ИСТОКОТ И ЗАПАДОТ: ДИЈАЛОГ НА КУЛТУРИ И ИДЕОЛОГИИ ВО ТРАВНИЧКА ХРОНИКА НА ИВО АНДРИЌ | ДИСКУРС И ЕКСКУРС (ЗА КНИЖЕВНОСТА И КУЛТУРАТА), 2017
Tекстовите
настануваат во одредени контексти, но најчесто се интерпретираат во
некои други, што влијае врз толкувањето на стереотипите кои ги провоцираат еднодимензионалните
идеолошки рамки. Такви се романите на Иво Андриќ, но најмногу ТРАВНИЧКА ХРОНИКА во која овој југословенски нобеловец ја покажува и докажува
повеќеслојноста и поливалентноста на својот дискурс. Но, пред да
преминам врз конкретни примери со кои ќе го илустрирам ова становиште, ќе
потсетам дека според современите теории
(особено онаа постколонијалната), во мултиетничките, мултиконфесионални и
мултикултурални средини, рецепцијата на другоста е условена од центрите на моќ кои, во отсуство на нужна
критичка саморефлексија, своето средиште го
прогласуваат за врховен принцип, игнорирајќи го туѓото.
Како богат историски и географски хронотоп, како зона
на допири и средби меѓу различни народи, религии и култури,
Балканот и Босна, отсекогаш биле меѓникот на кој се градела богата културна
хибридност која, без претпоставената или
наметнатата хиерархија која генерирала непремостливи разлики меѓу
Окцидентот и Ориентот, би можела да развие специфични стратегии за помирување
на крутите идентитети. Но, ако ја прифатиме
симболичката матрица на Фројдовиот парадокс за идентитетот, спoред која
Балканот е Id на Западноевропското Ego, а Азија неговото AlterEgo, тогаш Европа
би ја претставувала областа на реалното, Азија областа на имагинарното, а
Балканот зоната на симболичкото несвесно. Сместен во срцето на Европа, тој и
денес е една сосем реалистична сцена на која како да е проектирано колективното
несвесно на Европа (еден своевиден dream screen), за кое свеста и разумот на
Високата Цивилизација не допушта да се
говори, но затоа пак развива противречни фантазии за непомирливоста со егзотичниот Друг. Така, „низ една типично шизофрена постапка – вели Ферид Мухиќ
– Европа ја расцепи сопствената историска свест. Еден свој дел, Балканот, го прогласи за Друго-од-себеси и му ги придаде
сопствените трауми, синдроми, јанѕи, психотични кошмари, а другиот свој дел го ангелизираше резервирајќи ги за него сите
оптимални етички прерогативи. Борбата против сопствената патолошка свест,
едноставно ја објективизираше наместо да ја
интернализира“ (Мухиќ 2000: 28).
За проблемите и
разликите меѓу Истокот и Западот, Азија и Европа е пишувано многу. Се разбира
дека овој феномен е застапен и во делата на Иво Андриќ, особено во романот ТРАВНИЧКА ХРОНИКА, која ни ги претставува состојбите на Балканот во период од 7 години
(1807–1814). Пресликани во ова деветнаесетвековно босанско гратче тие ја
потенцираат споменатата поларизација, макар што, во основа, романот
отсликува три гледни точки во допирот со Другоста: гледната точка на човек
од Окцидентот, гледната точка на човек од Ориентот и гледната точка на
домашното босанско население кое, иако во повеќето случаи е објект на гледање,
ја надополнува, сепак, сликата за дојденците во Травник. Би можело, всушност,
да се каже дека, наспроти тоа што
застапуваат различни идеологии, првите две гледни точки (онаа на
турските везири и на европските конзули), не се конфронтираат многу по однос на босанското население, зашто, со своето
дрско мешање во босанските состојби, тие го претставуваат, всушност, моделот странци
на Балканот. За нив, Травник и народот во него се несфатливи, природата сурова, а луѓето диви и заостанати,
избувливи и неучтиви. Затоа описите дадени од страна на францускиот конзул Жан
Давил, го потенцираат најмногу мракот и тишината во ова предградие.
Имено, ако светлината е
метафора за развиената европска цивилизација (оти навечер кога градот ќе потоне
в молк, светат само две светлини – на австрискиот и на францускиот конзул, небаре симболи
на духовната култура на Западниот свет), тогаш мракот во оваа
ориентална касаба ја покажува, всушност,
бездуховноста на балканскиот свет во кој упорно тоне неписмената
босанска раја, оти во Травник с ѐ е како од
памтивека, ништо не се сменило, с ѐ
врви по старо кај месното муслиманско
население. Писменоста на францускиот конзул кој води дневник, пишува писма,
стихови, поеми, дури и еп за Александар Велики, само ја зголемува
контраста и ја потенцира разликата меѓу рафинирана Европа и неграмотниот
балкански човек, потонат во својата тишина.
