БАЛКАНСКОТО ЈАЗИЧНО БОГАТСТВО И ЛИНГВИСТИЧКИОТ ПУРИТАНИЗАМ КАКО ЛИЦЕ И ОПАЧИНА НА КУЛТУРНАТА ДРУГОСТ (Балканвавилонци на Луан Старова) | ДИСКУРС И ЕКСКУРС (ЗА КНИЖЕВНОСТА И КУЛТУРАТА), 2017
Како метафоричка слика за јазичните недоразбирања – содржани во тезата дека секое „чистење“ на јазикот од семиотичките наслојки на Другиот, може да биде погубно за различните етницитети и за нивниот соживот – романот Балканвавилонци на Луан Старова се занимава, всушност, со прашањето дали јазиците навистина го одразуваат чистиот национален и културен идентитет, или ја покажуваат можеби неговата хибридност, отсликана во распнатоста меѓу Истокот и Западот, љубовта и омразата, среќата и тагата на балканските идентитети.
Базирана врз една ретроспективна гледна точка, наративната трансмисија на овој роман е дадена низ еден дијалошки клуч, кој преку минимум настани а максимум енциклопедизам, пружа богата археолошка слика за балканската етно-лингвистика и нејзината историја. Станува збор за разговорот што во меморијата на омнисцентот (детето-наратор) го водат двајца случајни покер-пријатели, лингво-зналци и своевидни аристократи по дух, залдисани во потрагата по причините за јазичните недоразбирања на проклетиот ни Балкан. Тие се на нијат да направат речник на источните заемки, длабоко вкоренети во нивните јазици, откривајќи го балканскиот вавилонски синдром олицетворен во идејата дека не постои тотален мајчин јазик, дека секој јазик има свои темни зборовни зони кои токму поради својата непреводливост, дејствуваат всушност како „претпоставки“ за идентитетот.
Следејќи ги идентитетските приказни на двајцата собраќа по судбина и книги – едниот христијански и мистичен, другиот исламски и прагматичен – нараторот на романот Балканвавилонци промовира една специфична гледна точка – „од работ на видното поле“, застапувајќи ја тезата дека културното наследство не е природен ентитет, туку конструкција која мошне често зависи и од дискурсите на моќ. Тоа води кон заклучокот дека идентитетот не е само културен производ (вистина, културата игра огромна улога во неговото формирање и самодефинирање, таа е важна алка во одржувањето на неговата стабилност), но идентитетот е, истовремено, и резултат на наметнатата несигурност што доаѓа од „надворешниот“ геополитички простор, обележан не само од културните промени во времето, туку и од историските, социолошките и идеолошките случувања во него.
Имено, како интелектуалец од западна провениенција – франкофил, но и антифашист, учесник во Шпанската граѓанска војна – ликот Климент Камилски е докторанд на париска Сорбона, кој поради идеолошките несогласувања со режимот во сопствената држава бил прогласен за информбировец, па минал низ пеколот на голиот остров на смртта. Неговата дисертација од областа на педагогијата добила забрана за печатење во родната земја, не само поради приврзаноста кон (про)советската педагогија, туку и поради изразените (про)западни културни погледи и ставови. Опседнат со сопствениот лингвистички универзум, а под постојана присмотра на режимот, овој Дон Кихот со „западно“ ориентиран културен код, сонува за библиотека „со ѕидови од книги, како отворени граници кон бескрајот“ (2014: 40), во која се скриени клучните идеи за Балканот.
Другиот собрат „по судбина и книги“, Таткото на наративниот јунак, е дипломец по шеријатско право и исламска филозофија, „откорнатик во туѓа земја“, кој по многуте семејни преселби и премрежиња се нашол во Институтот за национална историја во Скопје, каде што работи како толкувач од османотурски на македонски јазик. Убеден дека „во зборовите на народите со мешана судбина, се кријат енигмите на балканската историја“ (2014: 383), овој Дон Кихот од Истокот, е опседнат со идејата да напише историја за Балканот, проследувајќи ја неговата судбина низ подемот и падот на моќните империи што минале низ него. Според принципот на „глобални метафори“ тој ќе ги групира книгите во тематски подрачја, трагајќи по тоталитетот на балканските историски процеси и тајните на исчезнатото османско време.
