ПОНЕКОГАШ СЕ ВРАЌААТ: ПОЕТИКА НА СЕЌАВАЊЕТО

 


Постојат писатели што раскажуваат приказни и писатели што создаваат светови – тивки, меланхолични, опсесивни; светови од сенки и спомени, кои нè потсетуваат дека минатото никогаш не исчезнува сосем. Токму таа нежна, но истрајна грижа кон кревката материја на сеќавањето го обликува творештвото на Димитрие Дурацовски, автор кој одамна не бара посебно претставување.

Неговата книжевност отсекогаш се движела настрана од вревата на моментот. Оттаму не изненадува што и денес, кога мнозина настојуваат да бидат гласни и вирални, Дурацовски останува тивок, длабок и ненаметлив. Неговото писмо нуди интимност, а не сензации. Затоа е тешко да се раскаже, а уште потешко да се реконструира. Оттаму, овој текст нема да биде класична рецензија, туку вовед во еден препознатлив и суптилен универзум, што не завршува со последната страница, туку продолжува да живее во нашите сеќавања, тишини и препознавања.
И со овој роман на Дурацовски повторно сме во Струга. Во белиот излупен бадем што – како внатрешен пејзаж на душата – го видоа некогаш очите на Ребека Вест. Во миризмите и сенките на едно детство и младештво, кое со децении – речиси метафизички – одбива да замине, заробено во сопствената светлина.

Влегуваме онака – Fade In – во семејната куќа на авторот, во која – пред дваесет и пет струшки лета – заедно со писателот Сашо Прокопиев и сопственикот на издавачката куќа „Магор“, покојниот Љупчо Лазаревски, го пиевме свежо свареното кафе што тој ден љубезно го подготви за нас мајка Катјуша... Ама тогаш не знаев дека сум влегла во интимниот архив од спомени, на човекот, чие минато – небаре бледи сенки и далечни гласови – се таложело тивко по ѕидовите на еден сè уште ненапишан роман.
Иако во него авторот се појавува со своето име и презиме, Понекогаш се враќаат не е класична автобиографија. Таа е поетика на сеќавањето во прво лице – носталгична реконструкција на минатото и стилска потрага по изгубеното време, по оние безмалку прустовски простори на меморијата, каде минатото ја сретнува сегашноста и продолжува да живее во неа – како да не познава граници меѓу времињата.

Романот изобилува со лични писма, еден купопродажен договор и неколку електронски преписки, со мноштво фотографии, постери и книги – бесценети траги од еден интимен живот. Вистина, тие не се приложени како факсимили, туку преку компјутерски фонтови што имитираат ракописи и машинописи, создавајќи илузија дека допираме оригинали. Но, таа симулација не е доказ за вистинитост – само дел од играта, во која фактите се стопиле со стварноста што создава живот преку раскажување, замаглувајќи ја границата меѓу сеќавањето и книжевното остварување.

Оттаму, иако е необично интимен и личен, и овој роман треба да се прими како фикција. Не затоа што во него ништо не е вистина – напротив, сè што раскажува Дурацовски е искрено до болка и соголено до коска – туку затоа што вистината не се мери со факти и факсимили, туку со силата на препознавањето што нè обзема. Таму, каде што душа допира душа. Каде совпаѓањата се толку длабоки, што човек почнува да верува дека чита сопствена, а не туѓа вистина.

И своерачниот потпис што писателот го става под цитатот на Мирко Ковач, присвојувајќи ги неговите зборови како свое авторско кредо, оди во прилог на тоа дека вистинитоста е, всушност, „стапица за душевната веродостојност“ на текстот! – не на авторот.

„Ова што следува треба да биде еден вид compendium, една бавна литанија што се протега од ноќ во ноќ и ме оста¬ва буден, бидејќи сеќавањата навираат непрекинато, на оваа куќа која, на овој човек што живее во неа му била доволна и во неа нашол сè што му треба, но човечките неприлики, вели еден философ, доаѓаат оттаму што човек во сопстве-ната куќа не умее да се смири“, нѐ уверува нараторот.

Романот започнува како наративна имплозија, со црно-бела фотографија која сè уште не знае дека е сеќавање – замрзнат миг што не сфатил дека веќе станал минато, архетипски почеток што во себе ја носи сопствената урнатина.

Во центарот на таа фотографија е новоизградена куќа, а пред неа – семејство. Погледите им се вперени кон фотоапаратот, како кон иднина што допрва треба да се живее. Објективот го задржал мигот, обидувајќи се да го сочува животот, но фотографијата веќе ја носи сенката од неговата минливост. Животот и смртта тука се во кревка рамнотежа: она што требало да биде само запис на присуство станало тивок сведок на отсуство, чувајќи го и она што било, и она што ќе исчезне.
И тоа е првата трага – првиот знак дека луѓето, предметите и времињата што ќе ги сретнеме на страниците од оваа книга веќе припаѓаат на минатото. Нивното враќање е можно само преку сеќавањето на нараторот, кој постојано талка низ архивите на семејната куќа – полна со стари фотографии, дребулии и книги – будејќи ги нејзините заспани спомени. Небаре дурацовска, интимна варијација на Прустовата Потрага по изгубеното време, небаре фелиниевски Amarcord на едно детство што се прекршило низ Огледалото на Тарковски, создавајќи замаглени глетки и привиденија што лебдат низ куќата, како на сон.

