НАЦИОНАЛНАТА ИДЕЈА ВО КОНТЕКСТ НА СОВРЕМЕНАТА ЕПИСТЕМА | И ПОВТОРНО ПОЛИТИКА КУЛТУРА, ИДЕНТИТЕТ (ИНТЕРКУЛТУРЕН ДИЈАЛОГ) 2, 2024

 

Како функционални чувари на сеќавањето, архивот и канонот се основните банки на податоци од кои културната меморија ги црпи своите ресурси, градејќи ја автоперцепцијата на општеството за личности, настани и дела кои се од особена важност за нацијата. Нивното реконтекстуализарање во сегашноста подразбира дијалог со отсутните знаци на историјата. Како неми сведоци на минатото, тие отсутни знаци се всушност трагите кои во историографските пишувања и толкувања добиле глас, потсетувајќи нѐ дека минатото е наративно и достапно (само) во форма на текст.
Но она што на онтолошко рамниште претставува трага, на епистемолошко станува факт. Мислам првенствено напишаните документи и историските сведоштва за реални настани и личности, чиишто проучувања не би биле комплетни без филозофскиот контекст на времето, без неговата епистема како гарант за нивната историчност. Во оваа пригода ќе се обидам да ги протолкувам знаците на македонското минато, со помош на истори(ографи)јата и меморијата, но и со когнитивниот карактер на нивните писма, зашто како специфична ars memoriaeисториографијата е „поетика на отсутното“ која, набљудувајќи го минатото од аспект на сегашноста, го репрезентификува тоа што веќе не постои, а некогаш било иднина (Katroga, 2011: 137-148).
Политичката идеологија на македонската емиграција во Санкт Петербург (1913)
„Историјата на македонската емиграција е историја на македонската национална драма“, пишува Катица Ќулавкова во еден свој труд (2020: 1). Таа ги содржи трите клучни начела: идентитет, интегритет и автономија, како темелни одредници на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и неговите дипломатски заложби пред европската јавност за независност на Македонија. Станува збор за исклучително важна политичка кауза од почетокот на 20 век, која ја обедини македонската емиграција околу настојувањето за формирање македонска нација, во годините пред Првата светска војна. Но пред да преминам на нејзиното елаборирање, би се осврнала на поимите нација и национализам, имајќи ја предвид етносимболистичката концепција на Ентони Смит (Anthony D. Smith). Според неа, не постои нација без сопственоетничко јадро во минатото. Фактот дека тоа јадро има свои дифeрeнцијални специфики – кои укажуваат на заедничкоиме и митови, на колективни истoриски сeќaвања, чувство на солидарност и поврзаност со културата на одредена територија – само ја потврдува тезата дека, како антрополошка и културноисториска појава, етносот ѝ претходи на нацијата, а етничкиот идентитет е најважниот предуслов во формирањето на нациите и националните идентитети како политички деривати на 19 и 20 век. Дури и кога не би постоел јасен етнички претходник, секоја нација би настојувала да создаде сопствен „етнокултурен резервоар“ од којшто би ја црпела својата митологија и свеста за кохерентноста на културните вредности. А тоа е базата од која интелектуалните елити ја генерираат својата политичка идеологија и својот (културен) национализам.
Од тие причини смета дека ќе биде интересно ако во овој (кон)текст се осврнам на тестимонијалниот дискурс на двата Меморандуми за независност на Македонија: првиот доставен до учесниците на Лондонската мировна конферција, на 14 март 1913 година, а вториот испратен доВладите и до општественото мнение на сојузните балкански држави, на 7 јуни 1913. Составени и потпишани од членовите на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербурговие стратешки документи не ја сублимираат само македонската научна, културна и национална мисла, содржана уште во текстот на основачкиот Меморандум и во Уставот на ДругарствотоТие се, истовремено, и легитимен правен акт со кој група интелектуалци ја промовира својата идеологија (како правно-политичка доктрина со доминантна етно-културнаматрица и вредносен систем кој ги отсликува случувањата во годините пред и по Првата балканска војна, 1912), ноисто така и дипломатско сведоштво за настојувањата на македонската емиграција во Русија да ги поставиврзпримерот на развиените европски држави, темелите на една неофицијална надворешна политикаЗатоа, имајќи ги предвид историските случувања на Балканот, би можело да се каже дека во еден своевиден државотворен вакуум – кој подразбира отсуство на политичко-првни институции кои би го регулирале општествениот статус на македонскиот човек и неговата иднина – преземајќи низа промотивни активности (јавни настапи и предавања, разговори соруските власти и странските амбасади, публикување наменски текстови во весници и списанија), оваа група ангажирани интелектуалци, своето политичко-правно гледиште за македонското национално прашање го претвора во своевидна дипломатска битка за независност на Македонија. Мислам на годините пред потпишувањето на Букурешкиот мировен договор (10 август 1913), кога во најкритичниот период за нацијата доаѓа до поделба на нејзината територијална целокупност, при што од централен регион на Балканот (во состав на Отоманската империја)Македонија станува само периферен дел од териториите насоседните држави и нивните граници.
Да се вратиме на прашањето за нацијата и национализмот.
„Идејата дека секоја нација мора да има сопствена држава, претставува вообичаена, но не и нужна дедукција од јадрената доктрина на национализмот“, вели британскиот социолог Ентони Смит потсетувајќи сепак, дека крајна цел на секоја националистичка идеологија е постигнување и одржување самостојност, единство и идентитет на нацијата (Smit, 2010: 120). Имајќи ја предвид разликата меѓу поимите „етничка група“ (како културно-историска појава) и „нација“ (како политичка заедница), станува јасно зошто политизацијата на етносот е најзначајната претпоставка за настанокот на нацијата како сложен конструкт, со взаемно поврзани компоненти – етнички, културни, територијални, економски и правно-политички. Но кога се работи за национални идентитети кои од различни историски причини не успеале да создадат своја држава, чувството за припадност и приврзаност кон одредена етниа се доживува како евоевиден претполитички еквивалент на поимот нација. Ефектите од таа приврзаност најчесто се манифестираат како политички стратегии со изразена идеологија, јазик и сентимент. Некои од нив имаат големо влијание во негувањето на културните специфики, во разрешувањето на идентитетските кризи, во спасувањето на потиснатите истории или во отпорот кон колонијализмот, како во случајот со македонската емиграција и нејзините Меморандуми.