И покрај разликите во етничките, културните и конфесионалните погледи и уверувања, и двата лика од романот на Старова го претставуваат всушност гласот на потиснатиот native informant, маргинализираниот субјект на историјата, слика и прилика на „малцинските идентитети“ на Балканот. Ставени така, на духовните маргини од општеството, залдисани по ретките книги и ракописи од своите семејни библиотеки, овие културни номади во одложена потенција, ќе се впуштат во потрага по алхемискиот клуч на Балканот, спасувајќи го од токсичните идеи што ја контаминираат среќата на нивните потомци. Така, отфрлајќи ја желбата за приспособување кон тоталитарната идеологија и прегрнувајќи ја осаменоста како своја судбина (со која го анулираат, всушност, чувство на отфрленост и несфатеност во општеството), Таткото и Климент Камилски ќе тргнат во потрага по излезот од балканскиот лавиринт. Едниот сонувајќи го западниот, другиот источниот сон, но и двајцата опседнати со слаткиот порок – љубовта кон книгите – таа примарна „точка на допир“ која во нивното меѓусебното препознавање и уважување ќе стане специфичен genus proximum, благодарение на кој ќе се обидат да ги декодираат културните проникнувања на Балканот, засведочени во неговото богато јазично наследство.
И така, по углед на придружниот „Речник на излитени идеи“ од прочуениот роман Бувар и Пекише (1881) на Гистав Флобер, ќе состават тие своја „Листа на (без)опасни османскотурски заемки во балканските јазици“, детектирајќи ги на тој начин не само невралгичните точки во јазичната и културнатамеморија на овие простори, туку промовирајќи една специфична хуморна димензија, со која ќе покажат колку е, всушност, „голема ироничната моќ на литературата, а безгранична на глупоста“ (2014: 172). Но ако Флоберовите книжевни јунаци беа тажна гротеска за просечноста и глупоста, „балканските вавилонци“ на Луан Старова се одраз на мудроштината присутна во балканскиот човек низ вековите, или барем оној што станал свесен дека опсесивната потрага по „чисти“ јазици и идентитети, е само типичен и совршен облик на утопија.
Тргнувајќи, значи, од претпоставката дека јазиците на Балканот содржат „(без)опасен“ зборовен потенцијал, притаен во (не)пожелните османско-турски заемки што се „огрешиле“ некогаш во историјата, тие ќе се раководат од личниот одбир, но и од убеденоста дека секоја старо-нова идеја за поместување на балканските граници – кои и онака, со векови наназад, „ги оградуваат и изолираат луѓето и нивните семејства“ (2014:66) – би можела да го (ре)активира нивниот притаен потенцијал, уништувајќи ја среќата на идните поколенија. Затоа, избирајќи ја катахрезата како моќно средство на умот против трагизмот на Балканот, овие наши Дон Кихоти ќе се обидат да ги ослободат „туѓите“ зборови од драматичноста на историјата, па вкрстувајќи ги западно-источните аргументи во толкувањето на нивната смисла, да го минат „балканскиот јазичен Рубикон“, длабоко уверени дека „ќе дојдат други времиња и луѓе, слободни во толкувањето на минатото врз основа на митовите и легендите, кои ќе ја припитомат насилничката историја... помислувајќи на иднината на своите внуци, а не на минатото на своите предци...“ (2014: 275–276).
Во извонредниот поговор кон романот Балканвавилонци, кој речиси и да не остава простор за никакво надополнување, Венко Андоновски го застапува мислењето дека слично на Платоновите дијалошки јунаци, Хермоген и Кратил, и нашиве балкански лингвозналци расправаат за вистинитоста на зборовите, прашувајќи се постојано „дали тие вистинито го одразуваат она што го означуваат?“ (2014: 488). Укажувајќи на важноста од разградувањето на тоталитарните премиси при формирањето на културните и националните идентитет на Балканот, Андоновски всушност ја извлекува основната теза од романот на Старова, за кого што идентитетот не е само своевиден културен атрибут, туку и субјект на (и во) постојана промена – „недовршен проект“, ослободен од мочуришните наслојки на историјата.
За да го илустрирам ова становиште, ќе се повикам на едно интервју во кое, засведочувајќи ја својата размисла за јазиците како „отворени“ а не замандалени капии, авторот на Балканвавилонци го вели следново: „Верував и верувам дека јазиците во некоја повисока, митска или реална инстанција се прелеваат еден во друг. Никогаш во животот немав причини својата јазична етика да ја приспособувам на притисок на конјунктури од една или друга страна. Така верував и така верувам. Затоа, често и велам дека најдобро заклучените врати се отворените врати. Јазиците се, всушност, отворени врати…“ (http://republika.mk/69492).
