I. ВАРВАРИТЕ ДО НАС, ВАРВАРИТЕ ВО НАС: ХУМАНОТО И СУПХУМАНОТО ЛИЦЕ НА КОНТИНЕНТОТ | СОВРЕМЕНА ФИЛОЛОГИЈА (прв дел)
Западноевропската цивилизаторска и колонијална парадигма ја препознала и впишала другоста во
дивиот, нагонски, сексуално потентен и агресивен варварин, опишан во романот на
Џон Максвел Куци, Чекајќи ги варварите. Но Тврдината Европа – на чии граници
преживуваат денес милиони бегалци и мигранти од блискиот Исток – не е само
целта што Другиот очајнички ја посакува, туку и местото на кое се случува
неговата смрт. Првата перцепција за Европа ја претставува „зоната на
постоењето“, втората „зоната на непостоењето“. Едната им припаѓа на граѓаните
(humans), другата на „неграѓаните“ (subhumans) – бегалците, мигрантите,
азилантите, дислоцираните, дискриминираните – чијашто „гола егзистенција“ го
поништува современото сфаќање за субјективитетот. Исклучени од системот,
супхуманите го претставуваат денес конститутивниот недел на Европа. Тие се
диферАнсот на „европскиот апартхејд“, надворешна дијалектика на неговиот
симболички поредок, чијашто лажна хуманитарност го открива своето мрачно
колонијално и расистичко лице. Овој текст ќе се обиде да покаже колку, во
својата крајна инстанца, европската политика е самодеструктивна, а нејзиниот
биополитички систем – танатополитички, оти (како суштина на неолиберализмот),
„смртта на политичкото“ ја имплицира самата смрт.
Клучни зборови: Куци,
Европа, колонизација, варвари, биополитика
THE BARBARIANS NEXT TO US, THE BARBARIANS IN US: THE CONTINENT'S HUMAN AND SUBHUMAN FACE
The Western European
civilizational and colonial paradigm has recognized and inscribed otherness in
the wild, impulsive, sexually potent and aggressive barbarian, described in
John Maxwell Coetzee’s novel Waiting for the Barbarians. But Fortress Europe –
on whose borders millions of Middle East refugees and migrants survive today –
is not only the destination that the Other desperately desires, but also the
place where his death takes place. The first perception of Europe represents
the "zone of existence", the second "the zone of
non-existence". One belongs to the citizens (the humans), the other to the
"non-citizens" (the subhumans) - refugees, migrants, asylum seekers,
the displaced, the discriminated - whose "bare existence" invalidates
the contemporary understanding of subjectivity. Excluded from the system, the
subhumans represent the constitutive non-part of Europe today. They are the
differАnce of the "European apartheid", an external dialectic of its
symbolic order, whose false humanitarianism reveals its dark colonial and
racist face. This text attempts to show how, eventually, European politics is
self-destructive, and its biopolitical system – thanatopolitical, because
(being the essence of neoliberalism) the "death of the political"
implies death itself. Keywords: Coetzee, Europe, colonization, barbarians,
biopolitics
Постои една изрека која
вели дека човек што држи перо во едната, не може да држи меч во другата рака.
Но, историското искуство сепак го покажува спротивното, дека потентната
реалност на цивилизацијата ја носи во себе потенцијалната виртуелност на
варварството. Нивната замрсена симбиоза не само што ја потврдува добро
познатата максима дека не постои цивилизациска постапка којашто не е,
истовремено, и варварско дело (Валтер Бенјамин), туку сосем јасно кажува дека –
ако варварството е горчливиот зачин на цивилизацијата, тогаш таа е неговиот
сладок противотров1 (Едгар Морен). Еве зошто е тоа така.