Но Дурацовски не раскажува само приказна за куќата. Тој создава внатрешно време во кое таа е дом на детството, место на меморијата, интимен пејзаж на семејството – и срце на романот. За него, куќата не е само архитектонски објект, туку личен космос, кожурец и школка, психички резервоар на сеќавањата во кои одново се раѓа и се составува неговата душа. И не е само место во кое се живее, туку битие со кое се живее. Куќата е топографија на интимноста, мапа на сеќавањето: внатрешен архив каде времињата се наталожиле едно врз друго, а живите и мртвите се смириле под ист кров.

Затоа, нема да биде погрешно да се каже дека Дурацовски, всушност, не опишува настани, туку работи со нивните траги. Како да сака да ја сочува аурата на спомените за драгите луѓе и врските со нив, пред тие целосно да исчезнат. Во таа смисла, тој е близок до Марсел Пруст, Ролан Барт и Гастон Башлар.

Ако за Башлар куќата беше простор на меморијата, тогаш за Пруст меморијата е самото време на животот. Не нешто што го паметиме, туку нешто што самото нè наоѓа – како мал, речиси незабележлив тригер што ненадејно го отвора сеќавањето: заборавен мирис на парфем, случајна мелодија на радио, пожолтена фотографија од љубената девојка, или поглед кон дрвото што ја зачувало под својата сенка болката од љубовните спомени... И одеднаш минатото ни е пред очи, како да изникнало од самата сегашност.

Во таа смисла, овој роман потсетува на Прустовата потрага по изгубеното време: не затоа што минатото може да се врати такво какво што било, туку затоа што сетилните искри во ноќта, ја имаат моќта да ја разбудат неговата емоционална вистина. Оттаму, меморијата за Дурацовски не е обично присетување. Таа е неговиот таен, речиси подземен, механизам на враќање.

Затоа насловот на овој роман не е случаен. Тој е токму таков каков што е – Понекогаш се враќаат. Да! Но не луѓето, туку спомените за нив. Оние светлосни траги што – небаре фотони – останале заробени во коморите на свеста. Како тивок шепот што ја буди нивната заспана тага... Како ветер-параклет што се провлекува низ стара куќа, ја придвижува завесата и за миг ни се причинува дека некој сè уште живее таму.

Иако во овој роман нема фотографии и слики како во претходните негови книги, логиката на Дурацовски е длабоко фотографска. На моменти дури и филмска. Целиот текст функционира како огромен, невидлив фотографски албум. Замрзнати снимки што чекаат да се откријат. Или оживеани филмски кадри што ни ја враќаат минатата светлина. Зашто, Понекогаш се враќаат не е само роман што се чита. Тоа е роман што се гледа, роман што се препознава. Што оживува во проѕирните комори на свеста, во нашата мемориска camera lucida, каде зборовите стануваат слики, а сликите – емоции што долго ќе нè прогонуваат.

Би сакала да се задржам сега на две сцени кои, според мене, се најмоќните ментални фотографии во овој роман. Две врежани слики што доаѓаат „од топлите предели на носталгијата“, каде времето се скаменило во сопствената светлина. И во двете се чувствува она што Ролан Барт го нарече punctum во фотографијата – малиот детаљ што нè прободува со својата болна убавина и нè води кон срцевината на сеќавањето, отворајќи пукнатини низ кои минатото повторно влегува во сегашноста. Токму затоа овие сцени се како внатрешни мемориски панели, на кои засекогаш се втиснал светлосниот отпечаток на сеќавањето.

Едната сцена ја опишува љубовната тишина која, како fuga a due voci, се разлеала меѓу родителите додека го пијат утринското кафе. Погледите им се вкрстуваат во тивка возбуда, дланките нежно се галат, а собата пулсира во тивкиот ритам на заедничкото утринско молчење. Секој од овие мали, неми гестови оставил светлосен отпечаток во меморијата на авторот, за повторно да се врати како лајтмотив кон крајот на романот и да нѐ потсети дека во таа совршена едноставност – во тоа мирно совпаѓање на звуците, допирите и погледите разменети со љубов – е зачувана целата вечност во семејната куќа.

Другата сцена е како замрзнат миг од животот. Налактен на кујнската маса, нараторот сонливо ја набљудува мајка си како чита. Сонцето се провлекува низ завесата, а миризбата од ванила, ореви и портокал ја исполнува просторијата, тивко мешајќи се со звукот на виолончело... Сѐ си е на своето место – како светот за миг да ја нашол својата сопствена хармонија.

