РЕКАМ, КАНДИЛЦЕ НА РОДОТ (поетската магија на Бранко Цветкоски) | ДИСКУРС И ЕКСКУРС (ЗА КНИЖЕВНОСТА И КУЛТУРАТА), 2017



Многумина, верувам, ќе се согласат со констатацијата дека поезијата е допадлива и едноставна кога се чита, но непроѕирна и сложена кога се интерпретира. Таква е поради херметичното, елиптично, но сепак суптилно настојување на поетите да го артикулираат својот когнитивен свет, што ја отежнува рецепцијата на поетската смисла, но во тоа е и привлечноста на лириката, сета нејзина магичност. Едноставна е и сложена, јасна и матна, пивка и горка, резултат на една удвоеност која се вгнездила меѓу мислењето (она „умно молчење“ кај поетите) и нивното пеење (кое не секогаш е идентично на замисленото), оти „поетот што мисли секогаш е далеку од поетот што зборува“, велеше Михаил Епштејн. Сеработи, всушност, зафилозофијана поетскиот чин, за магија на креативноста и дијалогот со неа. Со оглед на тоа дека тие се својствени за дискурсот на поетот Бранко Цветкоски, ќе се обидам, накусо, да ги сублимирам впечатоците од неговите стихови, посегајќи по неколку компоненти важни за неговата лирика. Првата е односот кон животот, филозофијата и Бога; потоа односот кон јазикот и родот и односот кон историската априорност на националниот бит.

Првиот впечаток што ве понесува кога го читате поетот Бранко Цветкоски е елиптичноста на неговиот израз. Една смирена, тивка, кондензирана и сериозна поетска реченица која си направила место за отповеќе смисла, но не и за одвишни зборови. Академик Матевски добро го забележал тоа, кога во поезијата на Цветкоски препознал две, навидум различни поетички постапки. Едната го користи искуството на претходниците, вели тој, а другата – сопственото искуство, благодарение на кое неговата поезија oпстојува како автентичен глас во нашата лирика.

Ќе се обидам да ја надополнам оваа констатација. Имено, додека го читате Цветкоски ве понесува впечатокот дека, иако не постојат неутрални зборови во јазикот, зборови кои не содржат туѓи интенции и гласови, овој поет сепак успеал да го артикулира својот поетски израз, и тоа благодарение на еден „полуглас“, на едно „полумолчење“ кое не само што му претходи, туку и упорно го следи, како блед и невидлив текст што се провлекол низ неговите стихови, прекривајќи ги со тенката патина на една многу важна „немост“. Таа го направила свесен за зборовите што длабоко занемеле во него самиот, отворајќи ги за него портите на креативното. Оттаму и впечатокот дека Цветкоски постојано трага по хијазмите на една поетска медитација, реализирајќи го нејзиното изнурнување... Како во стиховите од „Рекам“:

„Од реката низок тон / Излезен од мрестот / Се качува / Во роса намовната плови / Во устата се свалува / Одрон / Рекам / Сина гргорлива сол / Рекам / Резе преклопено на устијата // И ви реков за песната еднаш / Со молеж не доаѓа / Ниту со милост / И жестокост // Во длабока речна дума лежи / Под јазикот на водата / И нѐ варди / Од нарачан / Од поарчен збор / Рекамот / Синот нејзин // И не отвора секогаш тој“

(Молитвен веј, 1993).

 

Јасно е – не само зборот, туку „фигуративно вообличениот збор“ во поезијата на Цветкоски го отвора патот кон метафоричкиот друг, кон насетениот соговорник во дијалогот што не признава хиерархија меѓу мене и тебе. Затоа, всушност, и не може да нѐ залаже монолошката форма на неговиот дискурс. Таа е само привидна. Полна е со траги од една дамнешна јазичност, што ни дава за право да заклучиме дека јазикот на овој поет како да не е од нашето време. Тоа е оној јазик што си го зборуваме самите во себе, како најдлабока, најскриена навика на нашиот дух да комуницира со минатото, со наследството од нашите исчезнати предци меѓу кои го наоѓаме ние своето прибежиште, зашто, сѐ започнува и завршува со јазикот сочинет од минимум зборови а максимум смисла... Како во „Рекам“... Повторно рекам.