Тестимонијалните дискурси на овие навистина значајни историски документи, откриваат дека и покрај дотогашните дипломатски заложби на странските монарси и европскитевлади, бил „погребан и уништен политичкиот и духовниот живот на нацијата“, а поделбата на Македонија меѓу претендентите на нејзината територија била оценета како „најнеправеден акт во историјата на народите, газење начовековите права и срам за целото словенство“. Оттаму, повикувајќи се на „природното и историско право“ на самоопределување и внатрешно уредување, ополномоштените потписници на првиот меморандумски текст бараат политичка независност и територијален интегритет за својата држава. Имено:
На македонскиот народ му треба: 1) Македонија да остане единствена, неделива, независна балканска држава во своите географски, етнографски, историски и економско-политички граници2) Во најскоро време, врз основа на општо гласање, да се свика македонско народно собрание во Солун, кое подробно ќе го разработи внатрешното устројство на државата и ќе ги определи своите односи со соседните држави.
Во вториот меморандумски текст барањата се уште поконкретни, а потписниците уште подоследни во своите настојувања, при што правно-политичкиот и територијалниот концепт некако спонтано се преплетуваат и надополнуваат со етничкиот:
„Во име на природното право, во име на историјата... ве молиме да го примите на знаење следново: 1) Македонија е населена со еднородно словенско племекое си има своја историја, свој бит, своја некогашна државност, свои идеали, па затоа и право на самоопределување. 2) Македонија во своите етнички, географски и културно-историски граници треба да биде самостојна држава, со влада одговорна пред Народното собрание. 3) Македонската држава да претставува одделна, рамноправна единица во Балканскиот сојуз, при заеднички царински граници. 4) Во црковна смисла, неопходно е во Македонија да се обнови древната Охридска автокефална црква, која ќе биде во канонско единство со другите православни цркви... 5) За подробна разработка на внатрешното устројство на македонската држава... да се свиканародно претставништво (Национално основачко собрание)... избрано со општо гласање“.
Со своето сериозно чувство за одговорност кон историската вистина, текстовите на двата Меморандуми се, од една страна, своевиден дипломатски наратив кој ја пренесува приказната за политичкото насилство врз македонскиот човек низ вековите, а од друга страна тестимонијален документ – сведоштво за историските трауми и негативните ефекти од геополитичките интересина соседните балкански држави врз македонската идентитетска приказна. Поради актуелноста на ова прашање наведените барања на МНЛД нашле сериозен одглас и во рускиот печат. Во врска со вториот меморандумски текст, дневниот весник День го објавил следниов коментар: „Некои можеби ќе речат дека Меморандумот не ги изразува вистинските желби на Македонците, но има прекрасен начин да се провери тоа: нека спроведат слободен плебисцит. Самите Македонци нека решат дали сакаат слобода и независност или го претпочитаат јаремот на родниот брат?“ (Ристовски  2017а: 22; истакнатото е мое).
 
Помеѓу реалниот, симболичкиот и имагинарниот поредок на Историјата
Би потсетила сега на едно многу важно предавање од 11 март 1882 година. Одржано на Сорбона, под наслов Qu’est-ce qu’une nation?“ („Што е нацијата?“), тоа не само што претставува своевиден одговор на политичкиот спор меѓу француските и германските историчари околу Бизмарковата анексионистичка политика на провинциите Алзас и Лорен, по Француско-германската војна во 1870 година, туку е истовремено и обид за помирување на две суштински спротивставени националистички идеологии: француската (рационалистичка, политичка и граѓанска) и германската (романтичарска, културна и етничка). Авторот на ова предвање, францускиот ориенталист и историчар на религиите Ернест Ренан (Joseph Ernest Renan), ја застапува всушност тезата дека расата, јазикот и верата не ја прават нацијата, но дава едно безмалку контрадикторно становиште со кое се доближува до романтичарското поимање на нацијата како „принцип на душата“. Вели вака:
„Нацијата е духовен принцип, резултат на сложени историски заплети... Две нешта кои се заправо едно го претставуваат тој принцип“ – наследеното сеќавање(заедничките културно-историски вредности и страдања, пренесени од минатото) и волунтаризмот (слободната волја за соживот и согласноста да се одржи живо тоа сеќавање). Оттаму, нацијата е „солидарност на повисоко рамниште кое вклучува почит кон жртвите што биле поднесени во минатото и тие што допрва треба да бидат поднесени. Ова секако ја подразбира историјата во скратен облик,сублимиранa во фактот на согласноста и во јасно изразената желба да се продолжи заедно. Нацијата е, ќе ми простите за оваа метафора, дневен плебисцит (un plébiscite de tous les jours), како што и човечкото постоење е постојана потврда на животот“ (Renan 200766-67).
Нагласувајќи ја плебисцитарната согласност како суштествен (спиритуален) агенс на нацијата, Ренан го промовира всушност инклузивното становиште на француските историчари, наспроти ексклузивното толкување на германските, базирано на етнички/расни, јазични и религиски припадности. Секако, нема да биде погрешно сега ако се каже дека овој Ренанов текст е всушност и обид за нивно помирување – зашто, како политичка идеологија, секоја националистичка доктрина се потпира на двете становишта истовремено, само што во одредени историски моменти преовладува инклузивната, а во други ексклузивната компонента. Тоа што е извесно за двете е согласноста дека како територијално омеѓена популација, секоја нација има право на своја татковина, на заедничка култура, колективни сеќавања, легитимни права и должности.
„Секоја заедница од луѓе со здрав разум и топло срце,којашто создава своевидна морална свест, може да се нарече нација. Сѐ додека таа ја докажуваа својата сила преку пожртвуваност која бара одрекување од индивидуалниот во име на заедничкиот прогрес, ќе биде легитимна и ќе има право на постоење. Ако се појават сомнежи во врска со нејзините граници, консултирајте се со народот што живее во подрачјето за кое се расправа. Тој, несомнено, има право на свој глас“ (Renan, 2007: 67).
