ИНТЕЛЕКТУАЛНО ПАТУВАЊЕ ДО КОМУНИЗМОТ И НАЗАД (Павел Виликовски, Последниот коњ на Помпеја)
Апстракт:
Есејот Интелектуално патување до комунизмот и назад, го следи интелектуалецот од Средна Европа кој, обидувајќи се да го избегне животот под тоталитарниот, просоветски режим на некогашна Чехословачка, ќе се најде во еден западноевропски град, искушувајќи ги навиките на телото, чувствата и умот. Преиспитувајќи ја познатата „словенска чувствителност“, источноевропскиот песимизам и западноевропската хармонија и рационалност, овој есеј го проблематизира и прашањето на слободите, улогата на демократиите и влијанието на јавниот и приватниот морал врз луѓето од Средна и Источна Европа кои, иако се доживувале себеси како аутсајдери во европскиот цивилизациски простор, честопати биле само неми жртви на нејзината историја.
Клучни зборови: Виликовски, комунизам, капитализам, тоталитаризам, либерализам
Во Последниот коњ на Помпеја, словачкиот писател Павел Виликовски го
следи интелектуалецот од Средна Европа кој, обидувајќи се да го избегне животот
под тоталитарниот, просоветски режим на некогашна Чехословачка, ќе се најде во
еден западноевропски град, искушувајќи ги навиките на телото, чувствата и умот.
Пристигнувајќи во Лондон, по добиената стипендија за студиски престој, тој ќе
се соочи со сознанието дека, со својата деструктивна и вознемирувачка реалност,
неговиот источноевропски, песимистички хаос понекогаш изгледал почовечен од посакуваната
западноевропска хармонија и рационалност. Оттаму, преиспитувањето на поимите
култура и демократија, цивилно општество и политичка држава, морални вредности
и емоции, ќе бидат во фокусот на неговиот интерес.
Изложувајќи го сопственото,
но и семејното искуство со социјализмот и неговите тоталитарни механизми – карактеристични
за тогашното словачко општество со развиена пропаганда и силна политичка
контрола – ликот од романот на Виликовски дава имплицитна критика и на либерално-демократските
обрасци во капиталистичкиот свет. Имено, преку исечоци од дневни весници и фрагменти
од писмата на пријателите кои во седумдесеттите години од минатиот век
емигрирале во западните капиталистички општества, тој не ја разнишува само идеализираната
и стереотипна претстава на луѓето од некогашниот Источен блок, за животот во Западна
Европа и во Америка, туку и сопствената утопијска визија за социјализмот, иако во
ниту една од земјите на реалсоцијализмот таа не беше типична. Но кога дел од државите
што ја дефинираа некогашната идеолошка перцепција за Истокот, исчезнаа од
географската карта на светот, одредницата „средноевропски“
држави/народи/култури доби граничен статус на поим оптоварен, не само со
наследената источна идеологија, карактеристична за „тоталитарниот“ свет, туку и
со придобивките од западната цивилизација, карактеристични за „либералниот“.
Затоа овој роман, на еден ироничен и извонредно суптилен начин, ја
проблематизира, всушност, улогата на демократиите и нивното влијание врз
јавниот и приватниот морал кај луѓето што се доживувале себеси како аутсајдери
во западноевропскиот цивилизациски простор, иако честопати биле неми жртви на неговата
историја и на политиката што го обележа тоа време.
Поттикнат, веројатно, од
ова сознание македонскиот словакист, Звонко Танески (кој е, истовремено и преведувач
на овој, но и на други словачки автори во македонската книжевна средина), ќе
констатира дека жанровски, писмото на Виликовски е многу блиску до есејот,
поради што неговата проза „најмногу му се радува на опитниот и на интелектуално
дораснатиот читател... И македонскиот внимателен читател многу брзо ќе забележи
дека Виликовски ги развива своите приказни, речиси секогаш, на повеќе нивоа
(дури и кога приказната има само една насока на дејство), пришто ги принудува
реципиентите да ги бараат тие нивоа... и да се поврзуваат со нив по пат на
внатрешен индивидуален дијалог“. Од таков еден дијалог
произлезе и овој есеј.