Историските искуства нѐ
соочуваат со фактот дека, како составен дел од (европската) цивилизација,
варварството заправо е фундаментот на нејзината империјалистичка логика,
чијашто расистичка идеологија, заснована на чистотата на крвта и на верата, ја
хранела својата имагинација во петвековното непречено колонизирање,
експлоатирање и поробување на светот. Во својата екстремна форма на
експанзионистичко насилство, таа идеологија почнала да го губи својот примат
дури кон крајот на 20 век (со процесот на деколонизацијата), но нејзините
рефлекси(и) се видливи и денес: во бегалските кампови, во строго контролираните
гранични премини кон Унијата, во новиот расизам, во разбеснетиот тероризам и во
сеприсутниот национализам. А тоа јасно кажува дека европското варварство не е
мртво, само е во привидна „регресија“. За тие сознанија говори и овој текст, но
пред да ги анализираме споменатите варварски модалитети, би потсетила дека со
векови наназад, западноевропската цивилизаторска и колонијална парадигма ја
препознава (и впишува) својата другост во дивиот, нагонски, сексуално потентен
и латентно агресивен „варварин“. Тој е честа тема во многу светски дела, но јас
ќе се задржам на романот Чекајќи ги варварите од Џон Максвел Куци. Инспириран
не само од истоимената песна на Константин Кавафи, туку и од култната книга за
деколонизацијата на Франц Фанон, Презрените на светот и, секако, од
постколонијалната книжевна теорија, овој роман, освен што претставува политичка
парабола на животот во Јужноафриканската Република (во времето на апартхејдот),
може да се чита и како универзална алегорија на колонијализмот, воопшто. Во таа
насока, следејќи ја содржината на романот и анализирајќи ги односите меѓу
ликовите, ќе ги разгледам причините за пропаста на сите царства во нас, до нас,
околу нас... Но, најнапред, содржината на романот.
О, тело мое,
дозволи ми да бидам
човек што преиспитува.
Франц Фанон
Фабулата
на Чекајќи ги варварите е изградена преку медитативната исповед на главниот
протагонист, неименуваниот управник на една погранична колонија, кој животот го
минува во летаргична удобност и мирна коегзистенција, како со Империјата, така
и со домородното население. Неговиот тиесетгодишен конформизам е резултат на
една востановена рутина, но по зачестените гласини за наводните немири,
организирани од страна на варварите, Империјата испраќа лице од Службата за
државна безбедност да ја превенира „новонастанатата“ ситуација во колонијата.
Полковникот Џол е експерт за фабрикување вистини, но иако набрзо сфаќа дека се
работи за неоснован страв од другоста (варварите, впрочем, никогаш не го
напаѓаат граничното утврдување), сепак решава, покрај заплашувањето и
понижувањето на затворениците, да примени и физичка тортура врз нив: дење ги
гони и ги измачува сомнителните варвари, а ноќе се храни со сликите од нивниот
ужас. За да ја избегне свирепоста на „белиот човек со темни очила“, домородното
население се повлекува во внатрешноста на колонијата.
Не
согласувајќи се со вештачки предизвиканата „вонредна состојба“, управникот на
колонијата почнува да покажува отворено незадоволство од одлуките на Империјата
и презир кон методите со кои полковникот Џол го измачува домородното население.
Одбивајќи да биде соучесник во неговите акции, управникот всушност станува
заробеник на сопствената совест, па наспроти сите очекувања, решава да живее со
една полуслепа варварка: ѝ пружа прибежиште во својата куќа, негувајќи ѝ ги
раните, здобиени од тортурите. Во еден миг решава дури и да ја врати девојката
кај нејзините, погазувајќи го така вредносниот и правниот систем на Империјата.
Казната што следува не ќе биде ни правна, ни праведна: управникот ќе мине низ
слични понижувања и измачувања, ќе му биде инсценирано дури и лажно бесење, по
што ќе настапи долг и болен обид за враќање на загубениот мир. Но, мирот е веќе
уништен, а спокојот невозможен, во изместениот живот на колонијата. Раните од
физичкото измачување и психичката тортура никогаш нема да зацелат. Ќе останат
само лузните и стравот од исчекувањето на варварите... Бескрајна пустош.