Ќе се вратиме сега на трите стратешки принципи од јадрената политика на МНЛД – идентитет, интегритет (единство) и автономија (самостојност). Нивното повеќекратно споменување во меморандумските текстови за независност покажува дека на членовите на македонската колонија во Санкт Петербург не им бил туѓ граѓанско-политичкиот и територијален концепт на нацијата, промовиран во политичките списи на француските мислители Монтескје и Русо, на пример, со кои можеле да се запознаат за време на своите студии во странство. Ним секако не им бил туѓ ни вернакуларниот концепт на западноевропските романтичари, од кој се изнедрил и германскиот културен национализам со кој спори Ренан во своето предавање. Оттаму нема да е одвишно ако се каже сега дека европската културна историја, нејзинитекнижевни, филозофско-антрополошки и правни дискурси, одиграле бездруго големо влијание врз обликувањето на политичката мисла на нашата емиграција и нејзиниот светоглед. Затоа некако спонтано се наметнува и прашањето: Зошто оваа едуцирана, национално освестена и политички ангажирана група македонски интелектуалци не успева, пред големите европски сили во Лондон, да ги наметне своите заложби за независност и да ги претвори во успешна сецесионистичка приказна, која би ги анулиралаимперијалистичките стремежи на „малите“ балкански држави, нивниот завојувачки, територијален и етно-генеалошки национализам? 
„Ниедна нација не би прифатила анексија против својата волја. Волјата на нацијата е единствениот легитимен критериум на кој секогаш треба да се враќаме“ (Renan 2007: 67). Но останува фактот дека во периодот кога се одржува Лондонската мировна конференција (1912-1913), па и за време на потпишувањето на Букурешкиот мировен договор (1913), македонската нација не постои како правно-политички Субјект кој би можел да влијае врз крајниот исход, или да биде потписник на споменатите мировни одлуки. На официјалниот акт легитимитет му даваат само претставниците на европските амбасади и балканските дипломати; првите како Супер-его во чии раце е законот/логосот, вторите како Алтер-его на чија страна е јазикот/симболот. Третата засегната страна, која како единствен автентичен глас ги застапува македонските национални интереси, изразувајќи ја свеста и волјата на македонскиот народ, нема валиден статус на Субјект-преговарач; за нејзината судбина одлучуваат други, пусти мераци. Така, заробена во играта на означителитекако недостижен „објект на желбата“ за македонскиот народ, македонската држава на мировната конференција во Лондон ќе стане„l’objet petit a“ и ќе се најде во средиштето на Боромејскиот јазол, во трагичната разврска меѓу реалниот, симболичкиот и имагинарниот поредок на Историјата.
Би го објаснила ова малку подетално. Имено, Лакановиот Боромејски јазол го сочинуваат три торуси што взаемно се пресекуваат. На секој торус му соодветствува по еден поредок: реален, симболички или имагинаренСтруктурата на јазолот е таква што ако се одвои макар еден од трите торуса, се распаѓа целата конструкција. Во средиштето на тројниот пресек е предметот на желбата, Лакановиот „објект мало а“ или „l’оbjet petit a(utre)“. За субјектот Европа (кој го претставува торусот на реалниот поредок), „l’оbjet petit a“ функционира како несвесна причина на желбата. За балканскиот субјект (торусот на симболичкиот поредок), тоа „мало а“ е идеолошка фантазма која ја претставува неговата другост (посакуваниот остаток од неговата територија). Што се однесува пак, до македонскиот субјект на желбата (торусот на имагинарниот регистар), „l’оbjet petit a“ е неговата огледална проекција, оној конститутивeн недостаток што се доживува како супстанцијална реалност различна од големата, радикална и несведлива Другост (Autre). Оттаму, за македонскиот субјект на желбата, Лакановиот „l’оbjet petit a е всушност Платоновата агалма, она скриено богатство или бесценета награда која ќе му подари целосен онтолошки идентитет. Нослучувањата добиваат непосакуван тек.
Би сакала затоа да потсетам сега дека во истата таа 1913 година, МНЛД не успева во Санкт Петербург да серегистрира како национална асоцијација која би можела ги продолжи и (можеби) успешно да ги заврши легитимнитепреговори за независност на Македонија. Но факт е, исто така, дека во тој по многу нешта критичен историски период за нацијата, улогата на гласноговорник за македонското национално прашање ја презема токму споменататамакедонска колонија во Русија. И нешто слично на автохтониот информатор (the native informant) од постколонијалната теорија на Спивак (Gayatri Chakravorty Spivak), таа – како ополномоштен „супститут на нацијата“ – ѝ предочува на европската политичка јавност дека поделбата на Македонија меѓу балканските сојузници е „најнеправедниот акт во историјата на народите, газење на човековите права, срам за целото словенство.
Затоа, имајќи ги предвид влијанијата што врз конституирањето на субјектот ги имаат знаењето и моќта, темелно образложени во „археолошката“ теоријата на дискурсот на Мишел Фуко и во постколонијалната критика на ориентализмот на Едвард Саид, станува јасно зошто на споменатата мировна конференција во Лондон, империјалистичкиот логос на европските дипломати и етно-националистичката идеологија на сојузените балкански елити, ги игнорираат, од позиција на знаење и моќ, двата македонски меморандуми за независност, исклучувајќи ги од европскиот историски и епистемолошки контекст нивните наративи, како (не)валидни дискурси за македонското прашање. Така, претворајќи го во политички невидлива другост, Европа го конституира всушност македонскиот колонизиран субјект како нем, инфериорен ибезличен „објект на желбата“ меѓу завојуваните страни на балканската геополитичка мапа... Останатото е историја.
Она што досега сакав да го покажам за политичката идеологија на македонската емиграција, како и за судбината на „македонското прашање“, е сознанието дека секое пишување и читање на историјата се гради преку една специфична репрезетификациска нарација која ги следи трагите на случувањата во временскиот след на нештата кои некогаш биле сегашност, а сега се дел од историјата. Со оглед на тоа, пак, дека историографијата е наука за луѓето низ времето и за нивните постапки (res gestae), ова толкување имаше за цел да покаже, исто така, дека освен звукот на анамнезата, треба да се наслушнува и пригушеното ехо на нејзината тишина. И не само како своевиден ритуал на сеќавањето, туку и како перформативен чин со кој пркосејќи ѝ на историската амнезија, ќе се освежувапостојано културното помнење на нацијата. Така општествата на живите ја покажуваат својата одговорност кон претходниците и нивните дела. Затоа, иако се напишани пред единаесет децении, како примарно сведоштво за историските трауми на македонскиот човек и неговата одбрана на националната самосвест, меморандумските текстови за независност на Македонија од 1913 година, се истовремено и метасведоштва за моралните дилеми со кои се соочува денес македонската наука, при интерпретирањето на нивните наративи. Од неа зависи која верзија на минатото ќе остане запишана и заштитена во современатаофицијална (и институционална) меморија на нацијата. А тоа не е само прашање на политика, туку и на знаење, засновано на една епистемолошка свест која научно ги демантира тезите за неисторичноста на македонскиот народ, градејќи ја анамнестичката инфраструктура на неговатамеморија.