Слична претстава за овој свет имаат и турските везири.
Ибрахим- паша, на пример,
не наоѓаше доволно остри зборови и црни слики штом ќе
отпочнеше разговор за Босна и Босанците , а Давил го слушаше со искрено
сочувство и вистинско разбирање. Везирот не можеше да прежали што паѓањето
Селимово [...] го фрли во
оваа далечна и бедна земја. Сами гледате , благороден
пријателе , каде живееме и со кого јас имам да се борам и да се
расправам. Глутница диви биволи човек
полесно би управувал одошто овие босански бегови и ајани. Тоа е диво , диво
, диво и неразбирливо , грубо и просто , а ваму чувствително и надмено , своеглаво
и празноглаво (Андриќ 1984:
214–215),
вели овој везир. И кај западноевропскиот дипломат, конзулот Давил ќе забележиме слична реторика. Во разговорот со младиот помошник Дефосе, тој го вели следново:
Јас мислам дека не постои денес во Европа толку беспатна земја како што е Босна... Овој народ, одделно од сите други народи на светот, има некоја неразбирлива, перверзна омраза спрема патиштата, коишто всушност значат напредок и благосостојба , и во оваа несреќна земја патиштата не држат и не траат, како самите да се уриваат. […]...Заостанатоста на овој свет доаѓа во прв ред од неговата злоба , од вродената злоба , како што вели везирот. Во таа злоба можат да се најдат сите објасненија (Андриќ 1984: 79–80).
Познато е дека конструкциите што му биле припишувани на балканскиот субјект како источниот Друг во срцето на Европа, биле поттикнати од повеќе фактори, но пред с ѐ од поделбата на христијанството: од една страна западното-католичко (она со европски менталитет), а од друга страна источното-православно (она со византиски менталитет). Затоа и не треба да нѐ зачудува фактот што на рајата од босанската касаба и на нејзиниот ориентален менталитет, конзулите гледале како на егзотични Други во срцето на Европа, оние на кои Метрополата им доделила маргинален статус на гранични субјекти, доволно контаминирани со траги од ориенталните, за да не бидат прифатени како целосно европски идентитети. Така, создаван како специфичен вид човечка судбина, балканскиот идентитет бил предодреден да биде Исток на Западот и Запад на Истокот, но наместо да ја прифати улогата на периферен, тој не ретко настојувал да остави впечаток на централен, зашто не сакал да се види себеси како нем и безличен објект, осуден да ја носи другоста како лепрозна јамка околу вратот.
Но оваа седиментарна псевдомитологија покажува, ист
така, дека, со концептот имагинативна колонизација, и во отсуство на конвенционален империјализам, културата на Грандиозниот европски Селф ја задоволувала
потребата од дијалог со себеси, со порасипаното свое јас, она кое „ништо не
заборава и ништо не учи, кое и натаму бие вековни битки, додека остатокот од
Европа е зафатен со брзиот процес на глобализацијата“, би рекол Славој Жижек
(Žižek 2001: 152). Оттаму, романот ТРАВНИЧКА
ХРОНИКА одлично ја илустрира оваа западноевропска традиција на
ориентализмот опишан од Едвард Саид (Edward Said). Но, иако Давил ќе успее да
се зближи со турските везири кои во него не
гледале само конзул, туку и човек со кого можат да ги споделат своите
маки, тежини и размисли, разликата во вредносните
системи на источните и на западните народи никогаш не ќе биде целосно
превладана, па во тој деветнаесетовоковен Травник, и човекот од Истокот и човекот од Западот, ќе се доживеат
меѓусебно како чудаци и странци.
Има една навистина впечатлива сцена во овој роман која укажува на разликите меѓу цивилизираниот Запад и нецивилизираниот Исток. Се случува во Диванот, кај травничкиот везир Ибрахим-паша, кој сакајќи да го сподело со нив своето задоволство од победата над христијанските востаници, ќе си поигра со емоциите на европските дипломати (францускиот конзул Жан Давил и австрискиот Јозеф фон Митерер). И додека разговорот тече, а тие се гоштеваат со кафиња, лимонади и чибуци, по наредба на великиот везир послугата започнува врз рогозината да истура отсечени човечки уши и носеви , неописива маса јадно човечко месо , насолено и поцрнето од засирена крв [...] некакви шапки , ремење , жолтеникави бајраци [...] со слика на светец во средината (Андриќ 1984: 217), мноштво човечки трофеи коишто Турците ги заробиле по победата над српските востаници организирани и предводени од Русите. Работите стануваат појасни кога, во продолжението на романот, дознаваме за официјалната вистина на трофеите. Измамата на Ибрахим-паша е откриена од страна на австрискиот конзул Фон Митерер кој, известен за вредноста на турската победа и потеклото на трофеите, ќе констатира дека оружјето било одземено од некоја српска чета , а знамињата и сето останато потекнувало од некој претходен колеж кој го направила огорчената војска над рајата босанска, некаде кај Зворник [...] (Андриќ 1984: 219).
