V. БУКВИТЕ И ГЛАСОВИТЕ (DifférAnce) | ХИПЕРТЕКСТУАЛНИ ДИЈАЛОЗИ, 2004
И тука некаде, по трагите на писмото, го замислив својот аналитички проект, како синтеза меѓу различни теоретичари и нивните концепции. Се разбира, немав намера да ги поништувам или да ги маргинализирам постоечките разлики, само сакав да укажам на меѓусебните влијанија и на идеите кои биле толку големи и моќни што ги надминале просторните и временските ограничувања на нивните писма. А тие, како да беа под постојан притисок на едно архе-писмо кое Дерида го нарече differAnce. И веројатно, го измисли за да го опише индикативното, она кое постои надвор од дофатот на свесната рефлексија.
И како што реков тргнувајќи од трагата, Дерида ја предложи под името граматологија теоријата на текстуалното производство, но не појде од Гласот, туку од Писмото (од знаците), обидувајќи се да го спаси од доминацијата на Логосот менувајќи го, притоа, и неговиот статус од транскрипција во инскрипција на разликите, во едно - несведливо „Друго“. Токму таа „несведливост“, го наведе американскиот литературен теоретичар Мајкл Холвист (Michael Holquist) , да ја види сличноста меѓу двете најпровокативни концепции на 20 век: графоцентричниот деконструктивизам на Жак Дерида и Бахтиновата теорија за „двогласноста на зборот“. Еве што утврди Холквист: „деконструкцијата - велеше тој - е nom de guerre со кој, во поново време, луѓето почнаа да го препознаваат вознемирувачкиот феномен кој Бахтин, инаку не толку гласно, го нарече двогласност, индиректен говор, полифонија и разноречие. Самото differАнце, како нешто што не е 'ниту збор ниту поим' , е идеален пример за она кое тој го нарече збор што се измолкнува“ (Holquist: 1992; 109-111 ; курзивот е мој).
Мислам дека сум должна да појаснам некои работи. Ќе тргнам затоа од differAnce-от.
Изведен од латинскиот глагол differeo, овој неологизам е глаголска именка која не реферира на нешто што постои, туку на она кое не постои во јазикот. Нејзиниот изговор денес, воопшто не се разликува од изговорот на зборот differAnce. Разликата во смислата ја открива само писмото. Имено: „буквата 'a" која го создава овој portmanteau збор, Дерида ја претвори во метафора за првенството на пишувањето, оти изговорениот збор не успеваше да ја изрази разликата меѓу двата (претходни) збора“ (1992; 112), па тоа „а“ мораше да стане носител на темниот (безвучен) глас кој кажува, но не допушта да биде уловен (како и ехото кое исчезнува откако ќе се чуе), кој може да се нарече αλογοσ и кој ја поттикнува дилемата, како да се сфати она што не може да се изрече.
Па, можеме ли, конечно, да го сфатиме алогос-от на differAnce-от?
„Изгледа дека токму овде, во борењето со безвучните гласови - појаснува Мајкл Холквист - Бахтиновиот посебен начин за разбирање на дејствувањето на гласот кој го нарече дијалог, може да ни помогне да го сфатиме дејствувањето на писмото кое Дерида го нарече differAnce“ (1992; 112; курзивот е мој). Заправо, немата иронија содржана во овој необичен поим, му помогна на Дерида да создаде метафора со која не направи свесни за слободата на пишувањето, за играта без почеток и без крај. Се чини дека токму таа го направи јазикот возможен. Затоа, онаа „нечујна“ грешка во графичката слика на differAnce, ме тера да размислувам во насока на неслушнатото, во насоката на непостоечките а сеприсутни гласови. Но штом, го напуштам дискурсот кој раководи со мојата мисла, кој го стеснува значењето, веќе стојам на маргините од метафизичкото категоријално мислење претпоставувајќи ја тивката игра на трагите - на оние препокриени но потсвесно препознатливи траги - и веќе сум... веќе мислам по заобиколните патишта на јазикот.
Каде ме водат тие?
Comments
Post a Comment