NO MAN’S LAND ИЛИ КОСМОПОЛИТИЗАМ БЕЗ КОРЕНИ | ГРУПЕН ПОРТРЕТ (КУЛТУРОЛОШКИ И ЛИТЕРАТУРНО-ТЕОРИСКИ ЕСЕИ), 2007

 

Во овој труд ќе се занимавам со еден специфичен вид прогонство (поточно бегство), поттикнато од една суптилна состојба на духот која Жил Делез (Gilles Deleuze) ја дефинираше како „психички номадизам“, а Хаким Беј (Hakim Bey) потсмешливо ја нарече „космополитизам без корени“. И двата поима имаат допирни точки со хомонимот „ничија земја“, („no man’s land“), во кој Жан-Франсоа Лиотар (Jean-Francois Lyotard) ја препозна тајната област на нашето бегство, онаа во која заминуваме повремено, макар што некои од нас милуваат да го прават тоа мошне често. Се разбира, не станува збор за никаков геополитички феномен (впрочем, јас и немам намера да му додавам на моево излагање никакви политички конотации), но сосема е очигледно дека трите поима ги обединува еден заеднички именител кој се манифестира како отпор кон институциите на системот.

     За што точно станува збор?

    Познатата расправа за номадологијата на Жил Делез и Феликс Гатари (Felix Guattari), кажува дека основен, „територијален“ принцип на секој номад е патот, патувањето, себедистрибуцијата во мазен, неомеѓен и безграничен простор. Но, не секогаш, и не нужно, патувањето (во случајов бегството како патување), подразбира движење. Мошне често, може да се патува, или да се бега, без да се напушти сопствената соба или родниот град. Го сториле тоа сите кои практицирале ризомски начин на мислење, но јас им давам предност на оние интериоризирани патувања на телата чиј дух, со брзина на молња, минува илјадници километри, простори и времиња. Жил Делез го опиша тоа движење како „вител со променлива ориентација“ зацврстувајќи го ставот дека номадизмот е, всушност, еден неподвижен, скаменет процес, дека – мошне често – знае да биде интензивно патување во место.

     Но, од каде поривот за движење? Од каде таа вечна потреба за отиснување?

Не е тајна дека во основа, секоја држава има потреба од фиксирани патеки, од добро утврдени насоки со кои го декомпонира, рекомпонира или трансформира движењето на своите субјекти. Некои од нив имаат критичка свест и знаат да u се спротивстават на идејата за локализирање во однапред програмирани социолошки (и)ли политички рамки на мислење и однесување. Тоа спротивставување подразбира извесен престап, а престапот иницира бегство или, во краен случај, прогонство. Затоа, секој субјект со критичка свест е потенцијален престапник, а со тоа и духовен номад, оти Номос-от, е смислата која му се спротивставува на Законот. „Или номос, или полис“. Оттаму, според Делез „од витално значење за секоја држава нема да биде идејата да се победи номадизмот, ами да се контролира миграцијата“ (да се види сајтот http://www.womenngo.org.yu/sajt/sajt/izdanja/zenske_studije/zs_s4/nomad.html). Кажано поинаку, мainstream-от на седентарната заедница не трпи субјекти што не можат да се скрасат. За среќа, секогаш постојат модуси со кои може да u се спротивставиме на државата – „недисциплина, побуна, герила или револуција... Затоа и може да се каже дека воскреснала Воената машина, дека е на повидок еден нов номадски потенцијал...“, пишува Жил Делез (курзивот е мој; види го сајтот http://www.womenngo.org.yu/sajt/sajt/izdanja/zenske_studije/zs_s4/nomad. html).

     Сепак, да се биде прогонет, да се биде номад не значи да не се поседува дом, туку да се има способност за негово повторно создавање, каде било и кога било. Gertrude Stein сметаше дека е добро да се имаат корени, сe додека можат да се понесат со себе. Оттаму и легитимноста на „no man’s land“ како право на секој човек да се одлепи, да побегне од контролата на инквизицијата, од тоталитарната држава или лажната демократија, во област која не е изложена пред очите на јавноста, во област каде што ќе биде свој на своето.

Осврнувајќи се на животот во егзил, руската поетеса Нина Берберова (и самата емигрантка од својата 20-та година), во својата автобиографија Мојот курзив ќе ја востанови темата на постојаното враќање дефинирајќи ја својата животна и литературна позиција како антипочвена, антиправославна и прозападна, покажувајќи на тој начин жилав отпор кон „бесмислата и нестабилноста на светот“. Така, таа ќе ја одржи онаа „општа насока“, главната линија („ligne generale“) на своето второ суштествување кое не признава тоталитарни власти, цензури, анексии, изолации, депортации или каков било терор. Самиот потег е чин на отпор, но истовремено, и одговор и бегство од ограничувањата, во насока на сопственото убедување.

