СЛИКАТА НА МОЈАТА ДРУГОСТ (категорија културален идентитет) | ГРУПЕН ПОРТРЕТ (КУЛТУРОЛОШКИ И ЛИТЕРАТУРНО-ТЕОРИСКИ ЕСЕИ), 2007
Лиотар велеше дека постмодерното мислење го ослободува нашиот дух, дека нè прави чувствителни на разликите поради кои секогаш сме Други меѓу Другите. Прифаќањето на предизвиците од ваков вид значи надминување на стереотипите, значи уважување на трансценденцијата, премин отаде границите кои нè разделуваат и оддалечуваат. Една смисла, велеше рускиот теоретичар Михаил Бахтин, може да ги открие своите длабочини само ако допре други, туѓи смисли, само ако започне дијалог надминувајќи ја сопствената омеѓеност. Но, она што ме загрижува мене и што ме плаши, е токму омеѓеноста, нашето упорно настојување да си останеме внатре, во топлите јаслички на своите матични култури, спокојни и безгрижни - макар што одамна сме ги надминале границите на слепилото и глувоста со кои толку лесно ги поттурнуваме од себе проблемите на Другите - игнорирајќи ги влијанијата од самите рабови на нашиот заеднички геокултурен простор. А тој, само што не прераснал во хомогена и моќна екумена...
Но, „настрана глобализацијата – би рекол Ричард Џенкинс – тешко ми е да ја замислам иднината во која поимот етницитет нема да биде неопходен, ако ништо друго барем како начин да се проговори за еден од најопштите и најосновните принципи на човечките општества: колективната идентификација, чувството за Нас и Нив... По таа логика, заедничкото, локалното, националното, па дури и ‘расното’ треба да се сфати само како историска и контекстуално специфична, општествена конструкција..., само како алотроп на етничката идентификација“ (Dženkins; 2001: 78). Преплавена од етницитети, јазици и култури, мојата традиционална вљубеност во разлики ме прави отворена за еден друг, „повеќегласен“ и хетероген концепт. Веќе сум желна за еден поинаков идентитет, културален, таков кој би изникнал од темелите на дијалогизмот од дијалогот во себе, од дилемите на личниот идентитет кој во таа размена на искуства нема да ја игнорира веќе иманентната плуралност на своето сепство.
Самоидентификација
Производ сум на две
култури, на српската и на македонската, но на прашањето за мојата
етничка припадност најчесто одбегнувам да одговорам (само ги поткревам веѓите
исцртувајќи прашалник врз
љубопитните лица на моите соговорници). Веројатно поради чувството на
неомеѓеност со кое во процесот на мојата енкултурација ме обдарила
семејната културна традиција, не можам да се видам себеси во некакви изолирани рамки
– се чувствувам комотно и исполнето само во пресекот на двете мои
одредници. Сепак, кога сомничавите и упорни погледи ја притискаат мојата
малецкавост изнудувајќи го нејзиното самодефинирање, можеби поради јазикот или местото на моето раѓање, најчесто се декларирам како државјанка на Република Македонија,
оти само овде се чувствувам дома.Но, не заборавам дека збогатена со
привилегиите што ги носи мојата хибридност, ја продолжувам семејната
игра – изговарам „јас“ а мислам „ние“ – мислам на сопствената плуралност, на
својата неидентичност и бикултуралност која одбива да говори за
самоидентификацијата без свеста за двојниот генитив и за разликите по
однос на себеси (Дерида; 2001: 15-16). Се прашувате зошто? Еве го
одговорот.
Како субјекти, ние сме производ од влијанијата што ги извршиле врз
нас заедничките вредности на нашите култури: јазикот, името, чувството за
националната припадност. Тие ја формирале базата на нашиот интелигибилен
контекст, темелот на нашата индивидуална автономија која нè
либерализира, но и нè лимитира кон попатните станици на нашето заитано сепство,
решено да стигне таму каде што тргнало уште од своето раѓање – при самото
себеси. Но, само отвореноста за прием и трансформација на вредностите што ги создала во нас некоја
друга, условно туѓа култура, може да нè преобрази во
субјекти-на-себе-трансценденција, одговорни за
Другите-како-наша-зависност, за Другите кои нè прават тоа-што-сме.
„Другиот е оној што ми заповела – вели Зигмунд Бауман – но јас сум тој
што морам да дадам глас на таа заповед, да ја направам чујна за себеси. Тишината
на Другиот ми заповеда да зборувам за него, а зборувањето-за-Другиот
значи поседување знаење за него“ (Бауман; 2005: 157-158). Од тие
причини, веројатно, и не можам да се ослободам од впечатокот дека е особено важно, во контекст на една глобална имаголошка тема, да се преобмисли прашањето за Другиот, да
се истражат хетерогените перспективи кои во мојот генетски код интернирале
фрагменти од „туѓи“ култури и цивилизации. Но, хетерогеноста нема
заеднички идиом. Затоа и не можам да бидам дефинирана преку локацијата на моето
раѓање, само преку моето државјанство или мојот јазик. Јас сум производ
на измешано сепство – живеам на македонско тло, имам српско потекло, обожувам
турска кујна, носам европ(еј)ска облека, потпевнувам ромска музика – јас сум
чуден артефакт, амалгам од разновидни културални влијанија а не продукт
на единствена културна матрица. Ме конституирале различните обичаи, јазици и
литератури – оние ситни, но битни нешта кои одамна веќе ги надминале
националните меѓи – не зависам од никаква хомогена културна рамка, јас
сум дел од еден децентриран, произволен и, фала му на бога, недовршен
лингвистички систем. Затоа сум и таква: фрагментарна, несовршена и недовршена.