Има
еден симболичен опис во книгата Црна кожа, бели маски, со кој Франц Фанон дава
јасна слика за двата комплементарни, но меѓусебно спротивставени света,
заклучени секој во својот расен колорит: белиот во својата белина, црниот во
својата црнина. Фанон го нарекува тоа двоен нарцизам, но антиномијата што ја
содржи таа слика е важна не само за разбирањето на манихејскиот поглед на свет
во романот на Куци, туку и за комплексните конструкции на идентитетот во рамки
на колонијализмот. Првиот свет вели отприлика вака: „Јас сум бел. Јас сум
бојата на денот. Ги поседувам убавината и доблеста кои никогаш не биле
црни...“. Вториот одговара: „Тоа што сум црн не е последица на некакво
проклетство, туку заслуга на мојата кожа која ги впила сите космички движења.
Јас сум сончев зрак под земјата... Загубеното ‘јас’ во срцето на вселената“
(Fanon 2015: 54).
Но освен со дихотомијата,
романот нѐ соочува и со двете лица на Империјата: едното лице го претставува
нејзиното историско, другото нејзиното неисториско време. Првото му припаѓа на
ревносниот полковник, чуварот на поредокот, манијакално опседнат со идејата за
прогонување и дисциплинирање, а второто на резигнираниот управник, летаргично
наклонет кон жртвите на репресивниот режим, кој откако ќе стане свесен за
амбивалентното чувство на сомнеж и вина кое се раѓа во него, за себе ќе рече:
„не, не бев јас некаква великодушна и хедонистичка спротивност на ладниот и
строг полковник. Јас бев лагата која Царштината си ја кажува себеси во
мирновременски услови, а тој вистината што таа си ја повторува кога дуваат
силни ветришта. Заправо, обајцата бевме двете лица на едното и исто
империјалистичко владеење“ (Kuci 2004: 145–146; курзивот е мој).
Од извадокот јасно се гледа
дека јазикот што го зборува управникот на колонијата е амбивалентниот јазик на
зазорот, својствен за човек кој е обземен од чувството на вина. Неговиот јазик
е јазикот на локалниот колон, колонот на провинцијата, кој е таму за да ги
спроведе одлуките на Империјата. Но заглавен меѓу нејзините интереси и
интересите на колонијата, станува свесен дека не им припаѓа целосно, ниту на едната,
ниту на другата страна. Тој „помеѓу-момент“ создава кај него амбивалентно
чувство (иако својата смисла ја наоѓа во колонијалниот систем, управникот не е
сигурен дека ги споделува истите вредности, зашто сѐ уште чувствува зазор кон
варварите, како кон другост која, истовремено, го привлекува и одбива). Тој
знае дека ниту една фразеологија не може да ја замени реалната онтологија, па затекнат
од контроверзната состојба во која се наоѓа, полека станува свесен дека тој е,
поправо, аутсајдерот во колонијата, не само за домородците, туку и за своите,
зашто по толку години минати надвор од Метрополата, тој е и физички и ментално
одалечен од неа. Тоа што е неименуван, што е „безимен“ лик во романот, јасно
кажува дека управникот не може да се вклопи реално во ниту еден контекст, ниту
пак може да се идентификува целосно со една од страните. Сепак, неговата одлука
да живее со варварката, а на тој начин да коегзистира и со домородците, открива
несмасен, но храбар обид за разбирање и за зближување со другоста. И, дури
откако непосредно, на своето тело, ќе ги доживее понижувањата и тортурите на
полковникот Џол, управникот ќе ја разбере специфичноста на својата позиција, па
чувствувајќи видно олеснување, ќе рече: „Сега сум свесен за причината на мојата
радост: врската меѓу мене и чуварите на Империјата е прекината! Јас сум
слободен човек“ (Kuci 2004: 86).
Подвоеноста на приватен и
на јавен ентитет, Пол Рикер ја формулираше како подвоеност меѓу свеста и
телото, но пред да видиме колку е клучна таа за разбирањето на ликовите во
романот, да се запознаеме и со другото лице на Империјата, и со неговиот јазик.