Во основа, Последниот коњ на Помпеја има комплексна
композиција, постмодернистички компонирана, со колажна техника што ја
сочинуваат цитати од Сенека, извадоци од весници, фрагменти од писма и реални
историски настани, вметнати меѓу еден пролог и еден епилог (прологот е средношколски
расказ од еден книжевен натпревар за млади таленти, одржан 1973 година, а епилогот
е фрагмент од списание за забава и поука, печатено 1877 година). Помеѓу нив е успешно
ситуирана фикционална сижетна линија која ги следи безимениот наратор и
неговиот познаник Мек, капиталистички порноиндустријалец кој потсетува на
Гетеовиот Мефисто, но со еден постмодернистички, амбивалентен и безмалку
шизофрен однос кон општествените и културните феномени. Неговата подвоена, ѓаволска
природа на светот гледа со еден специфичен цинизам, кој иако ги критикува двата
општествени система и верува во незадржливата пропаст на цивилизацијата, и самиот
учествува во производството на највпечатливиот знак на нејзиното распаѓање –
порнографијата. Него најдобро го отсликува теоријата на контроверзниот
британски психоаналитичар Роналд Дејвид Лејнг (Ronald David Laing), сублимирана во следниве зборови: „шизофренијата
не постои, а шизофреничарот е здрав човек кој адекватно, значи болно, реагира
на болната средина“.
Од друга страна пак, медитативната
природа на безимениот наратор, открива многу детали од животот во овој роман
кои досегаат и до неговото детство: горкото семејно искуство на неговиот татко,
жртва на комунистичиот режим во некогашна Чехословачка, мистериозната судбина
на неговиот вујко, исчезнат во виорот на историските настани што ја зафатија
Европа и светот, потоа идеолошкото несогласување со таткото на неговата
сопруга, високиот комунистички функционер кој, благодарение на своите
познанства, ќе му обезбеди виза и стипендија само за да „се ослободи од гнилото
јаболко пред тоа да ги зарази другите“, па латентната љубовна епизода со Естер,
израелска стипендистка со источноевропско животно искуство, како и двата реални
историски лика, Силвија Агелоф и Рамон Меркадер, сврзани со убиството на
Лев Троцки, го даваат историскиот фон на романот. Тие откривааат рафиниран писател
кој проблематизирајќи важни аспекти од двете страни на железната завеса, говори
за животот и за вредностите во тоталитарните и во либералните општества.
Имено, воден од желбата
да го одложи враќањето во комунистичка Братислава и да остане во
„капиталистичката туѓина“, иако во неа e преплавен од чувството на осаменост и
отуѓеност, нараторот размислува да ја прифати понудата на Мек, да пишува сценарио
за филм и како стручен советник за сцени од Источна Европа, да си ја продолжил
работната дозвола и добиената десетмесечна стипендија за „проучување на
елементите на словенската чувствителност во делото на Џозеф Конрад“. Во
познатиот и мошне често споменуван есеј Трагедијата
на Средна Европа, Милан Кундера вели дека полскиот писател и имигрант Џозеф
Конрад, секогаш се нервирал поради етикетата „словенска душа“ која му била
припишувана поради неговото полско потекло. Сметал дека на полскиот
темперамент, на неговата „витешка приврзаност кон моралните принуди и
претераното почитување на индивидуалните права“, ништо потуѓо не може да му биде
од она што литературата го дефинирала како словенски
дух. „Колку добро го разбирам – вели Кундера – и јас не можам да сфатам дали
може нешто посмешно да има од тој култ кон мрачната длабочина, од таа бучна и
празна сентименталност на словенската
душа, која и мене понекогаш ми ја припишуваат“.
Но, трагајќи по вистината
за таа несфатлива источноевропска „сомилостна нежност“, нараторот во романот на
Виликовски нема да ги дијагностицира само западноевропските стереотипи за наводниот
„словенски сентиментализам“, туку и источноевропските илузии за наводната „емоционална
анемичност“ кај западните народи, деконструирајќи ги – на еден ироничен, но суптилен
начин – духовното и телесното, емоционалното и рационалното, високото и ниското
во животот на луѓето од двата блока. Забележувајќи дека, ниту во идеологизираниот
источноевропски марксистички инженеринг, ниту во порнографизираната
западноевропска капиталистичка индустрија, културата нема розова перспектива, тој
констатира дека, како автономна сила, таа одамна абдицирала од европскиот цивилизациски
простор. Ако некогаш културата била средство за реализирање на највисоките
човечки вредности, таа е сега, или политизирана и под силна контрола на
државата, или маргинализирана и под силно влијание на капиталот.