Ги издвоив овие сцени од романот на Дурацовски за да покажам дека во тие две наративни слики е сочувана логиката на сеќавањето. Мислам на кружното враќање на времето. Како бескрајно ехо на спомени што нè допираат со својата неизбришливост и тивко го обликуваат нашето доживување на минатото, кое никогаш не престанува да се случува. Тоа, секако, не се памети. Тоа се преживува. Како светлосна трага што пулсира низ нас, додека споменот не стане дел од самото дишење на времето.

Ако треба да го изберам сега највпечатливиот момент од романот, тоа, секако, е наративната секвенца во која минатото се враќа како просторна меморија во ѕидовите на домот. Читателот тука не следи класична нарација, туку влегува во режим на свест што потсетува на стара видео-лента, која – речиси физички – почнува да се одмотува наназад. Секој кадар носи своја тежина, а секој светлосен отсечок повторно оживува спомени.

Но не станува збор само за обична ретроспекција. Се работи за внатрешен rewind на меморијата, во кој времето одбива да тече само во една насока. Наместо тоа, се свиткува кон изгубениот миг, а истовремено се отвора кон иднината. Сцената има речиси филмски карактер, но вистинското тежиште тука е судирот на две свести во едно исто сеќавање: свеста на возрасниот Дурацовски и свеста на детето што некогаш бил.

Нараторот, имено, се гледа себеси како дете седнато во автомобилот на покојниот татко, со поглед вперен низ прозорецот. На ѕидот од гаражата, како од внатрешна филмска лента, почнуваат да се проектираат замрзнати слики од минатото. Лентата се премотува, се кине и повторно се составува – во еден аналоген режим на меморија која физички се движи назад низ сопствените траги, откривајќи нови пресекувања на сеќавањето.

Во еден миг нешто необично се случува со времето – како двете перспективи да се вкрстуваат во ист визуелен кадар. Едната е на детето, кое го памети минатото, но сè уште не знае што ќе донесе животот. Другата е на нараторот, кој веќе го знае исходот, но не го заборавил минатото. Филмската теорија го нарекува тоа двојна експозиција – двојно прикажување на сеќавањето. Секој светлосен отсечок од лентата се пресекува со друг. Минатото се преклопува со сегашноста, па двете слики гледаат кон иднината како низ прозорец, споени во истиот филмски кадар, со едно чувство на сеќавање и очекување. 

Ова не е обична мемориска сцена. Ова е визуелна и емотивна топографија на времето. И тука се огледува целата поетика на Дурацовски: литературата е непрекинато будно сеќавање, во кое не гледаме со очите на детето што сме биле, туку со очите на човекот што сме станале. А тоа не е само игра со времето, туку и игра со вистината: детето во автомобилот сè уште не знае дека е спомен, но нараторот знае. И токму од таа разлика во знаењето се раѓа целиот роман. Неговиот богат внатрешен живот ни покажува дека минатото не се враќа такво какво што било, спомените не ја повторуваат својата првобитна форма – тие оживуваат низ очите на оној што веќе ја знае иднината, осветлени од неговото мемориско искуство.

Инаку, романот изобилува со прекрасни епизоди: некои се духовити, други меланхолични, а има и длабоко тажни. Особено се впечатливи спомените што откриваат детали од биографијата на мајката и таткото (оската околу која се врти целата меморија), љубовните страдања и преписката со младата Снежана, годините поминати во ликовното училиште во Скопје, како и средбите со Миро Главуртиќ и Марко Ристиќ – една добро позната, но и безвременска приказна за белградскиот надреалистички круг Медиала. Но нивното откривање нека им припадне на читателите-сладокусци, кои со љубопитност и уживање ќе заталкаат низ внатрешните одаи на оваа необично сензитивна и суптилна книга.
Оттаму, дозволете ми да кажам за крај: постојат писатели кои фантазираат за „големи дела“. Некои никогаш не успеваат да ги напишат. Впрочем, она што го нарекуваме magnum opus не произлегува од амбициите за величие, туку од тивката верност кон сопствените прашања. Како човек сиот живот да длаби на истото место, додека не открие нешто подлабоко од себеси. Како со децении да гради една внатрешна катедрала, а сите претходни книги да биле само темели за нејзиното создавање.

Затоа, по читањето на овој роман, ме обзеде силно чувство дека, за нашиот Дурацовски, magnum opus не е само „големо дело“. Тоа е мала куќа од зборови и сенки, во која човек успева конечно да си го собере расцепканиот живот. Една – не нужно совршена, но доволно вистинита – градба, што ќе продолжи да живее и по неговото повлекување од книжевната сцена: не како творба за крај, туку како метафора за премин кон друга творечка димензија... 

Fade out


Comments