Но тргнеме ли од сознанието дека, како артикулации на смисла и емоции, поетските искази се обраќања во кои не говори само Јас – зашто, свеста е хибрид од другости: од „другото“ (како ние за другите – позиција која е само релативно наша сопственост) и „другото“ (како другите за нас), тогаш тезата за јазикот како отворен ехо-систем во кој, минувајќи низ вкрстените контексти на историјата, зборовите ја живеат својата сегашност, го потврдува мислењето на академик Старделов за овој наш поет, искажано пред дваесетина години: „Духовната и поетска авантура на Бранко Цветкоски – вели Старделов – почнува и завршува во јази кот, сфатен и како средство и како цел (...), толку се тие едно и обединето (...) Кај него јазикот не е голо средство за соопштување, туку самооткривање на битието, она кај него толку згуснато наведување на зборот да ја исцеди од себе и последната смисла... Во неговите песни одѕвонува човековиот искон, човековото проклетство, црната ноќ на неговите темни мори и кошмари. Кај него потиснатото македонско битие пее и се ослободува од самото себеси, од својата фрленост на крстопатите на постоењето, од думаните на неговите историски талкања“.

Затоа, поетскиот јазик на Бранко Цветкоски ја следи линијата од општото кон посебното, од другоста кон сепството како граничен феномен меѓу надвор и внатре. Неговиот поетски јазик не е јазик на еден лирски субјект, туку на мноштво субјекти што успеале да се артикулираат себеси во безвремената комуникација со своите предци. Оттаму, извориште на овој поет е неговото културно наследство, кое, во специфична јазична имагинација, ги кондензирало и историското и митолошкото време, и легендите и преданијата. Во тоа извориште како да се притаила историската меморија на македонскиот човек, за која нашиот поет го вели следново:

„Од далечен наум / од зад умот / се протега и ѕвечи / и името се раѓа / за друзите да знаат кои сме / и какви / и да нѐ довикуваат / да нѐ викаат / да нѐ проколнуваат / и слават – / за да се слави името / да префрла од век во век / да префрла од млекото / во крвта / од крвта во розата / од розата во ветровите / од ветровите во црното мастило / и од таму пак во умот / да ѕвечи / да одекнува / да се враќа / да нѐ збере / и под земја / и на неа / да нѐ има / во словото / о, неразбран, / преподобен оче / светогорски! / Се гласи името / се длаби снагата на родот / останува да свети кандилце / над сиот имот, / епистола жешка / врз мазниот мермер: // едно име – еден род / една тишка – светот дом – / едно е името на светот / едно е името на Едниот / со кого се раѓа / светот / и пропаѓа“

(Од поемата Името. Родот. Имотот, 2000)

 

Името. Родот. Имотот не е глас на една епоха, ниту глас во една посока. Како реверзибилна и надвремена поетска форма, таа е во дијалошки однос, не самo со времињата што минале, туку и со самата себеси. Еве што, во еден сеопфатен и инспиративен осврт за поезијата на Бранко Цветкоски, вели критичарот и поет Санде Стојчевски, споредувајќи го звукот на споменатата поема со ритамот на „Калевала“:

„Колку и да е ветувачки ситуирана во сферата на националното, поемата на Цветкоски е секогаш под- готвена да се измолкне и да зазвучи поослободено, поуниверзално (...) Поетот разбуричкал во сопствената творечка имагинација, во историјата и во огништето на македонските јазични сокровишта, та се кренал столб од искричења, се озвучил упрекот што ни го упатуваа и Прличев и другите големи претходници, и еве една песна, една поема, една култура прави чекор повеќе, чекор поблиску кон сцената на која се опеваат народите...“.