 
Три теории: македонски идентитетски јазол
Современите научни проучувања кои се занимаваат со прашањето за националните идентитети тргнуваат од идејата дека не постојат есенцијални идентитетски јадра, како што не постојат ни исклучиви (непроменливи и петрифицирани) колективни идентитети. Тие се општествено-историски конструкции, резултат на специфични социокултурни, политички и идеолошки процеси кои водат до заклучокот дека првите обележја на културниот идентитет на еден народ, како свидетели на традицијата и колективното помнење, се токму јазикот и писмото.
Имајќи ја предвид културната разноликост, карактеристична за словенските народи од Балканот и Средна Европа, може да се каже дека првиот обид за привремено синтетизирање на идентитетската плуралност (видена низ призмата на еден дијалектен континуум карактеристичен за словенските народи), се случил во периодот на средновековието кога хуманистичката идеја за рамноправност меѓу народите и јазиците, втемелена врз мисијата на сесловенските просветители, го поттикнала создавањето на една нова цивилизација меѓу европскиот Исток и европскиот Запад. Нејзиниот наднационален, црковнословенски книжовен јазик, заедно со неговото глаголско писмо, ги вградил во себе фонетските специфики на македонските Словени од околината на Солун, градејќи ја културната меморија како важна алка во идентитетска приказна на македонскиот народ. Затоаверојатно, збогатена со трагиката што ја донел „задоцнетиот“ развој на неговото „историско битие-на-крстопат“, македонската идентитетска меморијапостојано се навраќа кон предрасудите за сличното и различното, откривајќи ја потребата од едно ново, ресемантизирано гледиште кое не ќе биде обременето со етногенезата на балканските народи, ниту со нивните шовинистички идеи, туку со споделените „места на сеќавање“, како потенцијални точки на допир кои (ни) откриваат кои сме врз основа на тоа што не сме.
Во текстот насловен „Помеѓу сеќавањето и историјата“, францускиот историчар Пјер Нора, пишува дека историската традиција се потпира врз едно „дисциплинирано вежбање на историското помнење“, кое настојува да реконструира минато без пукнатини, разоткривајќи ја лажната митологија на своите претходници. Суштинските промени, вели тој, се случуваат тогаш кога „историјата ќе посака да ја напише сопствената историја (...), кога ќе реши да се прочисти од сѐ што таа не е, согледувајќи се како жртва на сеќавањето од кое ќе посака и да се ослободи“ (Nora 2007: 139). Но пред да се случи тој ослободувачки и голем исчекор кон вистината во историската мисла на Балканот и неговото помнење, да се потсетиме со какви премрежја се соочувала некогаш, а се соочува и денес, македонската нација.
Промовирајќи ги своите етно-националистички ставови пред светската научна и културна јавност, официјалната бугарска политика повеќе од половина век се обидува да го негира македонскиот јазик и неговата историја. Круна на тие анахрони тенденции е една политички интонирана публикација на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките (БАН) од 7 мај 2020 година, која нѐ потсетува на единствената позиција на бугарската наука во однос на „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ и „вистината“ на „таканаречените етнички Македонци“, за „таканаречениот македонски јазик“ кој, наводно, е идеолошка конструкција и политичка одлука со која во 1944 година се интервенирало врз природниот развој на нивниот (бугарски) јазик. Но, сите што го проучувале јужнословенскиот 19 век знаат дека, во недостиг на еден соодветен термин „чадор“, кој би ги обединил сите семантички импликации што ги носи културолошката и јазична блискост на нашите сродни народи, многу тогашни видни интелектуалци од Македонија лесно го менувале идиомот „словенство“/„словенски“ со идиомот „бугарски“, очекувајќи дека ќе најдат во него и скрб и утеха за својот поробен национален и верски идентитет.
Еве како, на почетокот од 20 век, размислувал Крсте Мисирков околу ова прашање:
„Нас со бугарите не врзуаше једно обшчо име... но таја обшчост не јет нешчо, које почиват на некакви обшчи воспоминајн’а и обшчи историјицки задаки... Нашата обшчост јет проста случајност... Името бугарин во Македонија, које сега експлуатират бугарите, никак не јет национално и за тоа никој од македонците – пишува Мисирков – немат прао со него да експлуатират македонцките интереси... Името бугарин јет фал’шива монета... Време јет да се раскријет таја фал’ш, за да се престанет да се експлуатират со неја... оти во Македонија името бугарин јет последната метаморфоза во развијајн’ето на нашето национално самосознаајн’е... резултат на тоа политично и обшчествено положејн’е во које бефме постаени од завојувајн’ето на Балканцкијо полуостров от турците“ (Мисирков 1974: 124; 126-127; 128; курзивот е мој).
