - оти сум скептична кон изворноста на фантазмите, кон нивната чиста миметичност - ги отворам кориците на една луцидно испишана книга. Во неа читам: литературата е имитирање без имитација, референција без референт, двојност без идентитет, и се замислувам над претставата за „чиста површина" - небаре сликар застанат пред средето од картонот - барајќи го „клучот" за своето патешествие. Нешо недостига, си велам - оти „самото себеси си недостига" велеше Дерида (Jacques Derrida) (1990; 60) - мислејќи на рабовите кои притискаат врз границите на текстот кој „пека" по својот недостаток, по своето passe-partout: по маргините кои не водат до сфаќањето дека текстот е структура со подвижна основа, трага на трагите од некои претходно напишани дела. Тие ме поттикнуваат да размислувам за парадоксот на нашата историска свест, за неизбежноста од историзмот во толкувањето на литературата, кој не издигнува над светот во кој живееме, кој не уверува дека литературното дело не е само биолошка метафора ами настанување, целина од повеќе слоеви кои имаат обележја својствени за сите времиња. Но, има ли делото потреба од „нешто" за кое никогаш не сме сигурни дека навистина му припаѓа, оти доаѓа „отстрана", оти си допушта (оти му допуштаме) да се покави покрај, да проговори (за нешто) a bord?
Писмото е преставник на трагата, но самото тоа не е трага, велеше Дерида. Тоа е слободната игра на текстот кој настојува да jа надвладее устоличената мудрост на јазикот, да им го сврти грбот на митосториите за центарот и за потеклото. Затоа за литературата, денес, не може да се каже дека е „мимеса“, ниту дека е „матеса“, туку семиоса, авантура на неможното во казикот, со еден збор, Текст" (Bart: 1992; 142) - отворен, децентриран, плуралев и полисемичен - текст како експлозија од значења, како резултат на една иманентна меѓутекстовност. Таа е границата на која ги премостуваме јазовите меѓу естетското и историското, границата на која литературата ja прескокнува својата сопствена сенка.
Конечно, дали сум подготвена да говорам за таа меѓутекстовност, за писмото-по-себе, за Текстот - единствениот Голем Субјект?
(2004)
Comments
Post a Comment