Соочен со два различни временски
система – едниот капиталистички, динамичен и потрошувачки, другиот бирократски,
бавен и апстинирачки – нараторот на Помпеја
сфаќа дека во капитализмот времето се доживува како основна димензија на
човечката егзистенција, а во социјализмот – како бесконечно чекање (во ред за
нешто). И додека потрошувачката во западните капиталистички општества има,
првенствено, општествен карактер, во социјалистичките таа добива политичка
димензија. И сето тоа согласно
принципите на егалитаризмот содржан во максимата „секој според потребите,
секому според можностите“. Но кога правото на егалитаризам ве суспендира и
лишува од желбата за повеќе, станувате свесен дека сте незадоволен и револтиран,
дека сакате да се издвоите од толпата, од единствениот вкус на колективот, да имигрирате
само за да ја почувствувате вистинската слобода на изборот, иако во писмата од пријателите
што веќе го сториле тоа, нема многу оптимизам: „иако знам дека грешам кога ја
замислувам онаа земја каде што тече мед и млеко таква, каква што беше кога ја
напуштив, постојано мислам дека е добро да се биде дома. Среќен е човекот кој
може да го избрише овој проблем... Во право си, да се отиде некаде од принуда, е исто така израз на неслобода, како и
некаде под принуда да се остане“ (курзивот е мој).
Како начин на мислење,
како форма на знаење и организирање на светот, „студената војна“ имаше огромно
влијание врз јавното мнение во 20 век, но и голема улога во создавањето на една
концептуална географија, базирана врз спротивставеноста меѓу болшевичкиот Исток
и капиталистичкиот Запад. Таа се рефлектираше во сите сфери на општествениот
живот, но дури и тогаш кога, во седумдесеттите и осумдесеттите години од
минатиот век, меѓу двата спротивставени блока беше допуштена интелектуална размена
врз научна основа, будните очи на режимската тајна полиција ги инструираа
луѓето како да постапуваат и за што да известуваат кога ќе се најдат надвор од границите
на својата држава, претворајќи ги од субјекти во објекти над кои се вкрстуваа
интересите на комунистичкиот и на „слободниот“ свет.
Одлична илустрација за
овој тип искуства се двете епизоди од романот: едната е средбата на главниот
лик со претставник од Државната безбедност кој му ги дава последни инструкции
за користа што државата би можела да ја има од средбите со емиграцијата и
следењето на другите стипендисти. „Претпоставуваме дека со вас, таму на курсот,
ќе има и други учесници од Чехословачка – вели државниот службеник – Ненападно
посматрајте ги, дали достојно ја претставуваат нашата земја, дали со своите
настапи не го срамат нашето социјалистичко општество, нашето братство со
Советскиот сојуз и слично, и со кого, евентуално, се сретнуваат. А кога нешто
би забележале... ... Кога случајно би забележал дека некој за време на
интонирањето на словачката химна плука, можам да ви ветам дека веднаш таму, на
лице место ќе го смачкам“, одговара иронично ликот и
со својот отворен и дрзок гест на нелојалност кон институциите на системот, ризикува
да ја загуби потребната документација за излез од државата. Или, случката со
една од советските стипендистки, учителки по англиски јазик, која одбива јавно
да одговори на прашањето дали во стиховите на Ларкин препознала присуство на
Бога, поради стравот дека би можела не само да биде пријавена од своите колешки
во советската амбасада, туку, во миг на невнимание, и самата да се издаде
себеси.
Јасно е дека, за
социјализмот, производството на досијеа беше првата голема (порно)индустрија
без која тој не можеше да опстане, зашто на тој начин, семоќната држава ја
зголемуваше контролата над своите поданици, одржувајќи го системот без оглед на
цената. Таа патерналистичка супериорност создаваше атмосфера на недоверба и
зазор кој не ја зголемуваше кај луѓето само потребата за некој друг, надворешен
свет, тука ја намалуваше и зависноста од внатрешниот, па народните режими
постојано беа поткопувани со прикриени форми на саботажа и отпор, на сите нивои
на системот. Особено од оние кои стануваа свесни за длабокиот јаз меѓу
социјализмот како идеологија (или теориски поим) и реалсоцијализмот (како „actually
existing socialism“). Но, кога ќе се најдеа на Запад, кога ќе почувствуваа дека
за западните Европејци тие се само оние „другите“, поегзотичните луѓе од
источната страна на железната завеса, сфаќаа дека суровата приватизација и
трката за профит умее да ја покаже и својата безмилосна, мрачна страна. Фрагментите
од весниците инкорпорирани во овој роман кои посочуваат на убиства, грабежи,
расна омраза, социјална нееднаквост, ослободителни пресуди со кауција и слично,
само го засилуваат прашањето за вистинската демократија во Европа и за нејзиниот
морал, покажувајќи го очајот и осаменоста на источноевропската емиграција при судирот
на нивниот културен код со културните вредности на Западот...
