VIRGINA: ЕНДЕМИЧНА МАНИФЕСТАЦИЈА НА ДРУГИОТ ИЛИ ОРИГИНАЛ НА ФАЛСИФИКАТОТ | ГРУПЕН ПОРТРЕТ (КУЛТУРОЛОШКИ И ЛИТЕРАТУРНО-ТЕОРИСКИ ЕСЕИ), 2007
Сознанијата до кои дојдов пишувајќи го овој есеј, ме поттикнаа на размислување дека етнопатријархалните заедници на Балканот развиле специфичен однос кон феноменот на кој му го посветувам ова истражување. Додека за едни тој останал табу-тема, кај други претрпел чудни модификации. Во тоа ме увери и една интересна хипотеза која сугерираше дека, наспроти контактите со културната историја и етнографијата, трансвестизмот во рамките на словенскиот фолклор бил доживуван како „натолошка појава“. Таа не само што отворила серија прашања за хермафродизмот и промената на полот, туку навлегла и во областа на психопатологијата. И додека причините за половите метаморфози – случаите кога женски индивидуи стануваат машки – фолклорната уметност ги толкувала како ирационални феномени и проклетства, културолошките и социолошките истражувања денес, детектираат во нив реален балкански феномен.
Што се однесува мојата вообичаена истражувачка траекторија, таа најчесто се потпирала врз литературно-теориски теми и техники кои, горе-долу, успевале да го задржат моето професионално љубопитство, но провокативната содржина на оваа деликатна проблематика, поттикна специфичен „археолошки“ праксис околу размислувањето за една филмска приказна. За што станува збор? Фокусирана врз ликот на едно таа-момче, приказната на режисерот Срѓан Карановиќ ја отвора темата за подредената положба на жената, во услови кога патријархалните закони го попречуваат развојот на нејзината биолошка женскост. Имено, откривајќи го генотекстот на сценариото врз кое работела режисерската фантазија на Карановиќ, филмот насловен како Вирџина расправа за конфликтот на две перспективи: едната го следи паганскиот обичај во кој вирџините (тобелиите) немаат ниту право на избор, ниту пак, надеж дека ќе можат да си го повратат загубениот пол, а другата го покажува настојувањето на девојката-трансвестит да го реафирмира својот потиснат женски идентитет. Но, филмската верзија на овој необичен феномен не сигнализира никакви нарушувања во хегемониските родови конструкции. Таа само опишува извесни древни конвенции, сврзани со култот на самоодржувањето над кои лебди митот како заштитник. Тоа ме поттикна да размислувам за половата метаморфоза, но опасностите од потрагата по овој феномен ме освестија на време. Иако чувствував недостиг од емпирија, што би можело да изнедри редица шпекулации за ритуалите на нашите балкански предци, ме крепеше помислата дека би било сосема коректно ако своите лимитирани сознанија за оваа деликатна и по многу нешта контроверзна форма на женско-машки трансвестизам, ги насочам кон толкувањето на имаголошките заблуди и родовите стереотипи. Така и сторив.
Балканска инверзија
Во балканската институција позната како „преоблекување на жена во маж“, Западната цивилизација видела една од најнеобичните пракси со кои се сретнало човештвото, воопшто. За тоа постојат и илустрирани патеписи од познати европски мисионери-фотоетнографи, кои во втората половина на деветнаесетиот и почетокот на дваесеттиот век решиле да ја информираат европската јавност за овој необичен балкански феномен. Инаквоста која била забележана и потенцирана од „цивилизираните“ објективи на нивните фотоапарати, била толкувана како праисконско, по малку диво, варварско и примитивно обичајно право кое ја откривало специфичната положба на балканската девица. Нејзиното преправање во маж сигнализирало дека станува збор за чудна и несекојдневна појава: маскулинизирана и вооружена жена која низ призмата на западниот објектив била доживеана како егзотична манифестација на отелотворениот друг. Но, една современа имаголошка перспектива би можела да прочита денес, извесна точка на допир, можеби обид за културолошка средба меѓу цивилизираниот Запад нецивилизираниот Исток, но секако настојување за надминување на културните, етничките и религиозните стереотипи.