Оваа констатација само го засилува впечатокот дека тоа што обично се нарекува внатрешна хегемонија на идентитетот, не е природен/есенцијален, туку конструиран „чин на затворање“, сосем спротивен на логиката со која Старова ја гради својата замисла. Како што покажува и овој роман, тој наметнат „чин на затворање“ е незамислив без вечната желба за отворање, без потрагата по делот што недостига – по конститутивната надворешност – неопходниот „вишок“, зафрлен некаде на идентитетските маргини на балканскиот субјект. Затоа е важно да се прави дистинкција меѓу идентитетот (како сеопфатност) и идентификацијата како процес на над(о)градување. Имено, како и сите означителски практики, и идентификацијата зависи од différАnce-от и од играта на означителите. Дејствува преку разликата, ѝ се покорува на логиката „повеќе-од-еден“. Таа е дискурзивен перформатив кој трага по изоставеното, по она што останало од другата страна како „конститутивна надворешност“ на субјектот за кој говори и Стјуарт Хол (Stuart Hall), во есејот „Кому треба идентитетот?“ (Hall, 2001: 216–2019). Од тие причини, веројатно, и романот на академик Старова го доживуваме како роман за балканските субјекти конструирани низ наративот на својот „недостаток“ кој од една (само) критичка и нужна дистанција, единствено и може да го рекуперира нагризениот субјект на „Другиот“, нудејќи модел на автентично (само)разбирање.
За да бидам појасна, ќе се обидам да го илустрирам ова со еден сегмент од романот. Зборот курбан – една од стоте османско-турски заемки одомаќинети кај балканските народи, а селектирана од нашите Балкан-вавилонци како потенцијално опасна лексема – значи „ритуалната жртва што се принесува во чест на Бога“. Како обред на жртвување, курбанот е карактеристичен не само за јудејството, туку и за православието и за исламот, па може да се каже дека се работи за регионален феномен со тажна балканска судбина и длабоки корени во историјата на балканските народи. Во романот се вели дека уште пред падот на Османската империја, на Балканот била „распространета мислата за трагичната судбина на курбанот, односно жртвата, која насекаде на Полуостровот и надвор од него прераснала во култ. Некои говорат за Балкан-Курбан. Нема балкански народ кој не се повикува во историјата на својата курбан-судбина, жалејќи што се нашол помеѓу бедемите на Западот и Истокот...“, вели еден од јунаците на овој роман (2014: 273). Низ разговорот за спорните лексеми, двајцата наши Балканвавилонци доаѓаат до заклучокот дека Балканот би можел да се ослободи од самокурбанот, тогаш кога луѓето што живеат на овие простори, би ги прифатиле разноликостите како заедничко културно богатство. Оттаму и клучното прашање во романескната нарација на Старова – дали, навистина, културните идентитети на Балканот се „есенцијално“ различни? Ако се толку различни, дали се меѓусебно преводливи? Кога и на која точка од патот на нивната идентификација, имаат тие најмногу изгледи да прераснат во идентитет/и? И, може ли, воопшто, да се зборува за стабилни културни идентитети, или се тие само конструкции? Во споменатиот есеј „Кому треба идентитетот?“, Стјуарт Хол пишува: „не е толку важно кои сме, ниту од каде сме, туку што можеме да бидеме, како сме репрезентирани и како таа репрезентација влијае на самите нас“. Овој британски теоретичар на културата го застапува, всушност, мислењето дека идентитетите се конституираат во процесот на репрезентацијата. Тие не зависат толку од „измислувањето на традицијата“, колку од самата традиција на која не би смееле да гледаме како на „бескрајна повторливост“, туку како на „менувачка непроменливост“. Секако, „тоа не значи повик за враќање кон корените, туку помирување со идните наши чекори...“, пишува Хол (Hall, 2001: 218), свесен дека идентитетот не е есенцијален, туку стратешки поим кој нема стабилен семантички живот зашто не е единствен, туку фрагментиран и распарчен, и никогаш сингуларен, туку умножувачки, сочинет дел од различни антагонистички дискурси и практики што постојано се вкрстуваат меѓусебно. „Идентитетот е субјект на радикална историзација, постојано во процес на менување и трансформирање“, вели Хол (2001: 218).
Потенцирајќи ја дијалошката матрица во романот Балканвавилонци, како ефикасен начин на запознавање меѓу „имагинарниот балкански запад и имагинарниот балкански исток, имагинарното христијанство и имагинарниот ислам“ (2014: 439), Венко Андоновски констатира дека книгата на Луан Старова не е само жестока критика на денешната глобализација, туку и критика на јазичниот империјализам (2014: 491). Користејќи ја синтагмата „лингвистички империјализам“, на еден суптилен и мудар начин тој ја критикува, всушност, Хантингтоновата идеја за „судирот на цивилизациите“ (the clash of civilizations), но овој пат низ „судирот на јазиците“, проблематизиран во романот на Старова преку контроверзната деветнаесетовековна идеја за создавање вештачки трансјазик – познат како есперанто – пресликана и во балканскиот синдром на јаничарството, како заедничка судбина на народите од овие простори, или поточно како „метафора за насилното одродување на Балканот“. Оттаму можеби и потребата кај Андоновски и Старова, преку репрезентацијата на „малцинските“ идентитети во романот, да го артикулираат спојот меѓу универзалното и партикуларното, промовирајќи го космополитизмот како (на)чин за помирување меѓу глобалното и локалното, избегнувајќи ја при тоа вешто често употребуваната синтагма „иманентен балкански трагизам“.