На научните авторитети одамна им е јасно дека македонската интелигенција од крајот на 19 век и почетокот на 20 век имала две татковини: првата била онаа природната, а втората – онаа политичката. За Цветан Тодоров (француски интелектуалец со бугарско потекло), првата татковина стои на иста страна со нашата култура, јазик и традиција. Таа не се избира; таа е земјата на нашите предци, топосот на нашето најрано детство, што ја прави особено драгоцена нејзината улога во нашите животи. Втората татковина е државата чии граѓани сме (или смебиле) во одреден историски период. Конкретно, за Гоце Делчев и Крсте Мисирков (родени во Егејска Македонија која тогаш е во состав на Отоманската империја), политичка татковина им била Европска Турција, а по 1878 година, за нив тоа била и Бугарија, но како емигрантски центар.Македонци по род, тие прво биле турски поданици според правото на административна припадност, а подоцна и бугарски граѓани кои споделувајќи го идеалот на словенофилството со интелектуалната елита од оваа држава, ја негувале не само верската блискост, туку и јазичната сродност со останатиот словенски свет. Овој колективенсловенски дух со кој (не ретко) се идентификувале и македонските интелектуалци распрснати низ Балканот, Русија и Европа, како да ја компензирал (времено) потиснатата етнокултурална припадност, која низ годините ќе се искристализира и ќе прерасне во македонска националана самосвест. Оттаму е сосем логично и разбирливо зошто, за овие луѓе, административната приврзаност кон земјите во кои се школувале, живееле и работеле била само граѓанска и несентиментална, па тие лесно можеле и да ја менуваат лојалноста кон нив, без да чувствуваат жал или страдање поради тоа. Еве што напишал Мисирков во статијата „Патот на помирувањето“, објавена во софискиот весник Илинден, на 30 јануари 1925 година:
„Во Бугарија треба да се помни добро дека Македонците... секогаш биле добри и лојални бугарски граѓани, кои, немајќи своја национална држава... ја сакаат бугарската држава како своја. Избегани од татковината... ние природно сме поголеми националисти, а помалку анархисти од старото население на Бугарија. При сето тоа, ние имаме потреба уште од една слобода, од едно право: дајте ни слободно да се наречуваме и да се чувствуваме како Македонци, без додавката Бугари...“ (Мисирков 2008: 334; курзивот е мој).
Но, и покрај фактот дека македонска интелигенција лесно го прифаќала граѓанскиот принцип, таа сепак тешко се откажувала од своите морални, идеолошки и национални ставови. Иако успевала да се интегрира, таа секогаш настојувала да ја манифестира својата етничка и културна другост. Оттаму, веројатно и инсистирањето за сопствен културен идентитет и борбата за негово признавање (не само во рамки на Отоманска Турција, туку и во состав наБугарија, Србија, Грција), биле толку силни не само кај Мисирков, туку и кај Делчев и Чуповски, но и претходно, кај Прличев, а подоцна секако кај Рацин и Конески.
„И во Бугарија и во Србија треба да помнат едно дека во Македонија има население со огнено патриотско чувство и со определена национална свест за која треба да се води точно сметка... Србите и Бугарите треба добро да помнат дека тоа национално чувство и свест кај Македонците постои не од вчера..., туку од пред основањето на Охридската архиепископија..., а по нејзиното уништување и до денешен ден“ (2008: 335-336), пишувал Мисирков укажувајќи на едно многу драгоцено наследство.
Неговите зборови откриваат становиште на човек свесен не само за таканареченото „вертикално“ наследство,преземено од предците на сопствената етничка заедница, туку и за едно друго, „хоризонтално“ наследство, кое не само што го обликувало неговиот живот, туку ги одразувало и ставовите на неговите современици во актуелниот историски, општествен и политички миг на земјата во која живеел или привремено престојувал. Секако дека и двете наследства се важни, но иако првото е посуштинско за националните идентитети, не значи дека за да ѝ се удоволи на културната и етничката разноличност, треба да се негираат сите други припадности и колективни идентитети низ кои минувала некогаш македонската интелигенција. Тие,не само што биле туку и се, многу замрсени и проблематични, уште од времето на Преродбата и романтичниот јужнословенски 19 век, до денешни дни, па се чини речиси бесмислено секое инсистирање коешто сорасплеткувањето на клопчето, би ја задоволило само едната страна од приказната. Но добредојдени се настојувањата „да се извлече барем почетната нишка“би рекол Амин Малуф (Maluf, 2003: 82). 
Идентитетското „клопче“ за кое говори Малуф во книгата Погубни идентитети, го сочинуваат бројни идентитетски припадности. Додека го обликуваат субјектот во идентитетска целост, тие истовремено го претвораат во отворена, променлива и непостојана структура, важна не само за Балканот туку и за Европската Унија и за Светот. Тогаш зошто е проблематично да се прифати денес декаво еден специфичен историски и геополитички период (каков што бил преминот од 19 во 20 век), за тогашната македонска интелектуална емиграција постоеле најмалку четири форми на идентитетска манифестацијакултур(ал)наадминистративно-политичка (територијална), идеолошка(словенофилството како наднационална платформа кој ги обединувала заедничките идеали од регионот) и етно-политичка. Токму последнава, етно-политичката идентитетска манифестација (заедно со културната, онаа„почетна нишка“ од клопчето на Малуф), преовладувала до таа мера што денес, слободно може да се каже, дека била не само најмоќниот залог во националниот наратив (пред европската дипломатска јавност) за полна политичка автономија на Македонија, туку и единствената надеж дека како полноправни граѓани на Бугарија тие, сепак, ќе можатда си живеат на земјата од своите татковци, без да бидат подложени на прогон и/или дискриминација од страна на бугарските власти. Но додека нивниот наратив ја потенцирал својата индивидуална самосвест, крупните историски случувања ја загрозувале не само колективната етничка припадност на македонскиот човек, туку и неговиот мајчин јазик, одредувајќи ѝ ја судбината на оваа маргинализирана и територијално поделена балканска заедница.
Велат, пред да стане доселеник, човек е иселеник. Во средината во која се доселува, заедно со легендите и преданијата, како траен мираз од детството тој ги носи со себе и јазикот и фолклорот, и традицијата и културната меморија. Затоа е разбирливо дека (е)мигрантите се првите жртви на племенските концепции на идентитетот, кои налагајќи да биде избрана само една од мноштвото припадности, ги доведуваат во прашање сите останати. Дали е умесно сега да се праша во која идентитетска припадност, македонската интелигенција од почетокот на 20 век била безрезервно подготвена да го вгради својот живот? Доволно е да се прочита книгата За македонцките работи, па да се разбере дека, ако до Руско-турската воjна (1878 год.) постоела една теорија за идентитетската припадност на Македонците (дека тие се Бугари), а по Берлинскиот конгрес, истата година, се појавила и друга (дека Македонците се Срби), набрзо се развила онаа идентитетска теорија според која Македонците не се ни Бугари, ни Срби, туку нешто „стредно, једнакво далеко и от србите и от бугарите“ (Мисирков 1974: 5-6). Таа теорија се задојувала со идејата која била една од носечките тези во спомената книга, а го кажувала следново: „ако со нашето отцепуајн’е од балканцките словенцки народи достигниме сојединуајн’ето на сето македонцко словенцко населејн’е во једно цело, није не ке ослабниме, туку ке се усилиме, така... само ке се оправдат послоицата, да јет силата во сојединејн’ето“, вели нејзиниот автор Крсте Петков Мисирков (1974: V).