Имено, покрај смислаи вистинитост, дискурсот на Цветкоски има и една специфична историчност. Со оглед на тоа што неговиот поетски јазик е изграден врз аперцептивната подлога на нашите предци, можеме да зборуваме и за една историска априорност, за едно a priori ̧ како распрснатост во времето кое не може да ѝ избега на историчноста, зашто, не станува збор за некаква безвремена структура, туку за едно „историско a priori, како емпириски лик“, вели Мишел Фуко. Тоа ја дефинира дискурзивноста на поетовото постоење – го гради системот од дамнешни искази кои не само што страсно ја обрабиле неговата сегашност, туку ја истакнале и нејзината другост, онаа којашто е, истовремено, и над и во поетот, која го одредува и дефинира, која го потврдува како разлика, како распрснатост што самиот ја создава во стиховите што следат:

„...со години / Ни се повторува таа бравурозна илузија / На нас живите / Востоличени како средиште на светот / И како тврд наслон / Го одбивам блажениот упрек / На мојот стар пријател / Што ми ја покажа „Авеста“ / И никогаш не ми ја подари / Подвикнувајќи: // Ти не си ти / Ти – тоа се другите!“

(„Ме нема во моите мисли“, од Земја за зобање, 2006)


Но колку поетот Бранко Цветкоски го осознал светот преку ( и во) својата поезија? Во едно интервју емитувано на Македонското радио, во емисијата „Траги во времето“, Цветкоски вели дека пишувањето стихови е, истовремено, и „допрашување во самите песни, зошто е таква поезијата“. Но спознанието за поезијата и за светот ја отвора и дилемата за сопственото спознание. Секако, не како банален одговор на прашањето „кој сум јас“, туку како поглед во себеси, како пара-па-тување на лирскиот субјект свртен кон сопствените длабочини во кои би можел да го пронајде своето Јас, ослободено од грижата и од болката, од срџбата и од зависта, од влијанијата на туѓите сепства, една лирска субјективност управена кон бескрајниот и вечен Универзум – кон Бога, како негова бескрајна супстанција, есенција и атрибуција. Или, уште поречито, како „интелектуална потреба да општите со некого, со некоја моќ којашто вие ја немате на земјата (...), важен миг на допрашување за она што вие го правите, што можете и што не можете да го постигнете..., со некого што не можете да го смислите на поинаков начин освен да му се обратите и да ги чекате ефектите на таа молба во некое друго време“, истакнува Цветкоски во споменатиот разговор со новинарката Василка Пемова.

Очигледно е дека поетската визија на Бранко Цветкоски се храни со архетипските симболи од топографијата на неговото детство, која го соочила со феноменот внатрешен поглед. Свртен кон себеси, тој ќе изгради една медитативна лирика којашто нема да ги релативизира претпоставките за елитниот карактер на уметноста, но ќе го наметне прашањето: што е тоа, во нас самите, способно да го надвладее заборавот? Дали е тоа некоја мислечка активност сврзана со филозофијата и со психологијата на животот, или, можеби, некој биографем (како состојба на духот, што го сублимирала неговиот лирски живот)? Еве како резонира Цветкоски по однос на ова прашање:

„Знаете, кога треба да се вратам на моето детство, и мене денес тоа ми изгледа малку нестварно, затоа што и во творештвото и во сегашната меморија одѕвонуваат оние праисконски слики (...). Тоа го има во многу мои песни, се разбира, во форма којашто е софистицирана заради поетскиот говор и заради ритмиката или поетиката на самата поезија, но вака кога се потсетувам може тоа да го крстам како едно чудесно навраќање кон првиот крик, кон првиот плач, кон првото вистинско сознание на светот“.

Јасно е – поетската имагинација на Цветкоски копнее по минатото, по родниот крајолик, по семејните предци, по сите оние моќни фигури што го обликувале неговиот идентитет, поставувајќи го меѓу индивидуалното и колективното. Неговиот лирско-медитативен сензибилитет продуцирал една суптилна поетика којашто ја засведочила наративизираната меморија како специфичен лирски топос од кој упорно ја црпи тој својата инспирација. Во таа интимна зона од времепростор, Цветкоски ги негува корените и битот на македонскиот човек, неговиот историски од, суштината на јазикот, името и културната припадност, возобновувајќи го својот крвоток. Во тој лирски топос, тој ги бара „гените на душата“ за да ја совлада полесно минливоста на животот. Затоа својата песна (и песната на својот народ), ја допева од книга во книга, држејќи ја постојано запалена „свеќата на поетската магија“.

Comments