Јазикот што го зборува
полковникот Џол му припаѓа на колонизаторот од Метрополата. Тоа е еднозначниот
јазик на власта, својствен за господското однесување на туѓинец, кој својата
(европска) култура ја смета за супериорна. Оттаму, задачата да ги потчини
варварите, задушувајќи го нивниот „отпор“, ја доживува како своја
цивилизаторска мисија, во која ужива како што суверенот ужива во својата
тоталитарна моќ. Полковникот Џол ниту ја познава колонијата, ниту е подготвен
да ја признае вината за неоправданото брутално однесување. Суровоста што ја
испорачува не само што го открива безмилосното лице на Империјата, туку укажува
и на прикриениот параноичен страв од другоста, кој ги претвора во варвари тие
што го измачуваат мирољубивото население, додека тоа со врзани раце ги крепи
своите крвави образи, пронижани со жица:
„Да се доведе некој до
состојба на целосна немоќ, значи да се постигне чувство на врховна моќ“ –
пишува Цветан Тодоров. „Такво чувство пружа само тортурата и е многу посилно од
она коешто го дава убивањето...: зашто смртта го оневозможува ликувањето кое
доаѓа од целосниот триумф над жртвата и над нејзината волја... Токму таа
илузија на семоќ раѓа неприкосновена моќ, зашто додека ги крши човековите
права, суверенот се чувствува рамен на боговите“ (Todorov 2014: 163).
Полковникот Џол од романот
на Куци се однесува токму така: месното население и варварите, за него, немаат
ни индивидуалност, ни субјективитет; тие се безимена толпа, неподатлива на
етичко однесување, тие се негација на цивилизациските вредности и квинтесенција
на злото. Но, ако црното е негација на белото, тогаш црниот човек е „нечовек“,
сенка на Белиот Селф. Ова исконструирано имаго за „колективниот“ идентитет на
варварите, како неетична и безлична орда со животински инстинкт за убивање и за
преживување, не само што го дехуманизира, туку и го анимализира колонизираниот
субјект. Затоа, јазикот со којшто зборува Џол е јазик на зоологијата, а не на
онтологијата.
Наспроти неговиот поглед и
глас стои сликата на колонизираниот субјект, кој знае дека бојата на неговата
кожа и отчукувањата на неговото срце се исто толку вредни како и на
колонизаторот. Но тој не пружа физички отпор, ја поднесува тортурата. При
мачењата испушта само неартикулирани звуци, коишто го претставуваат јазикот на
болката и на потчинетоста. Колонизаторот ќе го нарече „варварски“ тој јазик,
но, во основа, станува збор за еден јазичен империјализам кој го редуцирал
потчинетиот субјект на битиесо-минус-историја-и-минус-писменост. „Во пеколот на
таа стварност, црниот човек и не можел да нурне длабоко во своето минато, за да
ги согледа своето потекло и својата автентичност“, вели Фанон (Fanon 2015: 26).
Тој останал небитие, една исклучително стерилна и сува област, небаре гол и
празен простор кој не може да ја роди својата автентичност, зашто му било
одземено правото да одлучува за сопствената судбина. Судбината впрочем ја
проектираат тие што ја пишуваат Историјата, која секако не е на земјата што ја
колонизираат, туку на Империјата, во чие име ограбуваат и убиваат (Fanon 1973:
10–11). Затоа „другоста“ никогаш и не станала дел од историските белешки на
колонизаторот; таа била само мес(т)ото на кое тој „се впишувал“ себеси во неа,
преку бруталните механизми на својата цивилизација. Во есејот „Расправа за
колонијализмот“ од 1950 година (кој не е само извонредна полемика со стариот
поредок, или критика на колонијалниот дискурс, туку и пионерско дело во
постколонијалната теорија, коешто дури и потеклото на фашизмот го лоцира во
самиот колонијализам), Еме Сезер (Aimé Césaire) пишува: „Прво треба да проучиме
како колонизацијата го децивилизира колонизаторот, како го брутализира во
вистинска смисла на зборот, како го деградира, како во него ги буди длабоко
закопаните инстинкти, алчноста, насилството, расната омраза и моралниот релативизам;
потоа треба да покажеме дека секој пат кога некому ќе му се отсече главата или
кога ќе се ископа нечие око, (...) во вените на Европа се дестилира отров, а
континентот, полека, но сигурно, се приближува кон дивјаштвото“ (Sezer 2017).