 
Историскиот глинен гулаб и културните политики на Балканот
Но, дури и во случаи кога државата е една и неподелена, културните идентитети во неа може да се многубројни и променливи, што значи дека одредена заедница од луѓе кои користат еден идиом, не мора нужно да формира етникум, зашто државата не е култура, туку административно-политички ентитет со јасно исцртани граници во коишто секој граѓанин може да биде носител на сопствен јазик, традиција, религија и лични политички убедувања, пишува Цветан Тодоров (2014: 92). Тоа, секако,значи дека малцинствата во една држава не треба да бидат поставени пред изборот да се биде асимилиран или протеран, туку пред можноста да си го негуваат култот напредците, оној културен капитал сличен на куќа што во минатото ја граделе нивните претходници, предавајќи им ја во наследство, коешто не се избира, туку се сака безусловно. Еве што во 1924 година напишал Мисирков, во статијата „Повеќе Македонци“, којашто ја објавил на 30 април во софискиот весник Мир:
„Ние Македонците денеска треба да сме, и навистина сме, помалку Бугари и повеќе Македонци од кога и да било порано во нашата историја... Денеска Македонецот, навистина како Бугарин, се бори за национално слободно постоење, но неговиот патриотизам се зародил кај него во неговата поробена татковина, па во слободна Бугарија тој има само постигнат идеал за политичка слобода.... затоа никој нема право да бара од нас да сме такви Бугари како нив, или дури и повеќе Бугари од нив. До ослободувањето на Бугарија, помеѓу Бугарите и Македонците имало очевидно повеќе духовно сродство, коешто по ослободувањето се измени. Денеска Македонецот треба да оди кон својот идеал, главно потпирајќи се на својата духовна моќ, на своето богато историско минато, на своите вековни традиции... Денеска Македонецот треба да е повеќе Македонец и помалку Бугарин“ (Мисирков, 2008: 293-294).
Како тогаш терминот „Македонец“ (користен и од Мисирков, и од Чуповски, и од Делчев...), за современатабугарска историографија денес, е само „историска контроверза“ испразнета од етничка содржина и припадност, некаков „регионим“ околу кој се ломи дури и работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, задолжена за објективно толкување на историските настани и личности, застапени во учебниците на двете држави? И тоа сѐ поради погрешното убедување дека историската вистина е само една, драматично се усложнуваат и денес сите дијалози за добрососедство, отежнувајќи ги, со чест на исклучоци, и онака кревките македонско-бугарски односи. Каде лежи историскиот „глинен гулаб“?
Ако се сетиме дека кон почетокот на 20 век, македонските интелектуалци не биле само учители и револуционери, туку и историографи и лингвисти кои го создавале македонскиот книжевен јазик и неговиот национален идентитет низ годините, тогаш е јасно дека тие не биле само гласот на народот и на епохата која негувала култ кон јазикот, историјата и духовниот живот, туку и трибуни, историчари и дипломати кои ја негувале колективната меморија на Македонецот, постигнувајќи во своите записи рамнотежа меѓу политичката и културната историја на својот народ. За да биде појасно, ќе потсетам дека, надоврзувајќи се на активностите на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (формирано во 1902 година), филологот Мисирков ги поставил основите за хомогенизирање и унифицирање на националниот јазик во својата книга За македонцките работиСтруктурирана во пет поглавја, таа ги варира визионерските погледи на Мисирков околу македонските национални и егзистенцијални прашања, нагласувајќи ја потребата за конституирање на македонскиот литературен јазик. Како бастион којшто и денес го крепи колективниот идентитет на македонскиот човек, во времето на своето појавување оваа книга не само што била „нова парадигма“ во критичко-теориското промислување на најгорливите македонски теми и дилеми, туку и неотуѓиво културно, јазично и историско наследство во одбраната на македонската автохтона национална идеја. Таа е можеби и најважното место на сеќавање („lieux de mémoire“) на коешто иднината му припишала значење на „почеток“(Нора), не само затоа што За македонцките работи јасно порачува дека – во недостиг на национална држава – јазикот и културната меморија можат да извршуваат извесна државотворна улога, туку и поради тоа што, како преломен историски и лингвистички миг, нејзиниот автор го соопштува следново: 
„Како последувач на идејата за полно отдел’ајн’е на нашите интереси од интересите на Балканцките народи и за самостојно културно-национално развијајн’е, јас и је написаф на централното македонцко наречје, које за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки јазик – пишува Мисирков – Нерамностите, шчо ке се окажат во јазикот на мојата книга, сет сосим природни и ке можеа да се отстранат само при једно по глабоко знајајн’е на централното македонцко наречје, со шчо не можам да се пофал’ам. Но и при тоа се надејам, оти за македонците таков јазик ке бидит по пријатен и по звучен, од јазико на нашите суседи...“ (1974: XI).
Ќе го парафразирам затоа повторно Пјер Нора и ќе речам дека тоа што ја прави оваа книга „ѕвезда меѓу местата на сеќавање“не е само нејзината примарна намена/цел, туку и можноста за бескрајно и циклично (на)враќање коннационалната меморија. Како историски настан, како книга којашто ја отсликува културната историја на македонскиот човек, таа е и своевиден педагошки бревијар за неговиот политички идентитет, l’objet en abîmeoбјект до бесконечност втемелен на самиот себеси“ (Nora, 2007: 159).
Оттаму, самиот обид за нејзино спалување среде Софија – набргу по излегувањето од печат, во 1903 година –од група политички неистомисленици кои во културната размена на другоста виделе болна закана за својата „автентичност“, само ја потврдува тезата дека какоопштествено-историски конструкции, идентитетите се резултат на политички „стратегии“ кои, потпирајќи се врз своите идентитетски соништа и/или фрустрации, понекогаш фасцинираат, но најчесто тероризираат малцински групи и идентитети. Таквите исклучиви имагинации само го разгоруваат колективното имагинарно меѓу народите,зацврстувајќи ги неговите когнитивни менгемиња во создавањето предрасуди. А бидејќи не постојат предрасуди за истото, туку само за различното (за другото, кое или го негираат или го асимилираат), прашањето за македонскиот идентитет, како чисто „македонцка работа“, (о)станало причина за недоразбирање и конфликт.