Сепак, разликите кои отсекогаш го поларизирале светот на машки и женски генетски код, створиле доволно предрасуди за родот и статусот. И додека претставниците на западните култури, феномените трансвестизам и трансексуализам го доведуваат во врска со субјекти кои за посакуваниот идентитет се подготвени да ги прекршат социјалните норми на однесување, за некои локални култури на Балканот овие феномени стекнале сосема легитимни импликации. Но дали родовата инверзија ќе се сфати како сигнал за специфична ментална структура, или ќе се доживее како аномалија, е прашање кое бара стручна експликација. Затоа, пред да се впуштам во авантура која нема да игнорира ниту една претпоставка, ќе се обидам да го прецизирам културниот и социјалниот контекст во кој се формирал овој феномен.
Доверена машкост
Во одредени етнички средини на Балканот, поради специфични животни околности, заветот на целибат се доживувал и прифаќал како социјално оправдана појава. Без оглед што тоа подразбирало дискретни поместувања во вертикалниот статус на локал-патријархалните заедници, тие никогаш не ја сецесионирале одлуката на семејството или желбата на девојката, остатокот од животот да го помине како маж. Напротив, промовирани како вирџини (тобелии), новосоздадените идентитети биле молчешкум „дисциплинирани“ во постојниот диморфичен родов систем, „истиот оној кој ја зајакнувал нормативната хетеросексуалност и буржоаскиот брак – вредности признати и во Западна Европа“, пишува Александра Ѓајиќ-Хорват во есејот под наслов „A tangle of multiple transgressions...“, објавен во списанието Anthropology Matters Journal, 2003/N.2, (http://www.anthropologymatters.com).
Но, ако се запрашаме кои биле причините за оваа премолчено одобрена логика, ќе треба да појасниме неколку важни нешта. Имено, традицијата заколнати девици (вирџини), една од најстарите и најчудните појави на Балканот, секогаш била во тесна врска со уште едно старо обијачно право - крвна освета /вендета/. Добрите познавачи на овој феномен го лоцираат и денес, во планините на северна Албанија или оние на Косово и Метохија, но за волја на вистината би можел да се сретне и во некои зафрлени места на Србија и Црна Гора, области во кои најдолго се одржал родово-племенскиот статус на заедниците. Тоа покажува дека двата феномена не се однесуваат на една, туку на различни етникуми, а конфесионално покриваат три религии: православната, католичката и муслиманската. Станува, всушност, збор за влијателната улога и моќ што ја имале оние патријархални заедници во кои сосема природно можеле да прозвучат реплики од ваков вид: на прашањето колку деца има, домаќинот одговарал: „Едно дете и... шест чупиња“ или „Две машки и, да простиш, четири женски“. Во една таква, ултра-машка култура, сосема логично било едно од мноштвото женски деца да биде вклучено во моделот на „наративна прогресија“, оти според фалусната логика на патријархатот, семејствата без маж се како тело без глава. Само машкото потомство му овозможува на семејството да опстои по патријархална линија. Оттаму, за да се спаси честа на куќата, се избирало женско дете кое се одгледувало и воспитувало како маж, но тоа никако не можело да значи дека бил допуштен реципроцитет. Спротивната постапка би претставувала срамна загуба на семејниот статус, една специфична социјална и економска катастрофа за заедницата, воопшто. Така, преземајќи ја улогата на патер-фамилија, вирџината била пинудена да го отфрли својот род, па во институционализираната инверзија на наметнатиот пол да манифестира и соодветна појавност: истрижана коса, носење машка облека и избор на име кон кое женската популација покажувала патријархален, а машката рамноправен третман. И додека некои вирџини едвам успевале да се носат со доверената машкост, други сметале дека е најголема навреда да бидат третирани како жени. Прашање е само, дали контрадикторноста на овие перспективи не крие некакви тажни судбини?
Доволно е само, да се сетиме дека за Западната цивилизација природата беше „женски“, а културата „машки“ принцип. Но, за поширокиот балкански хронотоп, мачо-мажите беа природа, а жените култура, што значи дека овој ендемичен феномен поседува моќ за продуцирање на една поинаква матрица. Станува јасно: се работи за една архаична, рурална и фалусоидна логика, сосема спротивна на европската култивирана, урбана и феминизирана перспектива, за која балканскиот, примитивен и брутално машки свет не бил ништо друго освен нејзиното алтер-его. Во „темениот вилает“ на Европа, доместикацијата се сметала за природна постапка во одржувањето на хипермаскулинизмот, или, во најмала рака, специфичен и чуден начин за продуцирање на една нова категорија, Homo Balcanicus, како потврда на тезата дека родот не е природен туку, пред и над сè, културно конструиран концепт. Се разбира, ова се само претпоставки, без цврсти докази. Сепак, ќе провериме една од нив.