     Присвојувајќи го псевдонимот Хаким Беј – што е, исто така, еден специфичен облик на бегство – контроверзниот американски критичар, поет и есеист, Питер Ламборн Вилсон (Peter Lamborn Wilson), во почетокот на 90-тите години од минатиот век ќе го лансира концептот T.A.Z (The Temporary Autonomous Zone). Станува збор за своевидна мултиперспективна, постидеолошка и мошне смела визија за светот (http://www.hermetic.com/bey/taz3.html#labelTAZ) во која може да се биде слободен и независен од „коренската философија на племенскиот мит“. Еве што Умниот Човек /„Wise man“/ или Господинот Судија пишува за тоа:

     „Т.А.Z е како побуна која не доаѓа во директен конфликт со државата, герилска операција која ослободува извесно подрачје (на време, територија, имагинација), а потоа исчезнува за да се појави повторно на некое друго место, во некое друго време, пред државата да успее да ја уништи… Нејзината најголема сила е нејзината невидливост – државата не може да ја препознае, оти Историјата за неа нема дефиниција. Штом T.A.Z. ќе биде именувана (претставена/замислена), таа мора да исчезне оставајќи празна корупка зад себе, како би можела повторно да се појави на некое друго место, повторно невидлива, оти е необјаснива со поимите на Спектаклот. Затоа T.A.Z. е совршена тактика во случаи кога државата е сеприсутна и семоќна, иако полна со пукнатини и празнини. А бидејќи T.A.Z. е микрокосмосот на ‘анархистичкиот сон’... слободните култури не можат ни да си замислат подобра тактика за остварување на својата цел“ (курзивот е мој; да се види подробно сајтот http://www.hermetic.com/bey/taz3.html#labelTAZ).

     Како табор на „онтолошки војници“ (или, според Стирнер, „здружение на егоисти“), T.A.Z. е насочена против структурите кои ги контролираат идеите и дејствува, метафорички, како Номадска Воена Машина која му се спротивставува на „Мапирањето“ во кое се препознаваат димензиите на една невидлива Картографија која го контролира светот. Затоа е добро да се има свест за алтернативни концепти подготвени за децентрализиран поглед, за еден поинаков, сосема различен свет, спротивен на идеологиите што заговараат „психички империјализам“, за свет како одговор на „тиранијата за лажно културно обединување, кое настојува да ја отстрани секоја културна различност и индивидуалност...“, вели Хаким Беј и додава: „Овој парадокс создава ‘цигани’, психички патници гонети од желба или љубопитност, талкачи со мала лојалност (всушност, нелојални кон Европскиот проект, кој ја загубил веќе својата виталност и жар), неврзани за посебно време или место... Овој опис не покрива само класи на уметници и интелектуалци..., туку и бегалци, бездомници, туристи... па дури и личности кои патуваат со помош на Мрежата, никогаш не напуштајќи ја својата соба... Се вбројуваме во него сите ние кои живееме преку нашите автомобили... книги, филмови... преку промените на животниот стил“ (види го сајтот http://www.hermetic.com/bey/taz3.html#labelTAZ).

    Токму овие современи духовни номади имаат потреба за меѓупростори и оази, за привремени автономни зони како „no man’s land“, во која еден од облиците на бегство е чинот на пишувањето. Но – „no man’s land“ станува интересна само ако биде споделена. Оттаму лозунгот „publish or perish“ („публикувај или исчезни“) не ќе важи само за писателите и интелектуалците, туку за сите со креативна имагинација, кои му дале апсолутно право на своето „второ суштествување“. Но, ако патот до него знае за опозитни семантички домени: од една страна побуна изразена како автодеструкција, дислокација и регресија, а од друга страна промена сфатена како регенерација, ревитализација и напредок, може ли ова патување да не резултира со себенаоѓање, макар тоа било и најдолгото враќање, најтрајното бегство кон нашето сепство?

     Одговорот, верувам, на сите ви е познат.

 

Литература

Bey, Hakim (Peter Lamborn Wilson). The Temporary Autonomous Zone, http://www.hermetic.com/bey/taz3.html#labelTAZ

Vat hel, Endru Baruh. 2006. Književnost Istočne Evrope u doba postkomunizma: uloga pisca u Istočnoj Evropi. Stubovi kulture: Beograd.

Delez & Gatari. Rasprava o nomadologiji (Gilles Deleuze/Felix Guattari, "Capitalisme et schizophrenie", Mille Plateaux, Les Editions de Minuit, Paris 1980, str. 471–481; prevela sa francuskog Branka Arsić);

http://www.womenngo.org.yu/sajt/sajt/izdanja/zenske_studije/zs_s4/nomad. html

Лиотар, Жан-Франсоа. 2002. Общата посока. Постмодерни поуки.

Критика и хуманизьм: София.

http://luben.unixsol.org/translations/lyotard/la_line_generale/index.html

Raunig, Gerald. Ratni stroj protiv Carstva: Uz prekarni nomadizam 
Volxt heaterkara wane .

http://www.republicart.net/disc/hybridresistance/raunig01_hr.htm

Raunig, Gerald. Tr ansverz al na mnošt va

http://www.re publicart.net/disc/mundial/raunig02_hr.htm

 

Comments