 
Културната плуралност и хибридните идентитети
Особено важно е да се нагласи сега дека, сами по себе,културите се нецелосни без другоста како нивно огледало и надополна, зашто дури и кога нациите се различни, културните наследства можат да бидат слични, поради нивниот хибриден карактер. Затоа е добро внимателно да се пристапува и критички да се промислува плуралниот карактер на секој идентитет.
Во прилог на ова тврдење, јас се залагам за тезата дека,во текот на историјата, балканските народи (можеби најмногу македонскиот и бугарскиот) не стремeле нужно кон некое тотализирачко единство, туку кон еден специфичен семиосис, базиран врз сличности и разлики. Токму тие го дефинирале некогаш, а го потврдуваат и сега, статичко-динамичкото поле на националната идентификација кај двата народа. Но, ако се запрашаме од што се предизвикани денес „меѓуетничките недоразбирања“, ќе видиме дека зад нив не стојат конкретни луѓе, туку стратегиите на едно политичко имагинарно, коешто со некритичкото навраќање кон сопственото фантазмагорично минато создава „имагинарни заедници со имагинарни традиции“ (Бенедикт Андерсон), кои понекогаш слепо ги следат општествените, политичките и културните „промени“ во (пре)обликувањето на (пост)модерните национални идентитети.
Веројатно затоа, во периодот кога се создавала сликатаза балканските народиидеолошките креатори на помоќните нации практикувале еден „стратешки синкретизам“ – постапка со која во официјалното дефинирање на себеси по однос на другите, некритички „позајмувале“ важни настани и личности од историјата на блиските соседи. Не мислам дека се работи тука (или секогаш) за отсуство на национална толеранција, туку дека станува збор често и за неподготвеноста да се признае разноликоста како позитивен идентитетски квалитет, кој би можел да нѐ ослободи сите од хегемонистичкиот поглед и тиранијата на другоста, како што убаво напиша Цветан Тодоров во својата книга Старв од варварите (Todorov 2014: 231). Затоа повторно им се враќам сега на разликите во јазиците.
Со оглед дека јазикот е стожер на културниот идентитет, кај секој човек постои потребата за еден идентитетски јазик кој му го дава тоа неопходно чувство на припадност. „Нема ништо поопасно од настојувањето да се прекине папочната врска меѓу човекот и неговиот јазик“, пишува Амин Малуф (2003: 102). Таа слобода е поважна дури и од верската слобода, па секоја дискриминирачка политика по однос на јазикот станува прилично опасна и загрижувачка. Таа открива еден опачен систем од вредности кој може да изнедри само поделби и конфликти.
„Да се откажит чоек од својо народен јазик, значит, да се откажит он и от народнијот дух (...) и от сам себе и својите интереси; се велит, да престанит да гледат на себе со своји очи, да судит за себе и за друзите со својот ум и разум а да чекат уважајне за сѐ от страна“  (Мисирков, 1974: 135-136).
Овие зборови се јасна потврда за духовната историја на еден народ, чија судбина и јазик се развивале паралелно со судбините и јазиците на другите соседни народи, креирајќи своја, одделна, лингвистичка и етнографска целина на Балканот. Со оглед пак дека на филолошките и лингвистичките науки одамна им е јасно дека литературенјазик се прави така што еден или група дијалекти се издигнуваат до степен на стандарден и нормиран јазик, сериозно загрижуваат сите идентитетски концепти кои,робувајќи им на предрасудите од минатото, го сведуваат идентитетот на една припадност, подгревајќи ги тензиите кои можат скапо да нѐ чини сите. Затоа, наместо да се раководиме од сеништата на минатото, кои одбиваат да видат „каде престанува легитимната афирмација на идентитетот, а каде започнува навлегувањето во туѓите права“ (Maluf, 2003: 27), добро би било да ги согледаме (и прифатиме) мноштвото идентитетски припадности, чии суптилни притоки и противречни влијанија, го креирале животот на балканскиот човек.
Така не би го довеле во прашање ниту демократскиот, а не пак цивилизацискиот капацитет на европските држави –потписнички на Универзалната декларацијата за човековите права, Женевската конвенција, Конвенцијата на Обединетите нации – зашто повеќе од извесно е дека токму проектот на ЕУ кој нѐ засега сите, нема за цел да ги избрише спецификите на државите, туку да ги обедини, зашто плуралноста е основата на европското единство, оној збир од култури и локални мемории, од различни лингвистички и верски припадности. Во прилог на оваа теза оди и размислувањето на Урлих Бек дека само оние народи кои успеале во својата егзистенцијална перспектива да ја опфатат и гледната точка на другоста, научиле повеќе и за себе и за светот. Единствено што сѐ уште загрижува сега е отсуството на солидарност и одговорност, чувства кои се раѓаат кај оние што сакаат да градат заедничка иднина. Затоа, отфрлањето на идејата за идентитетска исклучивост, всушност е и отфрлање на „злокобниот разговор на глувите“, на „заглупувачкото едноумие“ и на сите видови хегемонија. Со оглед на тоа дека не постои„природен“ идентитет кој би можел да биде наметнатсосила, добро би било, советува Тодоров, да продолжиме да живееме во еден плурален свет, во кој самопотврдувањето нема да резултира со уништување и потчинување на другиот.
„И нема двоумење пред овој избор. Дојде време секој да ја преземе сопствената одговорност“ (Todorov, 2014: 255), за никој да не се почувствува исклучен од заедничката цивилизациска рамка, во којашто секој може да си ги избере својот идентитетски јазик, својата колективна идентификација и симболите на културата во која се огледувал низ минатото и/или ќе се огледува во иднината.
 
 
 
Библиографија
 
Anderson, B. 1998. Nacija: zamišljena zajednica, Beograd
Assmann (et al). 2015. Kolektivno sećanje i politike pamćenja/priredili Michal Sladeček, Jelena Vasiljević, Tamara Petrović Trifunović/ Zavod za udžbenike: Institut za filozofiju i društvenu teoriju, Beograd.