Оригинал на фалсификатот
Родот е стилизација на телото, велеше феминистичката теоретичарка Џудит Батлер, но во поглед на споменатиов феномен нејзината дефиниција би можеле да ја парафразираме вака: во ригидните и регулаторни системи на ултра-машки ориентираните култури на Балканот – покрај вообичаениот начин кој ги подразбирал есенцијалните родови идентитети – родот се манифестирал и преку специфично стимулирање на повторливи дејствија, чија крајна цел не било да се направи пародија на машкиот пол, туку да се произведе негов супститут. Затоа и може да се каже дека, облекувањето машка облека, кратењето на косата, употребата на лулето и тутунот, носењето оружје – сите традиционални мачо-гестови што ги манифестирала една вирџина – оделе во прилог на патријархалните концепции кои заговарале специфична имитативна родова структура. Таа никако не можела да се вклопи во логиката на западноевропската перспектива, оти не било јасно дали крајната цел на овој ендемичен феномен било да се произведе „род“, некаков „трет“ пол, или, работите, можеби, стоеле поинаку?
Сите одговори на овие прашања треба да го имаат предвид фактот дека за локалпатријархалните балкански заедници, вирџините биле невидливи но подразбирливи. Затоа нивниот трансвестизам не би можел да биде третиран како резултат на двојна инверзија. Велам двојна, оти ја имам предвид удвоената позиција на вирџината која истовремено била и објект на набљудување и субјект на дејствување – субјект кој требал да ја покаже преформативната природа на својот нов идентитет. За нив, воопшто не било важно дали вирџината навистина има тело на маж, туку дали на чело на семејството има некој кој може да застане „како маж“ и да ја преземе улогата на патрон. Се разбира дека токму силата на дискурсивната матрица го имала овде главниот збор – истата онаа која со премолченото доделување име, статус и глас, од безимените и безгласни балкански девици создадавала субјекти со специфичен општествен статус – што наведува на заклучокот дека се работи за една ендемична, но парадоксална субјективизација, за специфичен вид автоколонизација. Еве зошто.
Управувана од својот непоколеблив дисциплински режим, водена од идејата да обезбеди машко потомство, макар и по цена на неповратно потиснатата природна сексуалност, заедницата покажувала дека е подготвена да изврши инвазија врз телото на балканската девица. Но иако успевала да го скроти нејзиното тело, не постоела никаква гаранција дека можела да интервенира и во нејзината душа. Затоа некои вирџини својот нов психички идентитет го доживувале како трагедија, а секој обид да му се спротивстават на тоа настојување, завршувал во зоната на несвесното. Така телото на балканската девица станувало жариште на кое за сметка на разурнатиот биолошки женски, воскреснувал друг - перформативен машки идентитет – принуден да го прифати новото име кое гарантирало социјална егзистенција.
Тоа било причината поради која, долги години, овој ендемичен балкански феномен не успевал да се вклопи во моралниот и политичкиот концепт на Западот. Во премолчено-одобрената адаптација на жената во маж, тој препознавал една од мноштвото аномалии на системот кон кој проектирал архаична перспектива. Сепак, не смееме да го занемариме фактот дека се работи, всушност, за специфично сфаќање на два клучни аспекта – од една страна биолошката (природната) категорија пол (sex), а од друга – културната (социолошката) категорија род (gender). Затоа, и може да се прифати тезата дека нашата анатомија не зависи од нашата судбина, дека во креирањето на половиот и психо-социјалниот идентитет на субјектот, важност добиваат и некои вонтелесни фактори.
Сепак, дискурсот на моќта (во сучајов, дискурсот на патријархалната моќ) не формира само родови. Тој ги одредува и начините по кои се формира полот, сите духовни и соматски сили што можат да повлијаат на неговото формирање. Тоа нè води кон заклучокот дека родот и полот не се резултат на избор; тие се нешта што можат да бидат конструирани, нешта со кои управуваат силите на моќ поддржувајќи ја, понекогаш, и нивната трансформација.
Примерот со балканската вирџина е конкретен доказ дека културните значења на овие категории не секогне секогаш се совпаѓаат со биолошките одлики на мажот и жената. На тоа, веројатно, мислел и Жак Дерида кога рекол дека природата не постои: постојат само нејзините ефекти, натурализацијата и денатурализацијата. Мојов есеј беше само скромен прилог во расветлувањето на нивната манифестација, врз примерот на еден необичен феномен во исчезнување.
(2004)
Comments
Post a Comment