Кон стихозбирката „Манастирски води“ од сестринството на Слепченскиот манастир

 Шестата стихозбирка „Манастирски води“ со поднаслов „Носталгија“ на сестринството на Слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“, излезе од печат.




Д-р Ангелина Бановиќ-Марковска, книжевен критичар и редовен професор на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје како рецензент на оваа книга поезија пишува:
Како да Те спознаам, а на себе да не помислам…

Шестата книга од поетската полилогија „Манастирски води“ со поднаслов Носталгија е колективно дело на сестринската поетска обител, од манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче, Демирхисарско. Веќе неколку години, под псевдонимот Кипријан Слепченски, таа ги публикува своите богољубиви стихови продолжувајќи ја, не само евангелската мисија на преподобниот црноризец, игумен и маченик туку и црковната книжевна традиција создадена од светите македонски просветители Климент и Наум.
Втемелена врз една концептуална матрица која понизно го следи патот на Вистината, и оваа, како и претходните пет богоугодни поетски книги, го содржи концептот на духовноста. Како индивидуална и универзална појава која го преиспитува човечкото постоење во светот, чувството на поврзаност со природата и со Божјата промисла, духовноста не е само начинот на кој сестринството во Слепченскиот манастир го апсорбира и манифестира  естетското чудо на животот, туку и специфичен обид на комуникација со светото и транцендентното, од кое ја црпи својата вера, надеж и љубов во Бога. Затоа, секое понирање во бездните на нивната субјективност е како трагање по личната смисла на постоењето, по праизворот на животот. Таа потрага не се манифестира само како мисловен нагон кој ја истиснува темнината од светлината, туку и како своевиден лечебен копнеж по бесконечноста, содржана и во Платоновата теорија за бесмртноста на душите, и во христијанскиот концепт за божественото потекло на човекот.
Имено, пред да го населат материјалниот свет, душите, според Платон, егзистираат во бескрајниот Универзум. При своето отелотворување на Земјата, тие го забораваат сето она што некогаш го знаеле за идеите, како праслики на материјалното постоење во кое го минуваат тие својот земен живот. Но благодарение на својата божествена моќ, да го помнат и разберат доброто, убавото и праведното, душите не престануваат да копнеат по бескрајниот Универзум, каде што впрочем и припаѓаат. Таа исконска желба за напуштање на привремениот „свет на сенки и привиденија“, таа, според Платон, носталгична потреба на душите за „враќање дома“, е многу слична на Христовото учење за бесмртноста и копнежот по Бога.
Имено, според христијанската теологија, создавањето човеково се случило не со посредство на зборот, туку со посредство на вдахновението. Дарувајќи му здив божествен, Бог му подарил на човека дух животен, па одврзувајќи го во него својот јазик, го издигнал над природата, правејќи го бесмртен.Сличен на својот Создател, Адам[1] станал „жива душа“[2], која ги понела во себе трагите на Божјото подобие (умот, сочувствителноста и волјата).Предназначен за божествен живот, тој требало да го облагороди рајот, но поради своето прегрешение го напуштил домот, оддалечувајќи се од Татка си и талкајќи по светот. Затоа, длабоко несреќен и поделен во себе, човек не може да се успокои сѐ додека не го пронајде повторно својот Создател, задоволувајќи ја не само својата носталгија по изгубениот дом, туку и онтолошката празнина што ја отворил копнежот по апсолутната Вистина.
Поттикнат од ова сознание, и авторот на стихозбирката Носталгија го слави христијанскиот концепт за духовноста. Како најдлабока форма на спиритуална љубов, таа е плод на една аскетска парадигма, која не подразбира само почитување на религиозните обврски и ритуали, туку и начин на мислење и однесување кое ги преобразува и душата и умот. Својствена за тие кои, стремејќи кон духовна чистота, се откажале од сетилните задоволства на земниот живот, таа парадигма го претставува, всушност, гласот на една поетска заедница[3] која,ослободена од страста за личен престиж и индивидуална афирмација, решила под псевдонимот на својот заштитник да ѝ ја приопшти на јавноста својата метафизичка жед за Бога: „Како да Те спознаам / а на себе да не помислам, / зарем ќе можам за Тебе да дознаам / а преку мојот ум да не поминам / (…) / веројатно некаде таму ќе Те најдам / онаму каде што и самиот себеси ќе се пронајдам. / Само тогаш сигурно ќе можам да поимам, / дали  можам да се приближам / дали по лик / налик на Тебе постанав / или пак, сепак, во мене нешто земно остана“ (Ноктурно, стр.147).
Наведените стихови на Кипријан Слепченски не само што верно ја илустрираат човечката носталгија[4] по Бога, туку го откриваат и чувството на празнина, од загубената целина. Тие се одглас на една религиозна самосвест која егзистенцијалната потреба од засолниште ја претворила во носталгичен копнеж по Средиште, копнеж кој кажува дека таму некаде, на најдолното скалило од човечката субјективност, во најдлабоката бездна на нашето битие, лежи копнеж по бесконечното, апсолутното и трансцендентното. Затоа, како ранета кошута која „копнее по водни извори“, и поетот Кипријан Слепченски „жедува по Бога“, воспевајќи го и сонот за првородената религиозност и покајанието на искупителната жртва: „О, Духу Свети / Утешителу, Смирителу, / (…) / Изгори го во мене / секое оправдување, / врати ме на патот на смирение / дарувај ми дар на простување. / Секого да го гушнам, / во срце да го сместам, / при Тебе да го донесам, / со Љубовта Твоја рани да му повивам. / Само така ќе се смирам, / само така ќе се одморам, / и тогаш нема да заборавам дека при Твои нозе битисувам / Духу на вистината…“ (Духот: дваесет и шеста мисла, стр. 71).