Оваа
стравично сознание го допира дното на реалноста, поради што францускиот конзул Жан Давил ќе се запраша себеси:
Чуму таа лага ? Од каде оваа залудна детска свирепост? Што значи , всушност нивната смеа , а што нивниот плач? Што крие нивното молчење ? И како овој везир со своите ценети сфаќања... може да приреди вакви работи , па дури и да присуствува на овие сцени, небаре од некој долен и страшен свет? Какво е нивното вистинско лице ? Што од сето ова е , вистински живот, а што пресметана глума ? Кога лажат, а кога говорат вистина? (Андриќ 1984: 219– 220).
Иако во оваа сцена Андриќ пластично ја опишува трагичната слика на отоманското управување со Босна, во продолжението на романот дознаваме за уште една епизода – онаа за јаничарската судбина на Ахмед-бег Цериќ, која го открива и дипломатското лицемерие на странските конзули, не за да ја прикаже само едната – темната страна на Истокот, туку и да ја открие и перфидната страна на цивилизирана Европа, поточно на Австријците кои шпекулирајќи со животот на новскиот капетан, успеваат
посредно , преку своите луѓе кај Портата ,
да го оцрнат Ахмед-бега и да го прет- стават како предавник и француски платеник. Тоа им
беше пократко , поевтино и посигурно
средство одошто со години да се расправаат на границата со младиот и буен
капетан. Стапицата беше добро поставена [...] Капетанот го прелагаа дека го
вика францускиот конзул на разговор. Во Травник веднаш го фатија , го
оковаа и го фрлија во радот, в
темница. Тогаш Давил виде што е турски
терор , што можат лагата и
насилството да сторат здружени , и со какви сили има да се бори во овој проклет град (Андриќ 1984: 220–221).
Ова е, всушност, слика на поливалентна Босна, видена не само како историски топос на омраза, туку и како историски топос на страдање, кој ги вади на површина европските предрасуди за Балканот и за неговите ендогени, деструктивни и воинствени субјекти. Стигматизациите од ваков и сличен вид, продуцирале со години митски слики за инаквост креирајќи го европското имаго за Балканот како подрачје со примитивни страсти, етнички ужас и нетолеранција, но и за Балканците како афективни суштества, поблиски до природата одошто до културата. Но, имајќи ги предвид претходните две сцени, прашање е дали природата ѝ е толку спротивна на културата, или е, можеби, само нејзината превртена Другост?
Иако кон поимот природа, западната логика негува чудна нелагода, речиси зазор, латинските зборови култура и цивилизација имаат заеднички корен, па според Валтер Бенјамин (Walter Benjamin), секој документ за цивилизацијата е, истовремено, и запис за нејзиното варварство. Ќе се повикам сега на разговорот меѓу двата француски конзула, повозрасниот и огорчен Давил, кој сѐ што е турско и босанско примаше со одвратност и недоверба и помладиот Дефосе, дете на новото време, чија гледна точка, многу помека од онаа на Давил, се обидува да проникне подлабоко во минатото, обичаите и верувањата на овој свет [...] да ги отпрета нивните добри страни, изопачени и запретани од необичните околности во кои се присилени да живеат. Во констатацијата на Давил, дека овој народ има некоја неразбирлива, перверзна омраза спрема патиштата коишто значат напредок и благосостојба, Дефосе препознава само начин за одбрана од непосакуваните Турци Османлии, кои се можеби и најголемата причина за непостоење патишта кон Европа, зашто, секоја комуникација со христијанското странство, би значела отворање врата на непријателското влијание врз рајата и загрозување на турската доминација. Впрочем, господине Давил, ние Французите ја голтнавме половина Европа и не треба да се чудиме што земјите кои уште не сме ги завладеале гледаат со недоверба на патиштата што ги прави нашата војска на нивните граници (Андриќ 1984: 78–80).