Еве што вели Старова во споменатото интервју со новинарката Невена Поповска: „Балканот влегува во планетарната ера, со претходната глобализација, со своите неразрешени митови на минатото, со немоќта да ја открие хармонијата меѓу државата и граѓанската хармонија на општеството, со незалечените рани на братоубиствените војни, со лузните на намножените граници, со болните последици на неживеениот историски континуитет на европските институции, со синдромот на постојаното почнување и (само)жртвата. Но, сепак, Балканот влегува и во новата „заедница по судбина“... Колку што побрзо Балканот ќе се ослободи од синдромите на минатото, тој толку побрзо ќе се вклучи во планетарната ‘заедница по судбина’ и ќе се спаси од стапиците на иманентниот трагизам…“ (http://republika.mk/69492).
Како виновник за ова „иманентно“ дереџе во кое се наоѓа Балканот, Старова ја посочува глупоста – таа човечка особина присутна и во идејата за тенденциозното „чистење на јазиците“ – осудувајќи го на тој начин не само лажниот напредок на лингвистиката (ставена во служба на политиките, како честа појава на Балканот), туку и менталитетот на нашиот homo balkanicus, оптоварен со синдромот на „пеколната неслога“, поради што и денес, еве, тешко се прифаќа хибридноста и полифоничноста на балканските култури. Затоа, за авторот на овој роман, вистинската суштина на балканските идентитети не треба да се бара (само) во нивното етничко потекло, туку и во необично длабоките јазични и културни врски, специфични не само за времето на нивното настанување, туку и за денешни дни.
Но, иако лингвистичката романескна мисија на двајцата „собраќа по судбина и книги“, не завршува со пронаоѓање на вистинскиот клуч за излез од балканскиот лавиринт – оти нели „тешко се наоѓа калауз за отворање на бравите на замандалените балкански граници!“ (2014: 478, курзивот е мој) – двајцата наши Балканвавилонци ќе излезат среќни од оваа искрена потрага, поигрувајќи си со многубројните значења што ги накалемиле на себе „туѓите“ јазични заемки, во зависност од jисториските, културолошките и социолошките контексти во кои се нашле. А тоа не значи друго освен потврда на тезата, дека не постојат натрапнички и „опасни“ зборови. Постојат само нивните (зло)употреби. Но, со оглед на тоа дека јазиците се флуидни и транс-гранични феномени, зборовите се јадрата што ги надживуваат сите недоразбирања оти, како што вели нараторот на Балканвавилонци, „додека луѓето од различни нации на Балканот војувале еден против друг, зборовите и граматиките живееле во јазичен сојуз“ (2014: 221).
Конечно, овој роман за заемките е роман за споделените „точки на допир“ во заедничкото културно наследство на балканските народи. Тоа е роман за мемориските капацитети на јазикот воопшто, кој отворено ја застапува тезата дека ако не постојат есенцијални сличности меѓу културите, ако исчезнат позајмувањата и ако продолжиме да зборуваме само за несводливите интеркултурални разлики меѓу народите, културите не би можеле да бидат преводливи. Оттаму мудро употребената синтагма и башка и барабар таа „источна заемка“ карактеристична за сите балкански јазици – ми се чини сосем соодветна за крајот на овој есеј.
Имено, според зборовите на еден од ликовите во овој роман, таа не само што живее во меморијата на балканскиот човек, туку и опоменува дека „не е добро, ниту прифатливо, еден народ да живее изолирано (башка) од другите народи, ниту пак под преголемо влијание од другите...“ (2014: 442). Со други зборови, и башка и барабар изразува состојба на „златна средина“, која пак подразбира да се има усул – макар што „да се почитуваше усулот, Балканот ќе имаше друга историја!“ (2014: 483) – но, истовремено, таа означува и чувство за мера и умереност, еден цивилизациски модел на однесување кој не само што ги негува и чува традиционалните вредности на сопствениот народ, туку ги споделува со сите етнички и верски заедници во регионот. Оттаму, ако за контроверзниот американски политолог Семјуел Хантингтон важеше тезата дека „во војната меѓу културите, губитник е културата“, за мудриот Луан Старова важи поуката според која „во војната меѓу културите, губитник е – човекот“. Во случајов, балканскиот човек.
Comments
Post a Comment