Најдобра илустрација за тоа
дивјаштво, секако, е девастираниот лик на варварката од романот на Куци.
Нејзината виктимизирана телесност не е само биолошки конструкт, туку и
„средиште“ на колонијалните практики, со кои белиот дојденец ја потврдувал
својата „расна“ супериорност, покажувајќи ја опачината на својата
цивилизираност. Оттаму, во својата оштетена, нагрдена и искасапена форма,
телото на варварката може да се чита и како „текст за колонијализмот“, во кој,
со Брајовата азбука на тортурата, е испишана приказната за болката. Затоа,
елиптичниот јазик на варварката не може да ја опфати сосем вистината за
нејзиното тело-избраздено-со-лузни, зашто тоа тело одбива да биде
текстуализирано. И Фанон го забележува истото. Во Презрените на светот, тој
зборува за психичките лузни на кожата од локалниот субјект, кои како отворени
рани го бодат колонизаторот в очи, поткопувајќи го неговиот авторитет и монументалноста
на неговата Историја.
Во книгата Себството како
Друг, Пол Рикер зборува за idem и ipse6 , како два аспекта на едно Јас, кое
може да се согледа себеси благодарение на својата искуствена свест. Таа свест
му дозволува да се доживее, истовремено, и како субјект и како објект на
постоење. Но, ipse-итетот имплицира и alterитет. Затоа, за да стигне до своето
себство, управникот од романот на Куци мора да го мине патот на другоста.
Кажано поинаку, тој мора да сфати дека другоста е конститутивниот елемент на
себството, зашто освен дијалектичката зависност меѓу idem и ipse, постои и
онтолошка зависност меѓу ipse-итетот и alter-итетот, меѓу себството и другоста.
Така, телото и телесноста во романот на Куци стануваат медиумот преку кој
управникот на колонијата го спознава алтеритетот, минувајќи го патот до
сопствената другост, прво преку туѓото, а потоа и преку своето искуствено
себство. Оттаму, воопшто и не зачудува што првата негова перцепција за
варварката не е визуелна (управникот не може да се сети дали неговите очи
воопшто ја регистрирале девојката во толпата заробеници), туку тактилна,
односно хаптичка перцепција (тој несвесно ќе почне да ја милува по кожата
додека го мие нејзиното тело, избраздено со лузни, чистејќи ја нечистотијата,
заедно со крвта од тортурата). Тоа е моментот кога, пре(с)вртувајќи го
стереотипот, управникот ќе го доведе во прашање моралниот кредибилитет на
Империјата и ќе го изоди патот до Другоста. Тој пат покажува, всушност, колку е
флуидна (и реверзибилна) меѓата меѓу цивилизираните и варварите: прифаќањето на
другоста и идентификувањето со неа ќе го претвори управникот во субалтерен
субјект, кој доживувајќи слични тортури врз своето тело, ќе сфати дека туѓото
варварство е, заправо, несвесното на колонизаторот, превртената слика на
неговата цивилизација. „Не е тешко да се замисли колку ова ʼоткритиеʻ го
потресе светот од темел. Од него произлезе новата револуционерна сила на
колонизираните... Колонијалниот контекст е обележан со дихотомијата која тој му
ја наметна на светот“, напиша Франц Фанон (Fanon 1973: 8), видно огорчен од
империјалистичката Европа, која своето изобилство, својата материјална, научна
и културна сила, ја градеше и врз страдањата на луѓето од Третиот Свет.
_
Comments
Post a Comment