Јасно е дека романот на Виликовски, Последниот коњ на Помпеја, зборува всушност за симптомите на растечката системска криза што во втората половина на 20 век ги беше зафатила и социјализмот, и светскиот капитализам, воопшто. Избирајќи една привидно лагодна, „надворешна“ позиција од која би можел да го провери својот внатрешен глас, главниот лик на овој роман ќе заклучи дека не е сѐ така бело ниту на посакуваниот и идеализиран Запад, но сето тоа низ една слатка иронија којашто го замаглува конкретното значење или цврстиот став, кој е постојано амбивалент: убав и грд, емотивен и суров, ироничен и безличен. И тоа не само по однос на месијанското време на социјализмот кое се покажа апокалиптично, туку и по однос на посакуваното време на капитализмот кое се потврдува како проблематично. Затоа авторот на овој роман сугерира дека треба да се преиспитаат моралните вредности, без оглед на политичката идеологија што се заговара или општественото уредување во кое се живее, оти, според мудриот Сенека, логиката не е во промената на поднебјето, туку во промената на духот, поточно во промената на менталитетот, зашто секаде каде што одиме нѐ следат нашите мани... Но тоа е сосема различна тема, па за неа – во некоја друга, слатка пригода.
Литература:
- VERDERI,
Ketrin. Šta je bio socijalizam i šta
dolazi posle njega?, Beograd 2005.
- DAHRENDORF,
Ralf. Iskušenja neslobode
(Intelektualci u doba kušnje). Zagreb 2008.
- Marksizam u svetu: časopis prevoda iz strane
periodike i knjiga, godina VII, 1980, br. 8, Beograd 1980.
- MILOŠ, Česlav. Zarobljeni um, Beograd, 2006
- KUNDERA, Milan. Tragedija Srednje Europe, in: Gordogan: časopis za književnost i sva kulturna pitanja, god.7, br. 17-18, Zagreb, 1985
- KONRAD, Gyorgy Dobro je putovati, in: Gordogan: časopis za književnost i sva kulturna pitanja,
god.7, br. 17-18, Zagreb 1985.
- BEASLEY-MURRAY, Timothy. Postmodernism of Resistance in Central Europe:
Pavel Vilikovský's ‘Večne je zelený...’ [online] In: The Slavonic and East European Review,
Vol. 76, No. 2 (Apr., 1998), pp. 266-278. Available at: >http://www.academia.edu/3680552/Postmodernism_of_Resistance_in_Central_Europe_Pavel_Vilikovskys_Vecne_je_zeleny..._>
- ТАНЕСКИ
Звонко. „Во кој правец вози машинистот на Павел Виликовски“, во: ТАНЕСКИ,
Звонко. Македонско-словачки
компаративни согледби (студии и интерпретации). Скопје 2012Мојсова-Чепишевска,
Весна (2011): „Неповторлива можност за ретко уживање (или како се чита
Виликовски на македонски јазик)“ во: Игра
и симулации, Галикул, Скопје
- ВИЛИКОВСКИ,
Павел. Последниот коњ на Помпеја.
Скопје 2012
Abstract:
The essay Intellectual Journey to Communism and Back follows the intellectual from Central European, who trying to escape his life under totalitarian system, in the pro-soviet regime of former Czechoslovakia, is found in a western town, tempting the body habits, mind and emotions. Revisiting the famous "Slavic sensitivity", the Eastern European pessimism and the Western harmony and rationality, the essay disputes the issue of freedom, the role of democracy and the impact of community and personal morality on the people from Central and Eastern Europe, although perceived by themselves as outsiders in the domain of the European civilization, were often simply dumb victims of its history.
Key
words: Vilikowski, Communism, Capitalism,
Totalitarianism, Liberalism
Comments
Post a Comment