Создадени во мирот на манастирската тишина, овие стихови не се само горлив разговор со Бога, туку и тивок восклик на ранета душа која ја препознала лечебната моќ на молитвата, онаа која ги отвора портите од замокот на душата, водејќи нѐ до нејзините таинствени одаи. И што подлабоко навлегуваме кон нејзиното средиште, сѐ повеќе тонеме кон своето Извориште, станувајќи свесни дека по својот образ сме слика и прилика Божја, а по своето одредиште, негова резиденција. Затоа е толку искрен и чист молитвениот глас на поетот кој вели:„Духу Свети, / Духу на Вистината, / послушај ја молитвата / оттргни ја лагата, / онаа најопасната / онаа која замајува, / која човека го омлитавува / и ја прави слободата безвредна“ (Духот: дваесет и седма мисла, стр. 99).
За каква слобода копнее лирскиот субјект во овие стихови?
Христијанската теологија познава два вида слободи. Првата е онаа исконската, (онтолошката) слобода која, според библиската нарација, Адам ја добил од Бога, но воден од своите страсти ја претворил во забрана, зашто не ја примил како патоказ кој опоменува туку како ограничување кое казнува. Така, од ранлив слуга на туѓото искушение, станал непромислен роб на своето прегрешение, осознавајќи ја болната вистина дека „нема забранет плод / на дрвото на животот, / само неполезен род / на ивицата од пеколот“ (Бездна: Одговор, стр.53).
Вториот вид слобода е спиритуалната слобода – слободата на духот[5] – која не знае за принуда туку за милост. Таа е верба која радува, надеж која не разочарува, благодат која ослободува, не само од внатрешен немир туку и од лажен идентитет. Доаѓа во форма на чиста Љубов, таква која има „срце во блискоста, / нозе во взаемното патување, / радост во силно споделување, / а смртна рана во разделување“ (Блиску, стр.131). И не е бегство од одговорност туку живот исполнет со смисла која облагородува, дури и кога согорува: „О, радост божествена, / о, Утешителу на детските срца, / о, љубов ненаметлива / одoрна покривко на човековата душа. / Со солзи изми ја нечистотијата, / со оган изгори ја гарежта / и не престанувај со сеприсутноста“ (Духот: дваесет и деветта мисла, стр. 157), пее авторот на овие стихови, свесен за патот што треба да го изоди човек, за да стигне од образот Божји до Божјото подобие[6].
Но, зарем тоа не е патот на преобразбата која води до изворот на смислата, до себе откривањето кое единствено може да ја угаси жедта…?
„Изворе над изворите, / патнику по ноќите, / твоите фенери трагаат / срца човечки да најдат, / нив да ги удомат / на Извор да ги приведат“ (Извор,стр. 39), вели авторот на Носталгија, свесен дека само таму, длабоко во себе, човек може да ја реализира својата втора слобода, па поттикнувајќи ја креативноста на духот, да ја оправда довербата добиена од Бога: да биде и чувар на градината, и кројач на иднината– трезор на бескрајниот логосен потенцијал кој ѝ дал боја на темнината и глас на пустината.
„Сепак ќе се осмелам / светови да опишам / кои Ти заради нас ги устрои / и никогаш не се предомисли“ (Кога би зборувал, стр. 21), пее Кипријан Слепченски, воден од желбата да ја разбуди во себе древната функција на зборот. Но, и покрај умешноста да ја изрази креативноста, тој знае дека никој не е поголем од Творецот, зашто – човекот не е Создател туку создаден да ја чува искрата на вечниот Оган. И покрај тоа, стиховите на овој манастирски поет, во кои е сублимиран гласот на сестринската заедница во Слепче, прозвучуваат како литургија на душата, која – чекорејќи кон Изворот на смислата –ја опева својата носталгија и благодарност кон Бога.
Нели, да копнееш значи дека си повикан, да жеднееш – значи дека си допрен, па таму каде што душата копнее по Бога, Духот на Вистината веќе чекори со неа…



[1]* Адам (אָדָ֔ם) значи човек. Потекнува од старохебрејскиот збор адамах (אֲדָמָה), којшто значи „црвена земја“, „црвеница“, многу поразлична од праматеријата од која е создаден Првиот ден.
[2]* „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (Прва книга Мојсеева: Битие, 2: 7).„Во душата, а не во телото се крие Божјиот образ во човекот…“ (Евангелие според Јован, 4: 24).
[3]* „Овој текст зборува / за нашето семејство, / (…) / Затоа сме самоници, / не дека сме самобендисани, / туку си ја сакаме слободата / која што во себе ја содржи Љубовта“ (Од песната Нашето семејство, стр. 84).
[4]* „Носталгија пројавува / мислата човечка ненаситна, / прашања неодговорени / или одговори незадоволувачки…“(стр. 28).
[5]* „Каде што е Духот Господов, таму е слободата“ (Апостол Павле, Второ послание до Коринтјаните, 3:17).
[6]* Исус рече: „Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене.Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе“ (Евангелие според Јован, 14:6-7).

Comments