IV. ДИСКУРЗИВНИТЕ ПРАВИЛА НА ИГРАТА (ПPOСТОРОТ НА ПАРАКРИТИКАТА) | ХИПЕРТЕКСТУАЛНИ ДИЈАЛОЗИ, 2004



Кога ги започнував овие редови имав намера да го илустрирам значењето на парергоналното, но потребата од неговото дисеминирање ме вовлече во еден паракритички прпстор. Тогаш отворено посакав да ја анулирам строгата дистинкција меѓу дискурсот на теоријата и дискурсот на литературата, да ги разнишам стереотипните конвенции за она што претставува ,,уметничко" дело, а што ,,академскa" критика. Меѓу академските кругови во светот, ваквите тенденции одамна се сметаат за работа од чест и углед - ги апсолвираат најновите предизвици на времето, на тоа што некогаш било само израз на гневен протест против стерилните критичко-теориски постулати, денес е само една паралелна форма на изразување. Нејзиниот простор е просторот на цитирањата, на дебатите, на разнишаните конвенции. Тој е оној некохерентен простор на Лиотаровиот дисенсус, кој може да се прочита и како антифундаменталистички текст.

Го говорам ова затоа што сакам да нагласам дека во оваа дисертација нема да создавам жанровски чист дискурс. Моите искази ќе бидат само груба смеша од теориски, литерарни и филосовски дискурсивни пракси. Таква е, впрочем сета литературна теорија, денес. Затоа, ја напуштам, свесно зоната на дискриминацијата што ја заговараат традиционалните сфаќања - онаа за постоење на замислена генеричка целисходност, која не допушта никакви излети во ,,загарантираниот" простор на литературата - и ја прифаќам употребата на поимот ,,пишување", оти, почитувани мои, не постои ништо, надвор од ефектите на литературната спекулација. Оттаму можеби и лажливиот статус на ова поглавје: тоа сигурно не е предговор, не е ниту вовед, а најмалку рамка со која сакам да наметнам автономен израз или да сугерирам некаква власт над текстот што го создавам. Напротив ова е само едно креативно бегство пред уништувачкиот налет на теориските постулаки кои ме притискат и чии ,,строги'" принципи налагаат ,,извесна" структура за мојот самобендисан а хетероморфен и ексцентричен дискурс кој, ниту верува во стабилно потекло, ниту бара стабилен идентитет. Мојата логика допушта ,,преплетување" на различни типови говор, олеснети од строгиот надзор на правилата и контекстите. И бидејќи исказите се мојата омилена форма, од тука натаму, ќе инсиситирам на едно бескрајно фразирање, секогаш отворено за натамошн сврзувања кои создаваат дисенсус.

Но, да се надвладее дисенсусот, значи да се сопре поврзувањето на дискурсите, да се задржи движењето  на текстот, што е практично неможно, оти дијалогот е вечен. Тој ми го отвори патот кон интертекстуалниот карактер на литературата. За него сакам да зборувам во оваа студија.

Comments