Живеам на рабовите од мојата сопствена раскрсница. Територијата на моето
сепство е територијата на сите мои внатрешни јазици (Лиотар).
L’ autre cap
Ја читам Хони Ферн Хејбер. Нејзината критика на постмодерната мисла ме дефинира како „наратив со отворен крај“. Сум се развеала, тврди таа, во лингвистичкиот синџир на бесконечните интерпретативни можности, за да го разберам Другиот, за да го сретнам. Велат, релацијата кон Другиот е релација на мистерија. И навистина: кога размислувам за него, за оној асиметричен Друг, јас стравувам да го замислам, оти според логиката на Левинас, Тој никогаш не е само алтер его. Другиот е она коe јас никогаш не можам да бидам.
Ме
загрижуваат стереотипите. Понекогаш дури толку ме плашат што заборавам
дека мене никогаш и не ми било тешко да ја пречекорам границата: требало
само да погледнам во себе, во исцртаниот граничник од креда кој ме
разделил од Другиот, од Другата во мене, од мојот алтеритет, за да ја
почувствувам привлечноста на живеењето „покрај“. Затоа секогаш кога станува збор за концепти од типот на културалниот идентитет, станувам свесна за искуствата на Другиот, оној кој ја направил хетерогена сликата на моето општество. А тоа, бавно но упорно ги надминува поделбите од стилот Ние-Тие и развива широк културолошки дијалог, зашто,
нашиов хибриден хронотоп – каде што отсекогаш имало премногу историја а
премалку географија – е како создаден за надминување на примордијалната
„културна чистота“. Зарем грижата за културните специфики на ова балканско поднебје
(мноштвото јазици, традиции и верувања), не е и најдобриот начин за
легитимирање на сопствената нација?
Отсекогаш ме ужаснувала помислата на субалтерноста. Можеби
поради сознанието дека, не ретко, под маската на загрозеност и потиснатост,
таа знаела да биде сурова осветничка која оптоварена од имаголошките
заблуди и културолошките стереотипи, успевала да произведе криза во
идентитетот, па од позиција на „воинствена другост“ да ја мистифицира
дури и актуелната стварност. Нејзината „племенска“ логика редовно ме
става во неудобна, шизоидна позиција: дали јас, како локален субјект на
ова хетерогено поднебје, треба да им се потчинам на меѓусебните дисквалификаци,
на нечии историски фрустрации, или сум решена веќе, во сопствената
Различност, да ја препознаам културолошката конструкција на нашата „внатрешна другост“,
оти крајно време е да ги отфрлиме тврдокорните механизми на отпор и да
ги напуштиме антагонистичките претстави за инаквите од нас.
Едно е сигурно: никој не би сакал да се види себеси како нем и безличен објект, осуден да ја носи „другоста“ како лепрозна јамка околу вратот. Затоа ние, схизматичните субјекти од овие простори, полека но
сигурно, стекнуваме свест дека сме само жртви на една агресивна. феноменологија
која времето одамна ја прегазило, па колку и да звучи романтично,
прифаќаме дека антагонизмот не постои, дека ништо не е толку
антагонистично како што изгледа. Она што навистина постои е плуралноста
која му допушта на Другиот да биде различен од мене, да биде Нештото кое нема
да посакам да го изгонам надвор од себеси, оти она што е надвор е, истовремено,
и внатре и не ми е туѓо, туку интимно (Иглтон). Затоа, не смееме веќе да се
оптоваруваме со чувството дека мораме да ја чуваме меѓата меѓу нашиот и туѓите
светови, оти таа ни одблизу не е толку апсолутна како што изгледа. Ајде да
замислиме дека сме „некој Друг“. Да го замислиме Другиот и да го
започнеме бесконечниот процес на идентификација кој ќе ни овозможи да ја поместиме границата на која се наоѓаме –а на која не смееме
да останеме – зашто, во својата внатрешност, сите ние сме разлика. Нашиот ум е разлика од дискурси, нашето Јас разлика од маски, вели Фуко, а таа разлика го допушта она прекупотребно
мноштво, доволно силно да ја оспори хуманистичката претстава за единствениот, индивидуален, кохерентен и постојан идентитет, од овие простори.
Затоа, наспроти моќите на „уништувачкиот егоцентризам на Истото“ што ни го наметнуваат постојано некои ограничени умови, да го прифатиме искуството на Другиот,
искуството на „отворените субјекти“, на оние кои во процесот на
сопственото осознавање како Разлика ќе станаат конститутивен принцип на
еден хетероген културален идентитет. Тогаш, ако нашето Јас
имплицира состојба, Другиот нека имплицира настанување кое нема да го игнорира
и маргинализира поривот да се говори за себеси, за своите култури и
разлики. Само така ќе се ослободиме од лошите духови што нè прогонуваат,
што ни ја замрачуваат сликата на Другиот – неопходниот и важен сегмент
во креирањето на нашот културален идентитет, во афирмирањето на нашето
подзаборавено сепство.
(2004)
❤️
ReplyDelete👏🏼
ReplyDelete💕
ReplyDelete