Во
дискурсите на големите западноевропски истражувачи и мисионери, Балканот, ова
најзафрлено катче на Европа, бил опишуван двосмислено. Од една страна како царство
на сенките, нешто таинствено и непознато, а од друга страна
како примамлива, дива љубовница со темномуресто лице по која посегаат сите, и
муслиманите и христијаните, едно полупознато,
егзотично тело, податливо за истражување и колонизирање. И, што е најважно,
близу – тука, в комшилук, во задниот дел од дворот, веднаш зад ѕидот и завесата
на рафинираниот свет, на самата граница меѓу забранетото и дозволеното, па воопшто не зачудува што за непоколебливиот Дефосе,
овој дел од Европа,
иако е умртвен и одделен од светот, не е пустина туку, напротив, разнообразен, во секој поглед интересен и на свој начин речовит: народот е, вистина, поделен на вери, полн суеверија [...] и оттука многу заостанат и несреќен, но едновремено полн духовни богатства [...] па, во секој случај, вреди човек да се потруди и да ги испитува причините за неговата несреќа и заостанатост (Андриќ 1984: 133-134).
Дефосеовата перцепција за Босна и Босанците покажува, всушност, дека антагонизмот не постои, дека ништо не е толку антагонистично како што изгледа на прв поглед. Она што навистина постои, тоа е плуралноста која, доколку биде правилно сфатена, ќе допушти поместување на границите, зашто, во својата внатрешност, сите ние сме разлика. Нашиот ум е разлика од дискурски, нашето јас е разлика од маски, велеше Фуко (Fouca-ult). Затоа, наспроти моќите на уништувачкиот егоцентризам на Истото, претставен во ликот на Жан Давил, Фон Митерер и турските везири, стои искуството на младиот Дефосе, искуството на отворениот субјект кој ни кажува дека, во срцето на Европа, нема потреба од митови за невозможни идентитети и дека клучот за разбирањето на Другиот е, всушност, оној исчекор во нас самите.
Затоа, како географски меѓупростор, како сврзувачко
ткиво кое би можело да ја премости интерната логика на бинаризмот Исток–Запад, Андриќевата
Босна допушта една симболичка интеракција која ни покажува дека балканскиот
субјект не може да биде дефиниран само еголошки, туку и тополошки. Како
средишен торус во замрсениот евро-азиски јазол, тој е делот што
амортизира, што ја ублажува опозицијата меѓу половите, делот кој содржи и е содржан,
кој е – истовремено – и центар и периферија, и ергон и парергон на она
што денес се нарекува европски дух и цивилизација. Но, изграден така, врз
строгите правила на привилегираност и подреденост,
Балканот и денес го има задржано идентитетот на харемска љубовница која
ја игра улогата на ментално празно место,
препознатливо само како внатрешен
предмет на желбата, допуштајќи им на своите господари непречено да
уживаат во неговите вредности. Но тоа е една многу поширока тема која бара подетална елаборација, па за неа – во некоја
друга пригода.
Литература
Lešić
2008: Lešić, Zdenko; Duraković, Ferida (ur.). Pripovjedač Ivo Andrić, Prvi dio:
Ko to tamo govori? (Pitanje glasa u Andrićevoj prozi). In: Međunarodni naučni skup Ivo Andrić – 50 godina kasnije (zbornik
radova). Sarajevo: Akademija nauka i umjetnosti Bosne i Hercegovine.
Kazaz 2012: Kazaz, Enver. Treći svijet i njegova mudrost isključćenosti (slika imperijalne ideologije i prosvjetiteljske utopije u Andrićevoj TRAVNIČKOJ HRONICI). In: Subverzivne poetike (tranzicija, književnost, kultura, ideologija). Zagreb –Sarajevo: Synopsis.
Lovrenović
2008: Lovrenović, Ivo. Ivo Andrić, paradoks o šutnji. In: ARS. Cetinje: br. 1–2.
Nojman
2011: Nojman, Iver B. Upotrebe drugog: Istok u formiranju evropskog identiteta. Beograd: Službeni glasnik (Beogradski centar za
bezbednosnu politiku).
Тодорова 2001: Тодорова,
Марија. Замислувајќи
го Балканот. Скопје: Магор.
Саид 2003: Саид, Едвард В. Ориентализам. Скопје: Магор.
Baba 2003: Baba, Homi K. Smeštanje kulture. Beograd: Beogradski krug.
Žižek 2001: Žižek,
Slavoj. Manje
ljubavi – više mržnje! Ili, zašto je vredno boriti se za hrišćansko nasleđe. Beograd: Beogradski krug.
Мухиќ 2000: Мухиќ, Ферид. Критика на
балканскиот ум. Ин: Lettre Internationale: европска ревија за култура, Скопје, бр. 20. S. 12–14.
Андриќ 1984: Андриќ,
Иво. Травничка
хроника. Скопје: Мисла – Македонска
книга – Култура.
Comments
Post a Comment