Beck U., Grande E., 2006. Kozmopolitska Europa: društvo i politika u drugoj moderni, Zagreb: Školska knjiga.
Vajt H. 2011. Metaistorija: istorijska imaginacija u Evropi devetnaestog vijeka. CID, Podgorica. Available at >https://kupdf.net/download/hajden-vajt-metaistorijapdf_5af631d4e2b6f51610fce1ee_pdf<
Gelner, E. 1997. Nacije i nacionalizam, Novi Sad: Matica srpska.
Дичев, И. (October 11, 2019). Какво точно иска България от Северна Македония?, Доҋче веле, 11.10.2019, available at: https://p.dw.com/p/3R73P
Дичев, И. (Мay 23, 2020). Проф. Ивайло Дичев: Националистите разделят България и Македония. Interview for BGNES News Agency (23/05/2020 в 07:48), available at: >https://www.bgnes.bg/prof-ivaylo-dichev-na-c-ionalistite-raz<
Eriksen, T. H. 2004. Etnicitet i nacionalizam. Biblioteka XX vek, Beograd.
(Ed.) Freeden M., Sargent L. T., Stears M. 2013. Political Ideologies. Oxford University Press.   Available at>http://www.uop.edu.pk/ocontents/Book%20The%20Oxford%20Handbook%20of%20%20Political%20Ideologies.pdf <
Katroga, F. 2011. Istorija, vreme i pamćenje, Clio, Beograd.
Kolingvud, R. Dž. 2003. Ideja istorije, Javno preduzeće Službeni list SRJ, Beograd.
Lacan, J. 1986. XI seminar: Četiri temeljna pojma psihoanalize, Naprijed, Zagreb.
Maluf, A., 2003. Ubilački identiteti, Beograd: Paideia.
Мисирков, Крсте П., 1974. За македонцките работи (јубилејно издание по повод на стогодишнината од раѓањето на авторот)СкопјеИнститут за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Мисирков, Крсте П., 2008. Собрани дела. 3, Национално-политичка публицистика: (1910-1926)Подготвил Блаже Ристовски. Скопје: МАНУ
Nora, P. (January 2007), Između sjećanja i povijesti.Diskrepancija 12 (8), siječanj 2007: 135–165Аvailable at: >file:///C:/Users/Profesor/Downloads/izmedjusjecanjaipovijsti.pdf<
Renan, E2007. „Što je nacija?“ Pro tempore godina IV, broj 4, Zagreb: ISHA, 2007, 61-67. Available at >http://isha-zg.ffzg.unizg.hr/doc/pro_tempore/Pro_tempore_4_2007.pdf<
Ricœur, P. 2006. „Mémoire, Histoire, OubliEsprit 2006/3 Mars/avril, p. 20-29. Available at >http://www.cairn.info/revue-esprit-2006-3-page-20.htm<
Ристовски Б. 2017а. „Македонската колонија во Петроград и културнонационалниот идентитет и територијалeн интегритет на Мaкедонија (причини за војната и последици од букурешкиот договор)“. БУКУРЕШКИОТ мировен договор (1913) и неговите долгорочни последици за Македонија и Југоисточна Европа : материјали од македонско-рускиот научен собир одржан во Скопје на 27 и 28 јуни 2013 година : материалы македонскороссийской научной конференции состояшей в Скопье 27 и 28 јуни 2013 / [уредувачки одбор Блаже Ристовски ... и др.]. МАНУ, Скопје, 7-22.
Ристовски Б. 2017б. „Епохата на Лозарите, петроградското Македонско научно-литературно другарство, Мисирков и Чуповски“, Историски основи на Македонската академија на науките и уметностите (посебна публикација издадена по повод 50-годишниот јубилеј на МАНУ), МАНУ, Скопје, стр. 188-203.
Ристовски, Б. 2012. Димитрија Чуповски (1878–1940) и македонското научно-литературно другарство во Петроград. Прилог кон проучувањето на македонско-руските врски и развитокот на македонската национална мисла, Избрани дела во 10 тома, 3, Скопје: Матица македонска.
Ристовски, Б. 1996. Димитрија Чуповски и македонската национална свест. Скопје: Ѓурѓа.
Smit, A. D. 2010. Nacionalni identitet, Biblioteka XX vek, Beograd.
Spivak, G. Č. 2003. Kritika postkolonijalnog uma: Ka istoriji sadašnjosti koja nestaje, Beogradski krug, Beograd.
СтарделовГ., 2017. Носталгија по Мисирков, МАНУскрипт/MANUscriptIII 1-2, Скопје: МАНУ, 215-238.
Todorov, C., 2014. Strah od varvara. S one strane sudara civilizacija. Loznica: Karpos.
Ќулавкова, К. 2020. „Македонската нишка и парадигмата на МНЛД во С.-Петербург: Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски“. 28.10.2020, Свечен собир за МНЛД и Димитрија Чуповски. Скопје, МАНУ. Достапно на >http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2020/10/Referat-red.-za-Pulevski-Misirkov-I-Cupovski_28.10.2020_-MANU-KKulavkova.pdf<
Ќулавкова, К. 2021. „Македонија: историски континуитет во простор и време“. Прилози за историјата на Македонија и македонската култура, Скопје, МАНУ, I-XXII.
Hobsbaum, E. 1996. Nacije i nacionalizam od 1780. Program, mit, stvarnost. Filip Višnjic. Beograd.
Dženkins, R., 2001. Etnicitet u novom ključu: argumenti i ispitivanja, Beograd: XX vek.
(2020). За официялния език на Република Северна Македония(раководител на проекта Васил Николов, зам.-председател на БАН). СофияИздателство на БАН „Проф. Марин Дринов“
 
статии во списание:
Македонскій голосъ, No. 1, „Меморандумъ о независимости Македонiи, переданкый Македонской колонiей въ С.-Петербургѣ Конференциiи пословъ Великихъ Державъ въ Лондонъ“, С.-Петербургѣ 1913-1914, 21-23.
Македонскій голосъ, No. 1, „Меморандумъ Македонцевъ, Къ правительствамъ и къ общественному мнѣнiю союзныxъ балканскихъ державъ“, С.-Петербургѣ 1913-1914, 17-20.

Comments